Од Владата уверуваат дека производството на електрична енергија во земјава е стабилно, а ЕСМ преговара за долгорочно снабдување со гас по поконкурентни цени. Паралелно, новите цени на горивата се очекуваат в понеделник, кога Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба да ја објави својата одлука. Министерката за енергетика, Божиновска, која присуствуваше на отворањето на Саемот за енергетика, технологија и иновации „Енерго технома 2026“, рече дека Владата ги следи движењата на цените на енергенсите и презема мерки за да го заштити стандардот на граѓаните.
- Производството на струја е стабилно. ЕСМ се грижи за сигурно снабдување на граѓаните. Ги следиме на дневна основа и цените на гасот, а ЕСМ е веќе во преговори за подолгорочно и поконкурентно снабдување, по пониски цени – изјави Божиновска.
Во однос на цените на бензините и дизелот, министерката порача дека треба да се почека одлуката на РКЕ. Таа нагласи дека барањата и пресметките што ги доставуваат компаниите не значат дека толкав ќе биде и конечниот раст на цените.

- Ве замолувам да ја почекаме одлуката на Регулаторна, да видиме на крај каква ќе биде нејзината одлука и колку ќе има поскапување, ако има – рече Божиновска.
Таа потсети дека попустот на ОКТА за горивата сè уште важи и треба да трае до следната недела. Според неа, Владата во изминатиот период неколкупати ги намалила акцизата и ДДВ, додека ОКТА давала попусти од два или три денари по литар во периоди од по две недели. Министерката најави дека по истекот на актуелниот попуст ќе се анализираат цените и ќе се одлучува за следните чекори. Во однос на природниот гас, Божиновска рече дека ЕСМ има обезбедено количини за ноември, а паралелно води преговори за подолгорочно снабдување по пониски цени. Таа најави дека ќе се разгледуваат и можностите за субвенции, откако ќе се проценат финансиските импликации. Министерката очекува и ЕВН во наредниот период да го објави тендерот поврзан со снабдувањето.