Македонија

ДИК ги усвои роковите за локалните избори

Претседателот на ДИК рече дека од денот на распишување на изборите, ДИК ќе достави писмено барање до МВР за ажурирање на Избирачкиот список, а за 48 часа МВР треба да достави податоци. Избирачкиот список ќе биде ставен на јавен увид од 23 август до 11 септември на полноќ.

Државната изборна комисија ги усвои роковите за сите дејствија за одржување на Локалните избори 2025, поднесување листи на кандидати до 13 септември, кампањата ќе почне на 29 септември. ДИК попладнево на 128 седница ги усвои роковите за сите дејствија за одржување на Локалните избори 2025, откако претходно денеска нив ги распиша претседателот на Собранието, Африм Гаши. Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржи на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.

Изборната кампања за првиот круг почнува на 29 септември на полноќ и трае непрекинато до 17 октомври до 24 часот. За вториот круг изборната кампања трае до 31 октомври до 24 часот.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, ги соопшти обврските според Роковникот/Календарот кои, рече, ќе бидат објавени како посебни/поединечни изборни дејствија.

Соопшти дека од денот на распишување на изборите, односно од денеска, ДИК ќе достави писмено барање до Министерството за внатрешни работи за ажурирање на Избирачкиот список и за 48 часа МВР ќе треба да достави податоци.  Од 23 август до 11 септември до 00.00 часот Избирачкиот список ќе биде ставен на јавен увид во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК (кои ќе работат во две смени) каде што граѓаните ќе може да ги проверат своите податоци. Избирачкиот список ќе биде заклучен најдоцна 15 дена по завршување на јавниот увид односно 26 септември.

До 13 септември до 24 часот е рокот до кога ќе може да се поднесуваат листите на кандидати на учесници на изборите до општинските изборни комисии.  Жрепката за редни броеви на гласачко ливче ДИК ќе ја организира најдоцна до 25 септември. Најдоцна до 16 октомври, односно три дена пред изборите, сите подносители на листи со потврдени кандидати имаат право да достават предлози за овластени претставници односно набљудувачи на изборите до изборните органи – до ОИК и за набљудување на денот на гласање за избирачките одбори.

Најдоцна до 27 септември ќе се потпише Кодексот за фер и демократски избори.

– Сите учесници на изборите со потврдени кандидатски листи должни се да отворат трансакциска сметка наменета за избори и да обезбедат Единствен даночен број најдоцна 48 часа по потврдувањето на нивните кандидатски листи од ОИК – рече Кондарко.

Медиумите имаат право да извршат регистрација најдоцна три дена од распишувањето на изборите, односно до 12 август до 24 часот. Регистрацијата на медиуми може да се направи на посебен службен мејл на ДИК објавен на веб-страницата или  непосредно во архивата на Државната изборна комисија. Најдоцна до 14 август до 24 часот медиумите треба да ги достават ценовниците.

– Најдоцна до 13 август општините и Град Скопје се должни да ги објават своите локации за истакнување рекламни паноа и билборди за учесниците на изборите. Најдоцна до 29 август општините и Град Скопје се должни да ги објават и условите за користење на местата за рекламирање – посочи претседателот на ДИК.

Резултатите од испитувањето на јавното мислење (анкетите) може да бидат јавно објавувани најдоцна до 13 октомври до 24 часот, а за вториот круг до 27 октомври на полноќ.

Најдоцна до 18 септември ДИК ќе ги објави во Службен весник описите на сите избирачки места за гласање во Република Северна Македонија, додека општинските изборни комисии нив треба да ги објават во општините на видни места најдоцна до 3 октомври.

Акредитации за домашни и странски набљудувачи, невладини организации и владини институции  може да се достават до ДИК од денеска заклучно со 9 октомври односно десет дена пред одржување на изборите.

Немоќните и болните лица до 10 октомври можат со известуавање преку полномошник да се пријават до ОИК за гласање во домашни услови, а до 14 октомври е рокот до кога треба да се пријават лицата што се во куќен притвор. Немоќните лица, оние во старечки домови, во КПД и во куќен пртивор ќе гласаат еден ден пред изборите, односно на 18 октомври.

Најдоцна три дена пред гласањето, ДИК ќе го достави сиот доверлив и недоверлив материјал до сите 80 општински изборни комисии и до избрната комисија на Град Скопје. Ден пред гласањето, општинските изборни комисии се должни да го достават изборниот материјал до секое избирачко место.

Најнови вести од: Македонија

Онлајн купувачи се жалат на проблеми при пазарењето, најчесто за бавна испорака

Бавната испорака е најчестиот проблем на е-купувачите. Повеќе од една третина (35,4%) од онлајн купувачите во ЕУ пријавиле проблеми при купување преку веб-страница или апликација, покажува истражувањето на Евростат од 2025 година за користење на информатичко-комуникациски технологии. Во Македонија, проблем при е-шопинг имале 29,41 отсто од купувачите.

Над 400 милиони денари само лани вложени во инфраструктура во Битола

Во тек се 10-ина нови проекти (реконструкција на улици и патишта, изградба на нови, комунална инфраструктура, спортски игралишта). Коњановски најави дека со почнувањето на градежната сезона ќе има многу работа во оваа календарска година, во која благодарение и на соработката со Владата веќе се склучени договори.

Димитриевски: „Да“ за Европа, но европски пат со заштита за македонскиот идентитет и без отстапки кон Бугарија!

Лидерот на ЗНАМ предлага парламент со 90 пратеници како дел од пошироки изборни реформи. Истовремено бара заштита на македонскиот идентитет и европски пат без отстапки кон Бугарија.

To top