Забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и подготовка на храна останува во сила сè додека лабораториските анализи не потврдат дека водата е безбедна, информира директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов.

„Продолжуваме будно да ја следиме состојбата и да преземаме соодветни законски мерки за целосно расчистување на случајот и отстранување на причините кои довеле до оваа состојба и го загрозиле здравјето на граѓаните. Нема да дозволиме ниту еден аспект од постапката да остане неиспитан“, изјави Миланов на прес-конференција во Владата.

Тој информира дека инспекциските служби и денеска продолжуваат со контролите кај операторите со храна во Гостиварско, со цел да се утврдат изворот на контаминацијата, степенот на загаденост и да се обезбедат дополнителни лабораториски резултати.

Миланов апелираше граѓаните доследно да ги почитуваат препораките на здравствените институции и локалната власт во однос на користењето на водата, сè до добивањето на конечните резултати и целосно нормализирање на состојбата.

АХВ ќе преземе мерки против сите субјекти кај кои ќе бидат утврдени пропусти или непочитување на законските обврски, додека Институтот за јавно здравје треба официјално да ги достави резултатите од тестирањето на примероците.