Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова вели дека нејзините европски колеги сè поретко го поставувале прашањето за Македонија, што значело дека ставот на Бугарија бил јасен и разбран од нејзините колеги. Кога се поставувало, пак, било во контекст на тоа дали Бугарија очекува некаков развој во процесот на спроведување на договорените обврски.
„Бугарија ја поддржува и има корист од тоа Република Северна Македонија да се развива и да оди напред по својот европски пат, бидејќи тоа би обезбедило подобар живот за Бугарите таму. Во овој случај, недостигот од активност е на македонска страна“, изјави Петрова на денешниот брифинг, не појаснувајќи дали мисли само на 3.504 Бугари според последниот попис во Македонија или на сите Македонци кои нејзината земја ги третира како Бугари.
Според нејзините зборови, би била пропуштена можност за Македонија ако не го искористи овој „пулс за проширување и развој“, кој е видлив во земји како Црна Гора, Албанија, Молдавија, па дури и Украина, за да отвори повеќе поглавја од преговорите и да продолжи напред по патот кон пристапување.
„Се надевам дека во Република Северна Македонија ќе се најде политичка волја за ова да се случи“, рече таа.
Како за Македонија, така и за Србија, нема да има попуст од бугарска страна на патот кон ЕУ, порача Петрова.
„Бугарија никогаш немала став безрезервно да поддржува која и да е земја. Има услови и тие се јасно наведени. За сите земји кои се кандидати за вклучување во Европската унија, добрососедските односи се дел од овие услови“, објасни таа. „Ова ќе биде факт и став што ќе го браниме, без разлика каква е владата во Србија или во РСМ“.