Мерките за задржување на ниските цени на горивата ја чинат државната каса над 100 милиони евра до крајот на годината. Собранието ја започна расправата за вториот ребаланс на Буџетот за 2026, со кој според министерката за финансии, се врши усогласување на проекциите со реалните економски движења. Димитриеска-Кочоска рече дека ребалансот е подготвуван во услови на продолжена глобална неизвесност, геополитички тензии и нарушувања на меѓународните пазари на енергенси.
Ребалансот не е само техничка корекција на буџетските ставки, туку и инструмент преку кој се земаат предвид најновите економски показатели и досегашното извршување на Буџетот, а истовремено се обезбедуваат средства за законските обврски и приоритетните потреби на граѓаните и институциите рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска пред Комисијата за финасирање и буџет на Собранието во која почна амандманската расправа на вториот ребаланс на буџетот.
- Со вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година ги усогласуваме проекциите со реалните економски движења, досегашната реализација и ефектите од мерките преземени во текот на годината. Продолжуваме со инвестиции во патната и железничката инфраструктура, образованието, животната средина, земјоделството, енергетската ефикасност и модернизацијата на јавните финансии, со поддршка од домашни и меѓународни финансиски извори. Очекувам дека во рамки на расправата ќе ги разгледаме предложените измени од аспект на нивната оправданост и потребата за одговорно извршување на Буџетот до крајот на годината- рече таа.
Димитриеска -Кочоска додаде дека вториот ребаланс е подготвуван во услови на продолжена глобална неизвесност, геополитички тензии и нарушувања на меѓународните пазари на енергенси.
- Конфликтот на Блискиот Исток и движењата на светските цени на нафтата и другите примарни производи се одразуваат врз економските услови, врз трошоците на компаниите и домаќинствата, но и врз планирањето и реализацијата на буџетските приходи и расходи. Во вакви околности, одговорната фискална политика бара навремено следење на состојбите и усогласување на буџетските проекции со реалните движења- рече министерката.
Таа додаде дека мерките кои што ги презеде владата за ублажување на кризата имаат конкретна цел, но имаат и директен ефект врз приходната страна на Буџетот, што мора реално да се одрази во проекциите за остатокот од годината.
- Затоа, со предложените измени ги усогласуваме приходните и расходните проекции со новите економски услови и со реализацијата во текот на годината. Притоа, буџетскиот дефицит останува непроменет на претходно утврденото ниво од 4,1 процент од бруто-домашниот производ, односно 46,3 милијарди денари. Корекциите се спроведуваат во рамките на постојниот фискален таргет, со внимателно усогласување на расходите со расположливите средства- напомена Димитриеска-Кочоска.
СДСМ оценува дека новото прекројување на државната каса е последица на нереалното планирање на приходите, а не само на мерките за намалување на акцизата и ДДВ за горивата.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека економските политики се водат одговорно и стратешки, со фокус на фискалната консолидација и одржливиот развој, додавајќи дека платите и пензиите продолжуваат да растат.
Министерката рече дека вкупните приходи се планирани на 374,2 милијарди денари, а дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари или 4,1 отсто од БДП. Проекциите за економскиот раст и за инфлацијата се задржуваат на 3,5 проценти, додека најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари.
Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите од СДСМ. Според опозициската партија, новото прекројување на државната каса е последица на нереалното планирање на приходите, а не само на мерките за намалување на акцизата и на ДДВ за горивата. ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека економските политики се водат одговорно и стратешки, со јасен фокус на фискалната консолидација и одржливиот развој, а платите и пензиите продолжуваат да растат. За вториот ребаланс на буџетот се поднесени 120 амандмани.