Македонија Свет

Денес во Алјаска ќе се одржи историскиот самит Трамп-Путин

Денес во 21:30 часот по централноевропско време се очекува да започне претседателскиот самит во Алјаска. Американскиот претседател Доналд Трамп процени дека „веројатноста неговата средба со Путин во Алјаска да не успее е околу 25 проценти“. Според рускиот претседател Владимир Путин, „администрацијата на Трамп вложува значително енергични и искрени напори за запирање на борбите, за завршување на кризата и постигнување договори, што се во интерес на сите страни вклучени во овој конфликт“.

Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп ќе се сретне со претседателот на Русија Владимир Путин денес во Алјаска, најголемата и најоддалечената американска држава, за да разговараат за прекинување на војната во Украина. Средбата е закажана да се одржи во воената база Елмендорф-Ричардсон, на околу 10 километри од Анкориџ, за која Си-Ен-Ен објави дека е единствената во Алјаска, што ги исполнува безбедносните барања. Почетокот на самитот, кој многумина го сметаат како историски, е најавен за 11:30 часот по локално време, односно во 21:30 часот по централноевропско време. Како што најави Јуриј Ушаков, помошникот на рускиот претседател за надворешна политика, средбата ќе биде целосно координирана и ќе започне со лице-в-лице средба. Потоа ќе уследи проширен состанок со учество на делегациите на двете земји.

Доцна синоќа Трамп денес изјави дека целта на неговата средба со рускиот колега Владимир Путин денес во Алјаска е да се подготви за можна средба меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, за која нагласи дека ќе биде поважна. „Сè што сакам да направам е да ‘поставам маса’ за следната средба, која би требало да се случи наскоро. Би сакал тоа да се случи многу наскоро.“ – нагласи Трамп, објави Би-Би-Си. Тој додаде дека би сакал можната средба меѓу Путин и Зеленски да се одржи во Алјаска. Трамп го изнесе своето мислење дека „Путин и Зеленски ќе склучат мир“.

„Поважна ќе биде втората средба. Ќе имаме средба со претседателот Путин, претседателот Зеленски, со мене и можеби ќе донесеме некои од европските лидери, но можеби не.“ – укажа американскиот претседател. На прашањето дали е подготвен да му понуди на Путин пристап до ретки земни минерал, за да се стави крај на војната во Украина, Трамп одговори дека неговата средба со Путин е „голема, важна средба“ што, на крајот, ќе „спаси многу животи“. „Ќе дознаеме кој каде стои, ќе го знам тоа во првите две минути. Ако е лош состанокот, ќе заврши многу брзо. Ако е добар состанокот, ќе завршиме со мир во значително блиска иднина.“ – напомна Доналд Трамп. Тој повтори дека се среќава со Путин „за да спаси илјадници војници неделно“. „Ќе видиме што ќе се случи. Верувам дека состанокот ќе биде од големо значење, бидејќи може да спаси многу животи.“ – рече Трамп, објави Скај њуз.

На прашањето дали самитот во Алјаска е еден вид „награда за Путин за инвазијата на Украина“, Трамп подвлече дека тоа е „ситуација што не смеела никогаш да се случи.“ „Не започна под мое водство и не беше ниту зборувано за тоа четири години. Сите се виновни, Путин е виновен.“ – рече Трамп. Тој додаде дека верува оти доаѓањето на Путин во Алјаска, во Соединетите Американски Држави, значи дека е подготвен да склучи договор. „Да не сум јас претседател, тој (Путин) би ја зазел цела Украина. Но сега јас сум претседател и тој нема да се плетка со мене.“ – кажа претседателот на САД Доналд Трамп доцна синоќа.

Сепак, Трамп се сомнева во можноста за договор за прекин на огнот по средбата со Путин. „Не сум сигурен дека ќе обезбедиме моментен прекин на огнот, но мислам дека ќе го имаме тоа. Мене повеќе ме интересира моментен мировен договор, брз мир.“ – изјави тој за „Фокс њуз“. Американскиот претседател процени дека веројатноста неговата средба со Путин во Алјаска да не успее е околу 25 проценти. Тој рече дека нема да преговара за договор.

Трамп одби да потврди дека ќе одржи заедничка прес-конференција со Путин, но рече дека тоа не би било лоша идеја. „Планирам да одржам прес-конференција. Не знам дали ќе биде заедничка. Дури и не сме разговарале за тоа. Мислам дека би било добра идеја прво да се одржи заедничка, а потоа и индивидуално. Нешто во таа насока. И ако состанокот е неуспешен – само ќе одржам прес-конференција и ќе се вратам во Вашингтон.“ – објасни Трамп. Според американскиот секретар за финансии Скот Бесант, санкциите против Русија би можеле да бидат заострени, ако состанокот во Алајска не успее.

Официјален Кремљ објави дека не се очекува денес потпишување документи по самитот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп во Алјаска, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков. „Би било погрешно однапред да се предвидуваат резултатите од самитот Русија-САД во Алјаска. Сега зборуваме за самитот Русија-САД, а прашањата поврзани со позицијата на Украина се однесуваат на следните фази. Посетата на Стив Виткоф на Русија имаше резултат, овие сигнали овозможија да се премине на подготовка на средбата меѓу лидерите на Русија и САД. На самитот во Алјаска ќе се разговара за прашања, поврзани со решавањето на украинскиот конфликт. Путин и Трамп, по самитот во Алјаска, ќе го изложат опсегот на договори и разбирања, што ќе бидат постигнати.“ – соопшти официјален Кремљ спроти денешната средба во Алјаска.

Нагласена е руската официјална позиција дека „Трамп демонстрира невообичаено уникатен пристап кон решавање на најсложените прашања, а Москва и Путин лично високо ги ценат овие акции“. „Трамп искрено сака да помогне во решавањето на украинскиот конфликт преку политички и дипломатски средства. Русија ја гледа политичката волја на Путин и Трамп да ги решат прашањата поврзани со украинскиот конфликт преку дијалог.“ – соопшти официјален Кремљ. Помошникот на рускиот претседател за надворешна политика Јуриј Ушаков, исто така, рече дека претседателите ќе се насочат на расправа за можностите за долгорочно мирно решавање на украинскиот конфликт.

„Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп вложува големи напори за прекин на борбите во Украина.“ – изјави рускиот претседател Владимир Путин на состанокот пред самитот во Алјаска. Рускиот лидер на состанокот со членовите на владата и претседателската администрација изјави дека има намера да ги информира за напредокот на преговарачкиот процес за решавање на украинската криза. Путин изјави дека не ја исклучува можноста за нов договор за контрола.

„Администрацијата на Трамп вложува значително енергични и искрени напори за запирање на борбите, за завршување на кризата и постигнување договори, што се во интерес на сите страни вклучени во овој конфликт. Со цел да се создадат долгорочни услови за мир меѓу нашите земји, како во Европа, така и во светот како целина – ако до следните фази постигнеме договори во областа на контролата врз стратегиското офанзивно оружје.“ – нагласи претседателот на Русија Владимир Путин на средбата со членовите на руската влада и претседателската администрација спроти денешниот претседателски самит во Алјаска. 

Свето Тоевски

Најнови вести од: Македонија Свет

(Фото): Нема да дозволиме профитерство, рече Мицкоски по средбата со газдите на маркетите

По средбата на претставниците на маркетите и премиерот во Владата е заклучено дека не треба да има ново зголемување на цените. Премиерот порача дека нема да се дозволи профитерство на грбот на граѓаните.

(Видео): Синдикатот за култура со кривична за министерот Љутков – тој пак тврди: Барањата за раст на платите се незаконски

Синдикатот за култура поднесе кривична пријава против министерот за култура, за злоупотреба на службената положба и кршење на правата на вработените. Според претседателката на синдикатот, Вера Атанасовска министерот со инструкции испратени по е-пошта се обидел да ги поткопа правата на вработените и колективните договори. Синдикатот наведува дека повеќе од 800 пријави се поднесени од вработените во културата и дека постојат правосилни судски одлуки во нивна корист.

Николоски од Вашингтон: Разговаравме за економска соработка, енергетската транзиција и изградба на коридори

На средбата со Даниел Лотон, заменик-помошник државен секретар за Европа, беше нагласено силното партнерство меѓу двете земји, засновано на меѓусебна поддршка и споделена посветеност на демократските вредности, како и на создавање подобри перспективи за економска и трговска соработка, соопшти Министерството за транспорт.

Кај судијата Ѓоко Ристов пронајдени судски предмети, кои не ги гибал сѐ до истекување на роковите, најверојатно за да застарат!

Судскиот совет констатира сериозни сомнежи за несовесно и нестручно постапување на судија од Апелациониот суд Скопје, поради неразумно одолжување на судски постапки што довело до апсолутна застареност на предмети. Во извештаите се наведува дека дел од предметите биле чувани во фиока сè до истекување на роковите за кривичен прогон. Иако на седницата не беше јавно посочено името на судијата, досегашните сознанија имплицираат дека е тоа судијата во Апелацискиот суд Ѓоко Ристов. Против него и порано беа поднесувани анонимни претставки до Судскиот совет.

Никола Саркози ќе ја отслужи шестмесечната затворска казна по одлука на судот

Поранешниот француски претседател Никола Саркози ќе мора да ја отслужи шестмесечната затворска казна откако Кривичниот суд одби да ја спои со казната што ја доби во случајот со прислушување, познат како „Бизмут“. Саркози бараше двете казни да бидат обединети за да не мора дополнително да ја издржува втората, со оглед на тоа што веќе ја отслужил првата. Сепак, судот ја одби оваа можност, со што шестмесечната казна останува на сила.

Попов: Македонскиот јазик не е „вештачка конструкција“ и борбата за него не е завршена! Стратегиските партнери треба да помогнат за спорот со Бугарија!

–Официјализирањето на македонската азбука и на македонскиот стандарден јазик не е никаква „вештачка конструкција“, туку логичен тек на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти на цела територија. Тој има долга историја и особен влог во рамките на групата на словенски јазици и светското јазично семејство. Но борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена. Таа мора да трае и да продолжи пред меѓународните институции за човекови права бидејќи неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со преземените обврски со потпишаните меѓународни договори. “ – нагласи Живко Попов, претседателот на Македонската академија на науки уметности, денес во своето годишно обраќање. .

Најнови вести

To top