Македонија

„Дали ти изгледам како идиот?!“ – сопственикот на „Авалон“ кон новинарка, која праша колку ќе чини концертот на Дејвид Гета

Дали ти изгледам јас како идиот? Вака сопственикот на „Авалон продукција“ Бобан Милошески, ѝ се обрати на новинарка, која на денешната прес-конференција го праша зошто досега не е објавено во јавноста колку ќе чини настапот на Дејвид Гета. Ова го објави порталот „360 степени“

Натаму порталот наведува: Милошески и претставници на Министерството за внатрешни работи (МВР) на прес-конференција говореа за безбедносните протоколи и организацијата на утрешниот концерт на светски познатиот ди-џеј, со кој ќе се заокружи прославата на 35-годишнината од независноста на Република Македонија. Како организатор на музичките настани кои траат неколку недели, а кои ќе го достигнат врвот утревечер во Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, Милошески од новинарката на „Слободен печат“ Мирослава Симоновска, беше прашан: „Зошто досега не е објавена сумата на договорот, дали има клаузула што го спречува тоа?“

Сопственикот на „Авалон“ на почетокот на одговорот, возврати со две контрапрашања. „Дали ти изгледам јас како идиот? Јас кажав за што е пресот, имате да поставите прашање во контекст на пресот?“ рече тој. Откако новинарката напомна дека тоа е прашањето, Милошески продолжи наведувајќи дека прес-конференцијата е во функција на безбедноста и организацијата на концертот на Дејвид Гета, додека за она за што се интересира претставничката на еден од медиумите што го следеа пресот, треба да одговорат од Владата.

„Ова прашање е неколку пати поставувано на другите прес-конференции, на претставниците на Владата коишто треба да одговорат на тоа прашање. Јас не сум тој што треба да одговори на ова прашање, јас сум организатор на концертот на Дејвид Гета“, посочи Милошески. Дополнувајќи се во одговорот, тој прашањето го оцени како провокација, која според него е непотребна бидејќи, како што додаде, повеќе пати било кажано кога ќе биде објавена финансиската конструкција за овогодишната прослава на Денот на независноста.

„Најкултурно и најљубезно ве замолив да пропагирате да помине ова што е можно подобро и сметам дека нема потреба за ваква провокација. Неколкупати ви е кажано кога ќе биде објавена сумата за целокупната манифестација. Јас не можам сега овде да зборувам за целокупната манифестација кога овде разговараме за Дејвид Гета, сметам дека нема потреба за вакви провокации“, изјави сопственикот на „Авалон“.
Инаку, во рамките на прославата изминатите неколку недели се одржаа повеќе настани, меѓу кои концертот на познатиот шпански тенор Хозе Карерас со повеќе македонски музучки ѕвезди, а во 11 града беше прикажан мјузикл на тематика поврзана со празникот. Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата кога беше најавен концертот на Хозе Карерас, за тоа колкава е финансиската конструкција за целата прослава и како е избран „Авалон“ за партнер, владината портпаролка Марија Митева рече дека како влада немаат што да кријат во однос на организацијата и дека сè ќе објават откако ќе завршат со најавите на сите настани.

Најнови вести од: Македонија

Стопанската комора бара посебен статус за транспортерите – нивно изземање од шенгенските ограничувања

Посебен статус за професионалните возачи и нивно изземање од шенгенските ограничувања што важат за туристите предлага Стопанската комора како решение за проблемот со македонските транспортери.

Мисирков: Македонците да имаат македонско гледиште, одделувајќи ги своите интереси од интересите на Бугарија – „лошиот демон за Македонија“!

„Бугарската надворешна политика е главниот извор на сите наши несреќи. Затоа не може и да се зборува за некакви арнотии од Бугарија за Македонија. … Македонци! Време е да се убедиме оти лошиот демон за Македонија не е никој друг освен Бугарија. Ете зошто треба час поскоро да си ги одделиме нашите интереси од бугарските..“ – нагласува авторот на „За македонцките работи“ Крсте Мисирков во својот реферат со наслов „Имат ли се нужда од македонцки национални научно-литературни другарства?“, кој го изнесува на денешен ден, на 28 септември 1903 година во Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ во Санкт Петербург (тогаш Петроград). Тогаш идеологот на македонизмот Крсте Мисирков најдиректно ја формулирал идејата дека македонското прашање мора да има сопствен македонски глас. Истапувајќи на денешен ден пред 123 години како национален мислител од највисок ранг тој се залага Македонија да не биде предмет на туѓи политики, а Македонците сами да ја одредуваат сопствената национална и политичка позиција на Балканот – вонвременски завет и предупредување од исклучително значење во ова „евроинтеграциско време-невреме“ за македонскиот народ.

To top