Македонија

Претседателе Филипче, до кога ќе се правиме дека сè е во ред?

Ако и по сите порази, предупредувања и разочарувања не сме подготвени искрено да се погледнеме во очи и да признаеме дека нешто сериозно не функционира, тогаш проблемот е многу подлабок од еден изборен резултат, реагира актуелниот координатор на СДСМ за општинските организации во третата изборна единица, Ацо Велковски

По катастрофалните резултати на СДСМ на локалните избори во Општина Брвеница преку објава на социјалните мрежи се огласи поранешниот градоначалник на Општина Лозово и актуелен координатор на СДСМ за општинските организации во третата изборна единица, Ацо Велковски, кој нагласува дека во партијата се потребни промени и дека СДСМ не е ничија приватна сопственост.

„Почитуван претседателе Венко Филипче, До кога ќе молчиме? До кога ќе се правиме дека сè е во ред, додека луѓето што со години ја градеа оваа партија ја губат вербата, достоинството и надежта? До кога ќе гледаме како се распаѓа нешто за што генерации наши членови се бореа со срце, со идеали и со огромни лични жртви? СДСМ не е ничија приватна сопственост. СДСМ е идеја, историја, вредност и дом на илјадници луѓе кои верувале дека оваа партија може да донесе подобра иднина за Македонија.
А, денес, наместо надеж, меѓу многу наши членови има разочарување. Наместо единство — поделби. Наместо јасна визија — неизвесност. Наместо одговорност — премолчување.
И за тоа мора да има одговорност! Ако и по сите порази, предупредувања и разочарувања не сме подготвени искрено да се погледнеме во очи и да признаеме дека нешто сериозно не функционира, тогаш проблемот е многу подлабок од еден изборен резултат“, пишува  во објава на Фејсбук Велковски.

Обраќајќи му се на Филипче, тој посочува дека на СДСМ не му се потребни оправдувања, туку му требаат храброст, визија, одговорност и лидерство што ќе ја врати довербата кај сопствените членови, а потоа и кај граѓаните.

„Но, ова не е порака за предавање. Ова е порака дека СДСМ не смее да заврши вака! До секој член и симпатизер на СДСМ сакам да порачам: не дозволувајте разочарувањето да ја убие надежта. Не дозволувајте внатрепартиските пресметки да нè претворат во луѓе што повеќе не си веруваат едни на други. Не дозволувајте личните суети да бидат поважни од иднината на партијата. Ние не сме непријатели едни на други. Ние сме луѓето што треба повторно да седнат на иста маса, да си ги подадат рацете и да ја вратат вербата дека можеме да направиме нешто големо. Јас не сакам да бидам дел од распадот на СДСМ. Сакам да бидам дел од неговото повторно раѓање! И затоа денес отворено го кажувам она во што верувам: подготвен сум да преземам одговорност, да ја обединам партијата и да работам на создавање нова, силна и организирана социјалдемократска сила. Сакам и можам да ги спојам луѓето што се разочарани, оние што се чувствуваат отфрлени, оние што се повлекоа во тишина, но и оние што никогаш не престанаа да веруваат во идеалите на СДСМ. Не ветувам чуда. Ветувам работа, искреност, отчетност и борба за секој член, за секоја општинска организација и за секој граѓанин што очекува од нас да бидеме вистинска алтернатива. Не ми треба партија во која сите ќе мислат исто. Ми треба партија во која различните мислења ќе бидат сила, а не причина за пресметки. Партија во која способните ќе добијат шанса, во која младите ќе имаат иднина, а искусните членови ќе го добијат заслуженото почитување. СДСМ мора повторно да стане партија што обединува, а не партија што ги губи своите луѓе. Верувам дека можеме да изградиме силна опозиција, со јасна програма, теренска организација, чесни луѓе и храброст да се соочиме со секој проблем. Опозиција што нема само да критикува, туку ќе нуди решенија. Опозиција што ќе ја врати довербата и ќе се подготви сериозно да победи на следните парламентарни избори. Можеби денес сме разочарани. Можеби сме поделени. Можеби многумина веќе не веруваат дека СДСМ може да се исправи. Но јас верувам дека може! И верувам дека промената мора да почне од нас самите — со храброст да кажеме што не е добро, со сила да си простиме и со мудрост повторно да се обединиме. На сите што се сомневаат, им велам: судете ме според моите дела, мојата работа и мојата подготвеност да преземам одговорност. На сите што се разочарани, им велам: не мора да ја напуштите идејата затоа што сте разочарани од луѓето што ја воделе“, истакнува Велковски.

На сите што, како што пишува, го носат СДСМ во срцето им порачува дека ова не бил крајот. Велковски смета дека крајот не е се додека луѓе што веруваат во правда, солидарност, еднаквост и достоинствен живот, луѓе подготвени да се борат за нов почеток и додека постои можност СДСМ повторно да стане дом на сите што веруваат во социјалдемократските вредности.

„Јас сум подготвен да ја преземам таа одговорност. Не заради функција. Не заради титула. Туку затоа што верувам дека СДСМ заслужува нова шанса, дека неговите членови заслужуваат почит, а Македонија заслужува силна, организирана и одговорна опозиција.Врем е е да престанеме да жалиме по она што го изгубивме и да почнеме да градиме нешто што никој нема да може лесно да ни го одземе. Време е за единство. Време е за одговорност. Време е за консолидација. Време е за нова енергија и нов почеток. Време е СДСМ повторно да стане сила! Со почит кон секој чесен член, со отворено срце за сите разочарани и со подготвеност да ја преземам одговорноста што ја бара овој момент. Не се откажувам од СДСМ. Верувам дека можеме повторно да го исправиме на нозе“, пишува Велковски.

Најнови вести од: Македонија

„Еволуција или револуција во војувањето? Од Заливската војна до Украина…“

Настанот ќе се одржи денеска во Порта Македонија со почеток во 10:30 часот, а во фокусот ќе бидат промените во современото војување, влијанието на новите технологии врз воените операции и предизвиците со кои се соочуваат вооружените сили и системите за колективна одбрана

To top