Македонија

Филипче: Немаме друга алтернатива освен да се поддржуваме меѓусебно и да работиме заедно

„Скопската иницијатива“: Борбата против корупцијата и авторитарните режими се клучни за европската иднина на регионот

На меѓународна конференција на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Корчуланската висока политичка школа, на која беше промовирана „Скопската иницијатива“, беше посочено дека социјалдемократите и прогресивците од регионот мора заеднички да одговорат на борбата против корупцијата и авторитарните режими, како и на потребата од интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

Во воведното обраќање претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, истакнал дека европската интеграција се соочува со сериозни предизвици и отпор од антиевропски структури.

„Антиевропските сили се поорганизирани од кога било досега и решени да ја одложат, ако не и целосно да ја спречат, европската интеграција. Криминалните мрежи, заштитени од ретроградните политички елити, најмногу стравуваат од реформите во владеењето на правото што ги носи европската интеграција. Успешната интеграција значително би ги ограничила сивите зони во кои тие денес функционираат. Повеќе од кога било, на нашиот регион му е потребна силна прогресивна коалиција – коалиција на социјалдемократски партии, прогресивни организации и поединци кои се подготвени да му се спротивстават на овој регрес“, рекол Филипче.

Даша Шашиќ Шиловиќ од Корчуланската висока политичка школа, посочила дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со сериозни предизвици на кои прогресивните сили мора обединето да одговорат.

„Се соочуваме и со корупцијата, но и со економските проблеми што ќе нè следат во иднина поради авторитарните режими што ги имаме денес. Некој еден ден ќе мора да ја плати сметката. За жал, најверојатно тоа ќе бидат помладите генерации. Друг проблем со кој се соочуваме, е одливот на мозоци. Како да им пристапиме на младите во регионот за да го спречиме овој процес? Повторно, мислам дека тоа мора да се направи на поиновативен начин. Мора да размислуваме надвор од вообичаените рамки. Токму затоа оваа можност и соработката меѓу сите нас може да стане простор и пат за такво размислување.“ рече Шашиќ.

Во однос на европската интеграција на Западен Балкан, Шашиќ Шиловиќ посочила дека европската перспектива на регионот е важна за Европската Унија и дека Западниот Балкан не е товар за ЕУ туку предност.

„Западниот Балкан не треба да биде и не е товар за Европа. Напротив, Западниот Балкан е и може да биде стратешка предност за Европа. Многу зависи од нас и од нашата отвореност и подготвеност да го покажеме тоа. Затоа европската интеграција не смее да се гледа само како бирократски процес, особено од наша перспектива како социјалдемократи и социјалисти“, изјавила Шашиќ Шиловиќ се вели во соопштението од СДСМ.

Воедно Шашиќ Шиловиќ додала дека интеграцијата во ЕУ има и геополитичко значење, особено во овој период на геополитички преструктурирања.

„Таа мора да се сфати како геополитички императив и како трансформативна сила за регионот и неговите граѓани. Обединета и интегрирана Европа не е опција – таа е неопходност. Особено денес, во овие турбулентни времиња на глобални геополитички преструктурирања. Таа е неопходна за Европа затоа што ѝ носи дополнителна сила, поголема кохезија и поголема глобална релевантност. Ние ги имаме нашите вредности. Имаме визија. Затоа, заедно ја имаме моќта да размислуваме за нашата иднина, за визијата и промените што ги посакуваме за регионот, а со тоа и да придонесеме кон европските процеси. Токму тука треба да лежи нашата сила – во согледувањето на пошироката слика и во придонесот што можеме да го дадеме кон новите усогласувања и преструктурирања што денес ги гледаме и во Европа и во светот“, рекла Шашиќ Шиловиќ.

На меѓународната конференција претседателот на СДСМ Филипче, говорејќи за европската интеграција на Македонија, посочил дека државата сега има историска шанса која не смее да ја пропушти и повика на заедничко дејствување и поддршка за продолжување на европскиот пат на државата.

„Немаме друга алтернатива освен да се поддржуваме меѓусебно и да работиме заедно, доколку сакаме нашите држави да останат на патот на прогресот, демократијата и социјалната правда. Имаме можност не само да исполниме една стратешка цел, туку и да го оствариме долгогодишниот сон на цела една генерација. За некои од нас, процесот на европска интеграција започна пред повеќе од 25 години. Денес тој влегува во нова и одлучувачка фаза, со реална и отворена можност за членство во Европската Унија, по години обележани со стагнација и неисполнети ветувања“, порачал претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Најнови вести од: Македонија

Почина Волф Ошлис, амбасадорот на македонската кауза: Ако Европа ја изгуби Македонија, ќе се изгуби и себеси!

На 30 август 2026 година германските научни платформи објавија потврдена вест, која е повеќе од тажна за македонскиот народ и Република Македонија: уште на 18 август 2026 година почина професор доктор Волф Ошлис, германскиот и европски македонист со непроценливо значење на неговиот политичко-јазичен македонистички ангажман за македонскиот народ и јазик, за одбраната на националната, идентитетска, јазична, културна и историска засебност и самобитност на Македонците наспроти сите нивни негирања како народ. Неговата реченица: „Нема ништо полесно отколку да бидеш пријател на Македонија. Јас сум тоа од 1975 година…“ ја одразува неговата длабока професионална, но и лична, чувствена врска со македонската кауза, со Македонците и Македонија

Легендарниот македонски војвода Александар Турунџе пред да си стави јамка на вратот на 30.8.1905: Македонија ќе биде слободна!

„Личната трагедија на македонскиот револуционер, ајдутин, четник и војвода Александар Турунџев, кој е предаден на турските власти за 150 златници од свој сонародник, по што бил обесен на Ат-Пазар во Битола на 30 август 1905 година, освен што е симбол на она што многу често провејува низ македонската историја – предавството, многу повеќе е национален херој и симбол на борбата за слобода на македонскиот народ.Погубувањето на Турунџев се одвивало пред бројни сведоци, меѓу кои и неговата сопруга и нивните две малолетни деца, ќерка и син, кои биле принудени немо да го гледаат испуштањето на последниот здив на својот татко.“ – објави Македонската информативна агенција – МИА.

Штип е без вода: Филтер станицата исклучена, поради крајно големата заматеност од синоќешното невреме

Градот Штип од 14 часот е без вода за пиење. Филтер станицата се исклучи од цевководот на хидросистемот „Злетовица“ поради големата заматеност на водата која пристигнува од браната Кнежево, информираше на вонредната прес-конференција директорот на ЈП Исар Штип Александар Арсовски.

ЗНАМ го осудува глорифицирањето на воените злосторства

Движењето ЗНАМ најостро ги осудува воените злосторства случени на поранешните југословенски простори, вклучувајќи ги и хашките случаи во Македонија од 2001г., и секој обид за нивна глорификација, релативизација или оправдување

To top