Бизнис

Дури 3,6 милијарди евра се наплатени од даноци и придонеси, вели премиерот

Даноците не се бројки на хартија, тоа се плати на наставници и доктори, нови патишта, функционален здравствен систем, поддршка за компаниите, социјална сигурност за секој граѓанин. Ова го рече премиерот Христијан Мицкоски по повод одбележувањето на Денот на даночните работници.

Без ефикасна и чесна даночна администрација нема ниту силна економија, ниту одржливи јавни финансии, ниту држава што може да планира стабилно и да инвестира во својата иднина, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на Денот на даночните работници.

  • Денот на даночните работници не е само професионален празник. Тоа е ден кога треба да говориме за дисциплината, знаењето, моралот и професионалноста. Ден кога се потсетуваме дека јавните приходи не се бројки на хартија – тие се плати на наставници и доктори, нови патишта, функционален здравствен систем, поддршка за компаниите, социјална сигурност за секој граѓанин – рече Мицкоски.
Тој рече дека од јануари до крајот на октомври годинава, нето наплатата на даноците и социјалните придонеси достигна 3,6 милијарди евра.

– Тоа е за 260 милиони евра повеќе од минатата година. За 10 месеци имаме раст на даночната нето наплата од над 6%, раст на социјалните придонеси од речиси 15%. Ова значи дека економијата расте. Активноста се зголемува. Компаниите работат, платите растат, а со тоа растат и приходите. Но, тие бројки зборуваат и за нешто друго – за довербата помеѓу државата и бизнисот. За довербата помеѓу институциите и граѓаните. За тоа дека кога државата работи чесно и предвидливо, граѓаните возвраќаат со дисциплина и чувство на обврска – рече Мицкоски.

Тој посочи дека навременото поднесување на ДДВ-пријавите за јануари – септември 2025 година изнесува 95%.

  • Во споредба со 2024 година, кога изнесуваше 92%, ова е огромен чекор напред. И уште поважно – навременото плаќање на ДДВ порасна на 81%. Во 2023 и 2024 тоа беше 76%. Ова е доказ дека системот станува посилен, подисциплиниран и поефикасен. Сите овие трендови не се случајни. Тие се резултат на вашата работа, вашата посветеност, процесите на дигитализација, подобрувањето на услугите, поактивната комуникација со компаниите, но и на стабилната економска политика која ја водиме како Влада- рече Мицкоски.
Тој нагласи дека „ниту еден напредок нема вистинска вредност, ако не го браниме од најголемата закана за секоја држава – корупцијата“.
  • Затоа денеска, пред вас, ќе бидам кристално јасен. Борбата против корупцијата не е политичка флоскула, не е реторика за прес-конференции. Таа е реална работа. Таа е обврска. Таа е услов за опстанокот на системот. Како Влада, заедно со надлежните институции, воспоставивме јасни механизми: целосна дигитализација на процесите со цел да се намали секоја можност за злоупотреба; строга внатрешна контрола и следливост; нулта толеранција за притисоци, фаворизации и клиентелизам; јасни процедури и казнивост за секоја злоупотреба; подобрување на транспарентноста, бидејќи светлината е најсилниот непријател на корупцијата – рече Мицкоски.

Во оваа борба, рече тој, УЈП е клучна фронт-линија.

  • Затоа што каде има корупција – нема доверба. Каде нема доверба – нема наплата. А каде нема наплата – нема држава. Затоа ви благодарам што покажувате висока професионална етика, и ве охрабрувам да останете бескомпромисни. Државата стои зад вас. И ќе стои зад секој чесен човек во институциите – рече премиерот.

Мицкоски рече дека успехот не доаѓа случајно, туку е резултат на знаење, труд, дисциплина и чесност.

  • А токму тоа го покажувате секој ден. Како премиер, ви ветувам дека ќе продолжиме да инвестираме во вашиот капацитет, во подобри услови за работа, во дигитални алатки кои ќе го олеснат секој процес, и во политики кои ќе ја направат нашата земја уште поконкурентна. Нашата цел е многу јасна: силна економија, стабилни јавни финансии, праведно општество и држава во која даночниот систем е фер, ефикасен и целосно заштитен од корупција – истакна премиерот.

Додаде дека секој ден се прават чекoри во таа насока.

  • Денеска, јавно ви се заблагодарувам за најважното: за вашата работа, за вашиот професионализам и за вашата совесност. Благодарност за посветеноста и работата на директорката Елена Петрова. Среќен Ден на даночните работници. Продолжуваме да градиме заедно – чесно, транспарентно и одговорно – порача Мицкоски.

Најнови вести од: Бизнис

Народната банка ги одбележува Светскиот ден на штедењето и Деновите на финансиската писменост

Народната банка веќе четиринаесетта година го одбележува Светскиот ден на штедењето. Деновите на финансиската писменост се одржуваат по десетти пат и се во организација на финансиските регулаторни институции  ̶  Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за надзор на пазарот на капитал, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија.

Можно ли е во Македонија да се работи четири дена во неделата?!

Просечната потрошувачка кошница во септември изнесувала 58.117 денари, што е за 358 денари или 0,6 проценти помалку во однос на август, но за 1.736 денари, односно 3,1 процент повеќе во споредба со јануари годинава. Ова беше истакнато на седницата на Економско-социјалниот совет, на која социјалните партнери дискутираа и за неработните денови, работата во недела, можноста за воведување четиридневна работна недела и регулирањето на пензискиот стаж.

Алармантна е состојбата со безбедносниот систем во ПИОМ – Андоновски рече дека експерти работат на негова заштита

Државниот завод за ревизија веќе има дадено конкретни препораки до Фондот за пензиското и инвалидското осигурување за тоа како да ги надмине утврдените недостатоци.

To top