Хроника

Кривична против седум поединци, меѓу кои има и цариници, и две правни лица за фалсификување документи при увоз на „Мерцедес-Мајбах“

Одделението за истраги, при Секторот за контрола и истраги, откри организиран криминал во кој луксузно употребувано возило „Мерцедес-Мајбах“ во 2023 година било пуштено во слободен промет и успешно регистрирано со помош на фалсификувани документи со што Буџетот бил оштетен за 1,9 милиони денари.

„По спроведена опсежна истрага и форензичко вештачење на уреди, до ОЈО ГОКК е поднесена кривична пријава против две правни и седум физички лица за фалсификување исправа, фалсификување службена исправа, злоупотреба на службена положба и овластување, како и несовесно работење во службата.

Во случајот, увозникот, сега првоосомничен го набавил возилото во Германија и го внел во државата, по што се упатил кон царински терминал за спроведување на постапката за царинење. Царинскиот застапник, управител во шпедиција, сега второосомничен, со умисла да бидат наплатени помали увозни давачки изготвил фалфисикувана фактура со пониска вредност и фалсификуван доказ за потекло со што би се овозможил преференцијален третман, односно царината да биде ослободена од плаќање. Потоа ги лажирал и останатите документи при што во делот на регистарски таблички ги внел оние што биле во важност пред увозникот да го купи возилото во Германија, а податоците за увозникот ги изменил со други. При увозно царинење на возилото наместо 3,9 милиони денари биле наплатени два милиони денари и со посредство на тројца царински и еден полициски службеник, возилото со фалсификувани документи било пуштено во слободен промет и регистрирано.

Царинските службеници, опфатени со кривичната пријава, се товарат за слични дела и во други кривични пријави поврзани со увози на автомобили и тие се отпуштени од работа минатата година. По однос на утврдените избегнати давачки во конкретниот случај, изготвено е решение за дополнителна наплата, при што наплатени се 2,5 милиони денари, од кои 1,9 на име на основен долг и 600 илјади денари на име на камати.

Царинската управа започна со опсежни истраги на увози на автомобили во октомври 2024 година. Притоа во период од година ипол Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе вкупно 51 кривична пријава против 110 правни и 396 физички лица за криминал поврзан со 180 употребувани возила. Станува збор за кривични дела извршени во периодот од 2022 до 2024 година, со кои е нанесена директна штета врз Буџетот во износ од 41 милион денари.

Најнови вести од: Хроника

Доживотен затвор за серискиот убиец Трајко Бојковски, поради четири убиства и два обида за убиство на жени

Основниот суд во Куманово денеска ја изрече пресудата за Трајко Бојковски, обвинет за четири убиства и два обида за убиство на жени во регионот на Старо Нагоричане. Судот го осуди Бојковски на казна доживотен затвор, со што заврши првостепената судска постапка која предизвика голем интерес во јавноста.

Од 12 октомври 2026 започнува „Безбеден град“ во Охрид, Струга, Кичево и во Дебар

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека од понеделник (12.10.2026), системот за сообраќаен надѕор „Безбеден град“ започнува со работа и на подрачјето на СВР Охрид, односно и во Струга, Кичево и во Дебар.

Притвор и куќен притвор на двете вработени во АД „Државна лотарија“ за проневера на 1,3 милиони евра

Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по предлог на Обвинителството, им определи мерка притвор и куќен притвор на двете осомничени финансиски раководителки во АД „Државна лотарија“ за “проневера во служба”.

Одземен пасошот и забрана за работа за Вишиот јавен обвинител од Битола, се сомничи за криминал и мито

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за определување мерки за претпазливост против П.В. – Виш јавен обвинител од Битола, по сослушување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и по ценење на фактите и доказите содржани во предлогот, донесе решение со кое го прифати предлогот на ОЈО ГОКК.

To top