Хроника

За брзо возење 11 илјади казни и плаќање од 15 до 300 евра – Со примената на „Безбеден град“ бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за 40 проценти

Повеќе од 58.000 сообраќајни прекршоци регистрирал системот „Безбеден град“ на подрачјето на СВР Скопје за неполни пет месеци, додека на ниво на целата држава, за време на првите четири месеци од неговата примена се издадени преку 11.000 казни за брзо возење. Бројките покажуваат дека системот станува еден од главните механизми за санкционирање на несовесните возачи, а од МВР велат дека сите камери на „Безбеден град“ се во функција, односно снимаат сообраќајни прекршоци.

Според МВР, од 2 февруари до 22 јуни 2026 година, системот „Безбеден град“ на подрачјето на СВР Скопје регистрирал 58.279 прекршоци. Од нив, убедливо најголем дел, 54.160 – се за брзо возење. Следуваат 3.028 прекршоци за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола, како и 1.091 прекршок за минување на црвено светло. Во статистиката нема регистрирани прекршоци на 1 февруари, 16 март и 14 јуни, што е наведено и во официјалните податоци.

Од друга страна, за периодот од февруари до мај годинава, на територијата на целата држава полициските службеници издале 11.255 прекршочни платни налози за брзо возење, 301 за возење без возачка дозвола и 92 за минување на црвено светло.

Според актуелниот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, казните за брзо возење зависат од тоа колку е пречекорена дозволената брзина и се движат од 15 до 300 евра, а во потешките случаи се изрекува и забрана за управување со моторно возило. За возење без возачка дозвола и за минување на црвено светло е предвидена глоба од 250 евра. Брзото возење е останува и натаму најчест прекршок, што упатува дека голем дел од возачите сè уште не ги менуваат навиките, и покрај автоматската контрола и високите парични казни.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека првичните резултати од функционирањето на системот веќе се одразуваат врз безбедноста на патиштата: во првите пет месеци од примената на „Безбеден град“ бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за 40 проценти, односно 34 лица го загубиле животот, наспроти 55 во истиот период минатата година. Во истиот период, до 22 јуни, преку системот биле регистрирани над 130.000 сообраќајни прекршоци, од кои повеќе од 95 проценти се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина. Тој најави дека на граничниот премин Табановце ќе биде поставен пункт за наплата на казните од возилата со странски регистарски таблички. Дотогаш, странците што возат брзо по македонските автопати, ќе бидат казнувани само од полициските службеници „пресретнувачи“, кои според МВР се постојано присутни на коридорите 8 и 10.

Најнови вести од: Хроника

Вчера во цела Македонија казнети 166 пешаци, поради небезбедно преминување улица надвор од пешачки премин

Во текот на вчерашниот ден (17.08.2026) од 9 до 15 часот Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе сообраќајна контрола на територијата на целата држава, заради казнување прекршоци, што ги прават пешаците. При контролата казнети се 166 пешаци, од кои 137, поради небезбедно преминување на улица надвор од пешачки премин.

Крвава драма во Батинци: Петмина ги нападнале И.М. (41) и неговиот малолетен син и им нанеле расекотини со остар предмет!

Според полицискиот билтен, синоќа околу 20 часот во СВР Скопје И.М. (41) пријавил дека во двор од неговата куќа во скопското село Батинци бил физички нападнат од С.С., М.С., Н.С., А.С. и Р.С.

To top