Бизнис

ЕК: Лидерите од Западниот Балкан ја потврдија решеноста за искористување на можностите на Планот за раст

Планот за раст е акцелераторот на Западниот Балкан во европското семејство

Лидерите на шесте партнери на ЕУ од Западниот Балкан на денешниот состанок со еврокомесарката за проширување Марта Кос во Скопје ја потврдија својата решеност да ги искористат можностите што ги носи Планот за раст на регионот, соопшти Европската комисија по повод денешната лидерска средба во македонскиот главен град.

– По една година унапредување на реформите и интензивна соработка во области како што се финансиите, транспортот, дигиталното поврзување и интеграцијата на пазарот, комесарката Марта Кос и лидерите направија преглед на досегашниот напредок. Тие, исто така, ја потврдија својата решеност да се состануваат редовно за да го одржат политичкиот моментум во спроведувањето на Планот. Лидерите имаат намера повторно да се сретнат на есен оваа година, се вели во соопштението.

Во него се пренесува дел од обраќањето на Кос на Самитот, според која, Планот за раст е акцелераторот на Западниот Балкан во европското семејство.

– Тој е суштински елемент за забрзување и продлабочување на интеграцијата со ЕУ. За само 20 месеци, преминавме од идеи кон резултати и продолжуваме да ја прошируваме нашата соработка. Во свет кој се фрагментира, проширувањето останува наш проект за обединување. Ги поканувам партнерите да го искористат овој прозорец на можности и да ги удвојат напорите за реформи. Од моја страна, ќе направам се што можам за да им помогнам на партнерите да ги достигнат пресвртниците што е можно побрзо за луѓето и бизнисите во регионот да ги имаат сите придобивки од Планот за раст уште пред пристапувањето, се наведува во цитираната изјава на Кос.

Комисијата посочува и дека учесниците на Самитот се согласиле да ги удвојат реформите, потврдувајќи ја својата политичка посветеност и работејќи на постигнување широк национален консензус со навремено усвојување на клучните мерки, како и за подобрување на комуникацијата и транспарентноста, овозможувајќи им на граѓаните и бизнисите дека ќе ги видат конкретните придобивки од Планот за раст и да ги разберат реформите што тој ги носи.

– Во следните недели, Комисијата ќе ја финализира својата проценка на спроведувањето на реформите и ќе продолжи со усвојување на одлуките за исплатите поврзани со првата транша, се наведува во текстот.

Во соопштението натаму се потсетува дека Инструментот за реформи и раст, во рамките на кој партнерите изработија реформски агенди, претставува амбициозна заедничка алатка и обврска за спроведување на повеќе од 600 амбициозни реформи за кои ЕУ обезбедува шест милијарди евра финансиска поддршка за периодот 2024-2027 година.

– Досега, извршени се плаќања за претфинансирање во рамките на Инструментот за Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија. Комисијата го охрабрува Косово да го забрза процесот за стапување во сила на договорите за Инструментот и за заеми, со цел ослободување на претфинансирањето. Комисијата, исто така, го поздравува усвојувањето на Нацрт-реформската агенда од страна на Босна и Херцеговина на 27 јуни, се вели во соопштението.

Во него натаму се нагласува дека Кос на Самитот потсетила дека на овој Инструмент му е потребно одржливо и силно водство и одговорност од страна на политичките лидери за да се обезбеди негова брза и целосна реализација.

– Ова ќе го забрза растот на нашите партнери и ќе обезбеди нивно напредување на патот во пристапување кон ЕУ. Иако резултатите од некои важни реформи се веќе видливи, партнерите беа поканети за време на состанокот да го забрзаат спроведувањето на Планот. Комисијата тесно соработува со партнерите од Западен Балкан за да го постигне токму тоа, се додава во соопштението.

Комисијата натаму нагласува дека за користење на средствата од претфинансирањето таа му предложи на Оперативниот одбор на Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) инвестициски пакет од 87,7 милиони евра, при што се очекува тоа да мобилизира вкупно 487,3 милиони евра за осум нови инвестиции во чиста енергија во Албанија, Црна Гора и Србија.

Во соопштението се нагласува дека за понатамошно забрзување на постепената интеграција во Единствениот пазар на ЕУ, покрај реформите преземени во рамките на Инструментот за реформи и раст, земјава, заедно со Албанија, Србија и Црна Гора, се приклучи кон Единствената евро платежна област (СЕПА), што го отвора патот за олеснување на финансиските трансфери во евра и ги намалува трошоците и времето за овие трансакции помеѓу граѓаните, бизнисите и други членки на СЕПА.

Комисијата додава дека во тек е имплементација на проектите за создавање на т.н. „зелени ленти“ на 11 најпрометни гранични премини во регионот, со што ќе се овозможи побрза транзитен тек на стоки во и помеѓу Западниот Балкан и ЕУ.

– Работата напредува и во дигиталната поврзаност. Како резултат на првиот конкурс, седум европски центри за дигитални иновации ќе ги поддржат малите и средни претпријатија во нивната дигитална трансформација. Транзициите се избрани и активностите започнаа во јануари 2025 година, а повеќе конкурси се во тек, се додава во соопштението.

Во него се истакнува дека земјите од Западниот Балкан работат на воведување на т.н. дигиталниот паричник на ЕУ по истата траекторија како и земјите членки на Унијата, а над 300 општини аплицирале за програмата „Ви-Фи за Западен Балкан“ и првите уреди треба да бидат поставени во последниот квартал од оваа година.

– Комисијата и земјите од Западен Балкан, исто така, ќе ги удвојат напорите за намалување на цените на роамингот, што би им овозможило на граѓаните да се чувствуваат како дома кога се движат во ЕУ и низ Западниот Балкан, се вели во соопштението.

Еврокомисијата потенцира дека напредуваат и активностите за олеснување на развојот на туристичкиот екосистем на Западен Балкан, преку интегрирање на регионалните туристички субјекти во телата и механизмите на ЕУ, со цел поддршка на транзицијата кон позелена, подигитална и поотпорна туристичка индустрија и зголемување на вештините.

– Во однос на заштитата на потрошувачите, се развива соработка за да се олесни пристапот до алатки, знаење и мрежи за да се изгради капацитетот на земјите партнери за да се обезбеди заштита на правата на потрошувачите и безбедноста на производите. Конечно, иницијативата „Единствен пазарен автопат“ ќе се фокусира на поттикнување на индустриските асоцијации и зајакнување на вредносните синџири помеѓу Западен Балкан и Европската Унија, забрзување на регулаторната конвергенција и интеграција на деловните заедници, се додава во соопштението.

Комисијата потсетува и дека денешниот Самит во Скопје требаше да се одржи во март, но беше одложен поради трагичниот пожар во Кочани.

Планот за раст за Западен Балкан беше усвоен од страна на Европската комисијата на 8 ноември 2023 година. Тој има за цел да ги интегрира партнерите на ЕУ од Западниот Балкан во Единствениот европски пазар, да ја унапреди регионалната економска соработка, да ги продлабочи реформите поврзани со пристапувањето кон Унијата и да го зголеми претпристапното финансирање за да се забрза социо-економската конвергенција на регионот со блокот.

– Планот за раст ги стимулира подготовките на партнерите за членство во ЕУ, со тоа што ќе ги истакне некои од неговите придобивки уште пред целосната интеграција во Унијата. Тоа, пак, треба значително да го забрза процесот на проширување и растот на нивните економии. Планот за раст има потенцијал да ја удвои големината на економиите на Западен Балкан во следната деценија, потсетува ЕК.

Најнови вести од: Бизнис

Божиновска: Енергетиката посилен и поиновативен сектор со повеќе жени, да се искористи потенцијалот

Енергетската транзиција не е само технолошки процес, туку и длабока трансформација на работната сила, во која жените мора да имаат еднаква и видлива улога, порача денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на настан организиран во рамки на проектот ELeVATE (2025–2028), посветен на охрабрување и поддршка на девојки и жени за развој на кариера во секторите на нето-нула технологии, паметни енергетски системи и зелена транзиција.

Со унгарски пари ќе се гради голема гасна централа во Македонија

Во последната деценија MET Holding стана еден од најголемите играчи на пазарот на гас во Централна и Источна Европа. МЕТ е основана во 2007 година од унгарската државна корпорација за гас „МОЛ“. Тогаш во медиумите се појавија обвинувања дека унгарскиот премиер Виктор Орбан стои лично зад развојот на МЕТ, користејќи раководни лица за пренос на целиот бизнис со гас од државната МОЛ на новата приватна компанија која во меѓувреме презеде удел. Во 2013 година е основана МЕТ Холдинг во Швајцарија, која е во стопроцентна сопственост на унгарскиот МЕТ.

КСС се согласува со владината понуда платите на административците да пораснат за 8% во рок од три години

Конфедерацијата на слободни синдикати уште од првиот момент ја прифати понудата кога таа беше изнесена, без опструкции, без калкулации и без злоупотреба на работниците. Нашиот став беше и останува јасен – секоја реална можност за подобрување на материјалната состојба на вработените треба да се искористи веднаш, велат од КСС.

Владата нуди унифицирана формула за покачување на платите

Владата има своја формула за пресметување на платите на вработените во администрацијата. Најголем дел од претставниците на синдикатите, и репрезентативните и од гранковите, се согласни со таа позиција на Владата, со неколку исклучоци. Формулата што ја нуди Владата во врска со тоа како ќе следи покачувањето на платите на административците етапно ќе значи повисоки примања за нив, а не само за онолку средства колку што ќе расте минималната плата.

To top