Бизнис

Нето наплатата на даноците и социјалните придонеси за 260 милиони евра повеќе отколку лани, велат од УЈП

Во првите десет месеци, имаме раст на даночната нето наплата од над 6%, а кај социјалните придонеси, речиси 10%. Што ни кажуваат овие бројки? Тие ни го кажуваат најважното: економијата расте, активноста се зголемува, а со тоа растат и приходите. Тоа е резултат не само на поефикасната работа на УЈП, туку и на поголемата дисциплина и одговорност кај обврзниците, велат од УЈП.

Нето наплатата на даноците и социјалните придонеси, од почетокот на годината до крајот на октомври достигна 3 милијарди и 600 милиони евра, тоа е за околу 260 милиони евра повеќе отколку лани, изјави денеска директорката на УЈП, Елена Петрова, на одбележувањето на Денот на даночните работници, што се одржа во Клубот на пратеници.

  • Во првите десет месеци, имаме раст на даночната нето наплата од над 6%, а кај социјалните придонеси – речиси 10%. Што ни кажуваат овие бројки? Тие ни го кажуваат најважното: економијата расте, активноста се зголемува, а со тоа растат и приходите. Тоа е резултат не само на поефикасната работа на УЈП, туку и на поголемата дисциплина и одговорност кај обврзниците, рече таа пред присутните.

Системот е стабилен, нагласи, мерките даваат резултат.

  • И заедно ги движиме приходите кон раст и стабилност, децидна беше таа.

Според Петрова, добрата вест е дека трендовите во даночната дисциплина, годинава се позитивни.

  • Се зголемува навременото поднесување на даночните пријави – првиот предуслов за данокот воопшто да стане наплатлив. Се зголемува и навременото плаќање на обврските, што е основата на стабилниот систем, потенцираше Петрова.

Таа рече дека даночната свест кај обврзниците расте.

  • Во фискалната едукација на млади воведовме нови содржини, дигитален квиз и за првпат, едукација во основните училишта. Затоа што даноците не се само бројки. Даночната свест се гради уште од најрана возраст – преку разбирање, знаење и вредности, додаде Петрова.

Таа информираше дека до септември, преку контроли утврдиле 64 милиони евра дополнителен данок – пораст од над 70 отсто во однос на истиот период, минатата година. Петрова нагласи и дека УЈП ќе продолжи доследно да го применува законот, затоа што, истакна, почитувањето на правилата е основата на правичниот даночен систем.

  • Кога дојдов на директорската позиција, пред една година и четири месеци, наследивме проекти и иницијативи кои со години стоеја „во фиока“, без реален напредок. Денес ситуацијата е поинаква. Конечно има трајни решенија на повидок, подвлече Петрова.

Притоа соопшти дека во тек е финалната фаза на подготовка на техничките спецификации за „е-УЈП“ – нов интегриран даночен систем со редизајнирани процеси.

  • За даночните обврзници тоа ќе значи подобрена стабилност, подобро корисничко искуство и побрзи услуги, а за УЈП – поефикасни процеси, подобра интеграција на податоците, посилен аналитички капацитет и понапредно управување со ризици, појасни Петрова.

И системот за е-фактура е во напредна фаза – софтверското решение е скоро готово, информираше директорката на УЈП, а како што најави, за неполни два месеца започнува фазата на тестирање. За надминување на критичните точки и за јакнење на безбедноста на податоците и инфраструктурата, како што рече таа, оваа година биле реализирани или се во тек на реализација на склучен договор капитални инвестиции во износ од 2 милиони и 600 илјади евра.

  • Деновиве заврши постапката за јавна набавка на современа опрема, најголемата поединечна инвестиција во историјата на УЈП во вредност од 1 милион и 800 илјади евра. За првпат се набавува опрема за секундарна локација и за највисоко ниво на безбедност на целокупната ИТ инфраструктура на УЈП, додаде Петрова. 

Најнови вести од: Бизнис

Народната банка ги одбележува Светскиот ден на штедењето и Деновите на финансиската писменост

Народната банка веќе четиринаесетта година го одбележува Светскиот ден на штедењето. Деновите на финансиската писменост се одржуваат по десетти пат и се во организација на финансиските регулаторни институции  ̶  Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за надзор на пазарот на капитал, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија.

Можно ли е во Македонија да се работи четири дена во неделата?!

Просечната потрошувачка кошница во септември изнесувала 58.117 денари, што е за 358 денари или 0,6 проценти помалку во однос на август, но за 1.736 денари, односно 3,1 процент повеќе во споредба со јануари годинава. Ова беше истакнато на седницата на Економско-социјалниот совет, на која социјалните партнери дискутираа и за неработните денови, работата во недела, можноста за воведување четиридневна работна недела и регулирањето на пензискиот стаж.

Алармантна е состојбата со безбедносниот систем во ПИОМ – Андоновски рече дека експерти работат на негова заштита

Државниот завод за ревизија веќе има дадено конкретни препораки до Фондот за пензиското и инвалидското осигурување за тоа како да ги надмине утврдените недостатоци.

To top