Хроника

Алармантно: Разбиена меѓународна мрежа на педофили со над 250 членови

При претресите биле пронајдени големи количини дигитален материјал и докази што укажуваат на континуирана размена и дистрибуција преку повеќе платформи, вклучувајќи и делови од „дарк веб“.

Во голема меѓународна акција насочена против онлајн-ширењето на материјали за сексуална злоупотреба на деца, беше разбиена платформа позната како „Кидфликс“, а уапсени се десетици лица во повеќе држави. Според меѓународните истражители, акцијата резултирала со повеќе од 70 уапсени и идентификација на над 1.400 осомничени корисници ширум светот, пишува „Ројтерс“.

Во рамките на истата акција, хрватската полиција соопшти дека е уапсен 29-годишен маж од западниот дел на земјата кој, според сомнежите, ја предводел групата со над 250 членови. Како што објави „Индекс.хр“, осомничениот е товaрен за повеќекратна сексуална злоупотреба на дете, дистрибуција на материјали за сексуална злоупотреба на деца преку апликации со енкрипција „од почеток до крај“ и за повеќекратни дејства на сексуално вознемирување.

Полицијата соопшти дека постои основано сомнение оти осомничениот подолг временски период сексуално злоупотребувал малолетно женско дете, на кое претходно му овозможил пристап до материјали за сексуална злоупотреба. При претресите биле пронајдени големи количини дигитален материјал и докази што укажуваат на континуирана размена и дистрибуција преку повеќе платформи, вклучувајќи и делови од „дарк веб“.

Операцијата ја координирале германските криминалистички служби со поддршка од Европол и партнерски полиции од 35 земји. Заедно работеле на затворање на серверите и корисничките мрежи на платформата „Кидфликс“, која, според извори на „Би-Би-Си“, имала милиони регистрирани корисници и се смета за една од најголемите досега разбиени мрежи од ваков вид.

Хрватските власти наведуваат дека постапката против уапсениот е во тек, дека против него е поднесена кривична пријава и дека истрагата продолжува за да се идентификуваат и заштитат евентуални жртви, како и да се откријат други соучесници. Министерството за внатрешни работи апелира до јавноста да пријавува сомнителни онлајн-активности и потенцијални злоупотреби за да се спречат понатамошни злосторства и да се обезбеди помош за жртвите.

Аналитичари и организации за заштита на деца предупредуваат дека платформите и апликациите со силна енкрипција овозможуваат скриено споделување на материјали и отежнуваат истраги, но дека меѓународната соработка, особено преку Европол, се покажува како клучна во борбата против овие форми на криминал.

Најнови вести од: Хроника

Доживотен затвор за серискиот убиец Трајко Бојковски, поради четири убиства и два обида за убиство на жени

Основниот суд во Куманово денеска ја изрече пресудата за Трајко Бојковски, обвинет за четири убиства и два обида за убиство на жени во регионот на Старо Нагоричане. Судот го осуди Бојковски на казна доживотен затвор, со што заврши првостепената судска постапка која предизвика голем интерес во јавноста.

Од 12 октомври 2026 започнува „Безбеден град“ во Охрид, Струга, Кичево и во Дебар

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека од понеделник (12.10.2026), системот за сообраќаен надѕор „Безбеден град“ започнува со работа и на подрачјето на СВР Охрид, односно и во Струга, Кичево и во Дебар.

Притвор и куќен притвор на двете вработени во АД „Државна лотарија“ за проневера на 1,3 милиони евра

Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по предлог на Обвинителството, им определи мерка притвор и куќен притвор на двете осомничени финансиски раководителки во АД „Државна лотарија“ за “проневера во служба”.

Одземен пасошот и забрана за работа за Вишиот јавен обвинител од Битола, се сомничи за криминал и мито

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за определување мерки за претпазливост против П.В. – Виш јавен обвинител од Битола, по сослушување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и по ценење на фактите и доказите содржани во предлогот, донесе решение со кое го прифати предлогот на ОЈО ГОКК.

To top