Бизнис

Министерство за енергетика: Повеќе од двојно e зголемена наплатата од концесии

Преземаме конкретни мерки за повисоко вреднување на природните ресурси, доследно исполнување на концесиските обврски и поефикасен надзор во рударството. Зголемени се концесиските надоместоци, наплатата во 2025 надмина 1,2 милијарди денари, евидентирани се 53 раскинати концесиски договори, а во 2026 инспекцискиот капацитет е зајакнат со тројца дополнителни инспектори, соопшти Министерството за енергетика.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини презема конкретни мерки за повисоко вреднување на природните ресурси, доследно исполнување на концесиските обврски и поефикасен надзор во рударството. Зголемени се концесиските надоместоци, наплатата во 2025 година надмина 1,2 милијарди денари, евидентирани се 53 раскинати концесиски договори, а во 2026 година инспекцискиот капацитет е зајакнат со тројца дополнителни инспектори.

„Со новиот Тарифник, во примена од 1 јануари 2025 година, кај металичните минерални суровини концесискиот надоместок е зголемен од 2% на 4%, а кај мермерот од 1% на 5%. Со овие измени се зголемува финансиската обврска на концесионерите за користењето на природните ресурси, како и придонесот што државата го остварува од нивната експлоатација.

Вкупната наплата од концесиски надоместоци во 2024 година изнесувала околу 561,5 милиони денари, а во 2025 година достигнала околу 1,222 милијарди денари. Тоа претставува зголемување од повеќе од 660 милиони денари, независно од даноците и придонесите што компаниите ги плаќаат по други основи.

Паралелно со подобрената наплата, Министерството постапува и во однос на концесиските договори. Растот на наплатата произлегува од повисоките надоместоци, засилените теренски проверки, писмените опомени и поодлучното постапување кон концесионерите што не ги исполнуваат обврските. Раскинувањето на договорите и зајакнувањето на инспекцискиот надзор се дел од пристапот во кој концесијата подразбира јасни обврски, а плаќањето надоместок не ги ослободува операторите од исполнување на техничките услови и обврските за заштита на животната средина“, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

„За долгорочно и системско уредување на секторот е донесена Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини за периодот 2026–2046 година, со експертски придонес од МАНУ, а за документот е спроведена стратегиска оцена на влијанието врз животната средина и јавна расправа. Стратегијата ги поврзува економските цели со заштитата на животната средина и социјалните аспекти, а содржи и акциски план за периодот 2026–2030 година. Таа обезбедува рамка за планирање, спроведување и следење на мерките за развој на секторот.

Министерството работи и на нови законски решенија во областа на рударството и геологијата. Предложената рамка предвидува финансиско покритие од 100% на проценетите трошоци утврдени со соодветниот план за управување со рударски отпад и поврзаните обврски. Со тоа, наместо сегашниот модел во кој гаранцијата изнесува околу една третина од проценетите трошоци, финансиската обезбеденост би била приближно трипати построга. Целта е да се зајакне финансиската одговорност на операторите и навреме да се обезбедат средства за санација, рекултивација и обврските по затворањето на рударските капацитети.

Во подготовката на законските решенија беше овозможено учество на јавноста преку ЕНЕР, вклучително и на експерти, општини, компании, граѓански организации и поединци. На веб-страницата на Министерството се објавени регистри на концесиски договори, список на одземени концесии, како и регистри на овластувања и лиценци за рударски проекти и геолошка документација. Објавувањето на овие документи овозможува проверка на конкретни информации и придонесува за поголема транспарентност во секторот.

Минералните суровини имаат потенцијал да поттикнат инвестиции, отворање работни места и развој на домашната економија. Сепак, економскиот потенцијал на одреден проект не ги заменува законските услови за негово одобрување и реализација. Секој проект мора да се разгледува и од аспект на влијанијата врз водата, почвата, воздухот, здравјето на луѓето, земјоделството и другите дејности во засегнатото подрачје.

Потребно е јасно да се разликуваат геолошкото истражување, просторниот план, концесијата и дозволата за експлоатација, бидејќи секој од овие инструменти има различна правна функција. Наведувањето минерално наоѓалиште или рударска намена во плански документ само по себе не претставува дозвола за отворање рудник. Исто така, концесијата не ги заменува другите задолжителни постапки, еколошки акти и одобренија.

Министерството постапува во рамките на своите законски надлежности, додека постапките за заштита на животната средина се водат пред надлежните органи за животната средина. Надзорот го вршат два посебни инспекциски органи, секој во рамки на своите надлежности: Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини (рударски, геолошки и технички прописи) и Државниот инспекторат за животна средина (заштита на животната средина). Кадровското зајакнување на првиот ќе продолжи. Секоја институција е одговорна за законитоста, утврдените услови и образложението на актите што ги донесува. Прашањата на граѓаните поврзани со водоснабдувањето, земјоделството, отпадот и локалниот развој заслужуваат сериозен третман и конкретни, проверливи одговори.

Министерството укажува дека партизацијата на ова прашање и ширењето површни или непроверени информации ја отежнуваат информираната јавна расправа. Поистоветувањето на плански документ со дозвола за отворање рудник е правно погрешно и создава неоправдан страв кај граѓаните. Политичките партии, вклучително и опозицијата, имаат одговорност своите ставови да ги темелат на документи и проверливи факти, а не на селективно избрани податоци и политички квалификации. Користењето на загриженоста на граѓаните за придобивање гласачи, наместо за разјаснување на фактите, претставува злоупотреба на тема од сериозен јавен интерес.

Граѓаните имаат право да очекуваат одлуките да се носат врз основа на закон, стручна оценка и јасно утврдени услови. Секоја постапка во надлежност на Министерството ќе се води согласно важечките законски прописи и применливите европски стандарди за заштита на животната средина и безбедност. Министерството нема да носи одлуки ниту по налог на инвеститор, ниту под политички притисок, туку исклучиво согласно закон и во јавен интерес. Министерството останува отворено за комуникација со граѓаните, локалните заедници, стручната јавност и граѓанските организации и ќе продолжи да дава конкретни одговори во рамките на своите надлежности“, се наведува во соопштението на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Најнови вести од: Бизнис

Колку милијарди евра чуваат граѓаните в банка и покрај инфлацијата?!

Заклучно со септември граѓаните и компаниите заедно во банките должат вкупно 9,87 милијарди евра, а поединечно граѓаните должат 4,93 милијарди евра, а компаниите е 4,90 милијарди евра. Компаниите и граѓаните во септември во банките имале депозити во вкупен износ од 11,15 милијарди евра. Од нив на граѓаните се 7,50 милијарди евра.

Зошто знаеме да кажеме: Штедам за „црни денови“, кога секој денар на страна е добивка за убав живот

Штедливоста и рационалниот однос кон парите без оглед на длабочината на џебот, се сметаат за карактеристична особеност на македонските домаќинства. За оваа, веќе традиционална претстава, има и официјална потврда. Парите во банките растат. На личните сметки од граѓаните има 7,51 милијарда евра.

СЕПА: Заштеди од 5 милиони евра, побрзи и поевтини прекугранични плаќања за граѓаните и компаниите, вели Величковски

Вицегувернерот Величковски порачува дека преминот кон инстант плаќањата и усогласувањето со европските регулаторни стандарди не претставуваат само реформа на финансискиот сектор, туку стратешки чекор кој овозможува побрз економски раст и подлабока интеграција на земјата во европските и глобалните текови.

АЛТА банка во знакот на штедењето – активности за најмладите и продолжени промотивни услови за депозити

Од првите штедни навики кај најмладите до конкретните можности за штедење на граѓаните, АЛТА банка продолжува да ја поддржува културата на штедење како важен дел од финансиската сигурност и стабилност.

To top