Македонија

Бугарија во Брисел доби тужба од Македонците во Германија

Македонците од Германија бараат од Брисел ЕУ да не дозволи да се преговара со Бугарија за македонскиот идентитет

Централниот совет на Македонците во Германија (ЦСМГ) со седиште во Берлин, вчера поднесе формална жалба до претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лаен, обвинувајќи ја Бугарија за сериозно кршење на основните договори на Европската унија (ЕУ) за, како како што наведуваат оттаму, „идентитетско-политички уцени“ кон Македонија во процесот на евроинтеграциите.

Со жалбата се бара македонскиот јазик да биде институционално потврден како самостоен и меѓународно признат. При тоа, ЦСМГ предупредува дека нови условувања од Бугарија се директен удар врз националниот идентитет и европските вредности и бара санкции за Бугарија и бришење на бугарските услови од прего

Во жалбата доставена до Европската Комисија, Советот тврди дека бугарските барања не се дел од европското законодавство (acquis communautaire) туку претставуваат билатерални национални позиции кои директно се косат со основните вредности на Европската унија.

Во фокусот на жалбата е Протоколот од 17 јули 2022 година, кој, според Советот, преку различни механизми бил вграден во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ.

Организацијата, која е официјално регистрирано здружение во Германија и ги застапува Македонците во земјата, наведува дека со бугарските условувања се повредуваат повеќе членови од Договорот за Европската Унија, меѓу кои забрана на дискриминација по етничка и јазична основа, забрана за почитување на националниот идентитет, а повреден е и членот 49 според кој пристапните преговори мора да се водат врз основа на правото на ЕУ, како и членот 21, поврзан со стабилноста и кохерентноста на европската надворешна политика.

Во жалбата се нагласува дека македонскиот јазик е меѓународно признат јазик со официјални ISO-кодови и признавање од Обединетите нации, ОБСЕ и институции на ЕУ, а се потсетува и на одлуката на германскиот Бундестаг од 2023 година со која експлицитно се признаваат македонскиот идентитет, култура и јазик.

„Доколку позицијата на Бугарија според која македонскиот јазик не претставува самостоен јазик добие институционално признание во контекстот на ЕУ, ќе настане конкретна правна несигурност за лицата од македонско потекло во Германија и во целата Унија. Не би било исклучено германските училишни сведителства во кои македонскиот јазик е наведен како наставен предмет да бидат доведени во прашање во нивната доказна вредност во рамките на внатре-европскиот промет при аплицирања, при признавањето на студиските постигнувања или во рамките на признавањето на професионалните квалификации според Директивата 2005/36/EЗ“, предупредуваат од ЦСМГ.

Истовремено, додаваат оттаму, евентуалното толкувањето од страна на ЕУ на македонскиот јазик како нешто друго освен самостоен јазик би можело долгорочно да ја еродира правната основа за признавањето на сите квалификации, сведителства и овластувања поврзани со македонскиот јазик. За ЦСМГ особено чувствителни се ситуациите на прекугранично признавање на професионалните квалификации, во кои признавањето на јазичните квалификации во друга земја-членка зависи од неспорното постоење на соодветниот јазик како самостоен јазик.

„Евентуално институционално прифаќање на бугарските позиции би можело да предизвика сериозна правна несигурност за Македонците во Германија и пошироко во Европската унија, а во прашање би можеле да се доведат училишни свидетелства, професионални квалификации, лиценци за судски преведувачи, како и признавањето на дипломи и јазични сертификати поврзани со македонскиот јазик. Непосредно и на посебен начин погодени од оспорувањето на постоењето на македонскиот јазик се преведувачки и преведувачи кои положиле државни испити и се судски овластени, толкувачки и толкувачи за македонскиот јазик, чии квалификации се стекнати преку испитни органи на германските сојузни покраини, јазични посредници кои работат за германски органи, судови, социјални установи, болници и образовни институции, наставнички и наставници по македонски јазик во рамките на дополнителната наставата по мајчин јазик, како и ученички и ученици кои го изучуваат македонскиот јазик како наставен предмет во германските училишта“, предупредуваат од ЦСМГ.

Советот уште наведува дека македонскиот јазик веќе е составен дел од германскиот образовен систем преку наставата по мајчин јазик во повеќе германски покраини, додека државни испити за судски преведувачи и толкувачи по македонски јазик се спроведуваат во Берлин, Хесен, Баварија и Северна Рајна-Вестфалија.

Поради сето ова од Европската комисија се бара бришење на упатувањата кон Протоколот од 2022 година од преговарачката рамка, официјална одлука дека јазикот, идентитетот и историјата не смеат да бидат дел од пристапните преговори, покренување постапка против Бугарија, како и институционална потврда дека македонскиот јазик е самостоен и меѓународно признат јазик. Советот дополнително потсетува дека Бугарија дека не ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур поврзани со регистрацијата на македонски организации во земјата.

„Бришење на упатувањата кон Протоколот од 17 јули 2022 година во преговарачката рамка за пристапување на Република Македонија, одлука на Европскиот совет со која изрично се утврдува дека прашањата на националниот јазик, идентитет и историја не се составен дел на пристапните преговори, покренување постапка по член 7 од ДЕУ против Бугарија, односно постапка за повреда на договорите според член 258 од ДФЕУ, изрично институционално разјаснување од Европската комисија дека македонскиот јазик е самостоен, меѓународно признат јазик и обезбедување на реципрочност — Бугарија моментално игнорира 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права кои налагаат регистрација на македонските малцински организации во Бугарија“, бараат Македонците од Германија.

ЦСМГ укажува дека Македонија веќе направила историски отстапки на патот кон ЕУ — од промена на знамето, преку уставни измени, до промената на државното име со Преспанскиот договор — и дека понатамошни отстапки што го засегаат националниот идентитет „повеќе не се прифатливи“.

Централниот совет на Македонците во Германија е основан во 2019 година во Берлин како чадор-организација на македонските здруженија во Германија и активно дејствува во областа на заштитата на македонскиот јазик, култура и правата на дијаспората

Најнови вести од: Македонија

Наумовски: Победата на опозицискиот претседателски кандидат во Бугарија води до предвремени парламентарни избори

-Според некои анализи, тие имаат изгубено можеби две третини од гласовите од парламентарните избори и, според мене, тоа е прв показател дека поддршката која ја имаше Радев на парламентарните избори веќе е значително намалена. Се покажува дека релативно комотната позиција која Радев ја имаше како претседател на државата е различна од состојбата која сега ја има да решава проблеми како премиер, рече Наумовски. По социјалните мрежи имаше една шега дека има низок одѕив на изборите во Бугарија затоа што сите бугарски возови заминале во Србија Ова во „Наткаст“ на „Курир“ го изјави Васко Наумовски, универзитетски професор и поранешен вицепремиер за евроинтеграции.

Мицкоски: Достигнат е БДП од 20 милијарди долари, целта е 22 милијарди! – Опозицијата би се радувала РМ да потоне во нивното политичко мочуриште!

Податоците на Државниот завод за статистика за конечните бројки за 2024 за растот на бруто домашниот производ и ревидираните бројки за 2025 се во нагорна линија од 3,8 отсто, со што Владата ја постгна поставената цел до крајот на мандатот номиналниот бруто домашен производ да биде 20 милијарди долари, сега цели кон 22 милијарди долари, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Средба Муцунски-Клеин: Непрестаен развој на односите и одличната соработка меѓу Македонија и Унгарија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со новоназначениот специјален пратеник на Министерството за надворешни работи на Унгарија за Западниот Балкан, амбасадорот Андраш Клеин.

Најнови вести

To top