До 7:30 часот утринава Центарот за управување со кризи (ЦУК) регистрирал вкупно 31 пожар на отворен простор. Од нив четири се активни, три се ставени под контрола, а 24 се целосно изгаснати.
Активни остануваат пожарите во општините Студеничани и Зелениково – во подрачјето на селата Моране, Вртекица, Рамни Габер и кракот кон Палиград, како и над Вражале и Тисовица, каде што гори мешана шума. Во општините Гостивар и Македонски Брод активен е пожарот кај село Трново, кој се шири кон Битово, Заград и Страјане, зафаќајќи нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат. Во општина Чашка, над село Нежилово (м.в. Сватови), горат ниска вегетација и смреки. Во општина Струга, кај село Франгово, гори нискостеблеста шума и ниска вегетација.
Под контрола се пожарите во општина Кичево – кај село Тајмиште (м.в. Дарда), каде што е зафатена високостеблеста букова шума; во општина Делчево – на депонијата; и во општина Брвеница – кај село Стрмница.
Изгаснати се пожарите на повеќе локации низ земјата, меѓу кои во општина Желино (села Желино и Стримница), Теарце (села Одри и Непроштен), Македонски Брод (помеѓу резерватот „Јасен“ и село Брезница), Кичево (село Зајас), Делчево (села Ветрен и Бигла), Градско (село Виничани), Гостивар (село Форино), Росоман (села Манастирец и Росоман), Босилово (помеѓу Моноспитово и Муртино, како и помеѓу Моноспитово и Дабил), Арачиново, Карпош, Гази Баба (парк-шума), Струмица (село Куклиш), Кавадарци (градска депонија „Мелци“), Берово (кај Беровско Езеро), Куманово (помеѓу Лопате и Љубодраг), Шуто Оризари и Битола (село Дихово).
Центарот за управување со кризи продолжува со следење на состојбата и координација на интервенциите.