Македонија

„До кога, Горане, има ли крај твојот бетон?“ – Ивановска Ивановска до Герасимовски за ДУП-от на Водно

Добро би било градоначалникот да ја научи историјата на градот, особено за периодот кога се иселувале селата Долно и Горно Водно и се пошумувало брдото за да не го поплавува градот

Билјана Ивановска, поранешна кандидатка за градоначалничка на општината, директно му одговори на градоначалникот Горан Герасимовски откако тој побара јавно извинување од советничката група „Шанса за Центар“ за однесувањето за време на јавната презентација на планот.

Ивановска го критикува Герасимовски дека при планирањето на просторот треба да се има предвид историјата на Водно и причините поради кои планината била пошумувана.

„Добро би било градоначалникот да ја научи историјата на градот, особено за периодот кога се иселувале селата Долно и Горно Водно и се пошумувало брдото за да не го поплавува градот“, напиша Ивановска.

Според неа, планот што се предлага за Барутана оди во спротивна насока.

„ДУП-от што го форсира за Барутана е обратен и штетен процес за сите граѓани, освен за тие неколку што имаат финансиски интерес“, тврди Ивановска.

Таа го критикува градоначалникот и поради неговото отсуство од јавната расправа, а го отвора и прашањето за безбедноста на граѓаните во контекст на планираната урбанизација.

„Ниту имаше храброст да се појави на расправата, ниту пак дава гаранција за безбедност на граѓаните. До кога, Горане… има ли крај твојот бетон?“, порача Ивановска.

Нејзината реакција следува откако Герасимовски соопшти дека на седница на Советот побарал јавно извинување од советничката група „Шанса за Центар“, обвинувајќи ја за „навредувачки и непрофесионален однос“ кон претседателката на Советот, советниците и општинската администрација за време на јавната презентација за Барутана.

Герасимовски тврдеше и дека со селективно снимање и објавување делови од дискусијата, без одговорите на стручните служби, во јавноста се создавала искривена слика за случувањата.

„И за Барутана фактите мора да бидат јасни. Претходниот ДУП е укинат со судска одлука и Општината има законска обврска да започне постапка за изработка на нов план. Планот не го носи, ниту го образложува градоначалникот – во постапката се вклучени стручните служби и надлежните институции“, наведе Герасимовски.

Според него, јавната дебата била организирана токму за граѓаните да можат да постават прашања, да достават забелешки и да добијат стручни одговори.

„Не дозволувам од урбанизмот да се прави политички театар и да се собираат политички поени со лаги и конструкции. Граѓаните на Центар заслужуваат факти, аргументирана дебата и одговорно однесување“, порача Герасимовски.

Најнови вести од: Македонија

На инспектори им исекле гуми на возило за да не се дознае кој нелегално користи социјални пензии

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека се откриени повеќе од 4.500 корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност кои ги земале парите без да ги исполнуваат условите, а меѓу нив имало починати лица, иселени граѓани и фиктивни корисници.

Даниловски: Одложувањето на БСЖ- вакцината е мерка на претпазливост

Донесен е заклучок времено да се одложи БСЖ-имунизацијата до добивање целосни информации за сериите, нивниот квалитет и евентуалната поврзаност со појавата на несаканите реакции кои се појавија во Хрватска, вели епидемиологот

To top