Денеска на Спомен костурницата над градот со пригодна свеченост беше одбележана осумдесет и двегодишнината од ослободувањето на Струмица.
За значењето на празникот говореше градоначалникот, Петар Јанков.
-Тоа бил ден на кој конечно можеле да веруваат дека завршува едно тешко време и дека пред нив се отвора можност да го обноват својот град и својот живот. Слободата дојде како резултат на борбата на оние кои не се помириле со окупацијата и кои, често со сопствениот живот, го платиле патот до тој ден. Затоа денес, кога го одбележуваме 11 Септември, не се сеќаваме само на ослободувањето на Струмица, туку и на луѓето кои го направија тоа ослободување возможно, рече Јанков.
Претставници на Советот на општината, политички партии, институции и здруженија на граѓани положија цвеќе пред местото каде се положени посмртните останки на паднатите борци во Спомен костурницата, а рецитатори од Домот за млади и деца „Благој Мучето“ од Струмица изведоа пригоден рецитал за Денот на ослободувањето на градот.
Чествувањата по повод Денот на ослободувањето на Струмица продолжуваат вечер со отворање на традиционалната изложба од делата создадени на годинашнава Меѓународна струмичка ликовна колонија во НУЦК „Антон Панов“.