Македонија

Груби ќе ги вика поранешните колеги во Владата за да го уверува судот дека е невин

Чиј министерски глас стои зад спорната одлука за Лотарија?

Кои сведоци ќе ги повика Артан Груби во своја одбрана во случајот со набавката на ВЛТ апарати сè уште не е откриено. Одбраната на поранешниот прв вицепремиер најавува дека ќе ги соопшти предлозите во текот на постапката, но извесно е дека меѓу нив ќе има и министри кои учествувале на владината седница на 6 јуни 2023 година, кога била донесена спорната одлука.

Груби пред судот не признава вина за делото за кое е обвинет. Вина не признаваат ниту неговиот тогашен колега, генералниот секретар на Владата Методија Димовски, ниту останатите обвинети.

Одбраната тврди дека Груби не презел никакво противправно дејствие и очекува преку предложените докази да ја докаже неговата невиност.

„Бидете трпеливи, ќе видите кои се предложени. Во овој момент сè уште не можеме да ги истакнеме. Но, ние сме цврсто убедени дека нашиот клиент е невин и дека не преземал никакви противправни дејствија за никакво кривично дело“, изјави адвокатот на Груби, Гоце Ристевски.

Обвинителството ги товари Груби и Димовски дека на владина седница ставиле барање, по предлог на тогашниот директор на Лотарија на Македонија, Перпарим Бајрами, да се одобри јавна набавка за ВЛТ апарати. Според обвинението, со тоа било овозможено Државната лотарија да приредува електронски игри на среќа иако во тој момент немала законско право за тоа.

Набавката, според обвинителството, потоа ја реализирале останатите обвинети, кои биле членови на Надзорниот одбор на Лотарија.

Перпарим Бајрами е во бегство и за него постапката ќе се води во отсуство.

Обвинителството во текот на постапката ја промени правната квалификација на делото, како и висината на штетата за која ги товари обвинетите.

„Квалификацијата е променета затоа што сметавме дека не обезбедивме докази со коишто ќе успееме да го докажеме делото проневера“, изјави обвинителот Даниел Коцев од ОЈО Скопје.

Според изменетиот обвинителен акт, Груби и останатите обвинети сега се товарат дека на Лотаријата ѝ предизвикале штета од речиси 10 милиони евра.

Постапката дополнително се одолговлекува поради процесни прашања. Еден од обвинетите, Башким Авди, кој бил вработен во институција со која раководел Груби и член на Надзорниот одбор на Лотарија, побарал обвинението да му биде доставено на албански јазик.

Неговиот адвокат Асмир Алиспахиќ најави дека ќе поднесе писмено барање со кое ќе ги прецизира доказите што ги смета за суштински за одбраната.

Обвинителството, пак, смета дека барањето за превод можело да биде поднесено порано и дека со тоа можело да се избегне одложувањето.

Во меѓувреме, обвинителите го објаснија и својот став околу одлуката на Груби да му биде определен куќен наместо ефективен притвор. Од ОЈО Скопје велат дека добиле класифицирани информации според кои била загрозена неговата безбедност.

„Ние како обвинителство сме должни да постапуваме по информациите коишто ги добиваме од институциите. Имавме информација дека му е загрозен животот“, рече Коцев.

Сега останува на судот да одлучи кои докази и сведоци ќе бидат изведени во продолжението на постапката, а одбраната на Груби допрва треба да го открие списокот на сведоци со кои ќе се обиде да ги побие обвинителните наводи.

Најнови вести од: Македонија

Стопанската комора бара посебен статус за транспортерите – нивно изземање од шенгенските ограничувања

Посебен статус за професионалните возачи и нивно изземање од шенгенските ограничувања што важат за туристите предлага Стопанската комора како решение за проблемот со македонските транспортери.

Мисирков: Македонците да имаат македонско гледиште, одделувајќи ги своите интереси од интересите на Бугарија – „лошиот демон за Македонија“!

„Бугарската надворешна политика е главниот извор на сите наши несреќи. Затоа не може и да се зборува за некакви арнотии од Бугарија за Македонија. … Македонци! Време е да се убедиме оти лошиот демон за Македонија не е никој друг освен Бугарија. Ете зошто треба час поскоро да си ги одделиме нашите интереси од бугарските..“ – нагласува авторот на „За македонцките работи“ Крсте Мисирков во својот реферат со наслов „Имат ли се нужда од македонцки национални научно-литературни другарства?“, кој го изнесува на денешен ден, на 28 септември 1903 година во Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ во Санкт Петербург (тогаш Петроград). Тогаш идеологот на македонизмот Крсте Мисирков најдиректно ја формулирал идејата дека македонското прашање мора да има сопствен македонски глас. Истапувајќи на денешен ден пред 123 години како национален мислител од највисок ранг тој се залага Македонија да не биде предмет на туѓи политики, а Македонците сами да ја одредуваат сопствената национална и политичка позиција на Балканот – вонвременски завет и предупредување од исклучително значење во ова „евроинтеграциско време-невреме“ за македонскиот народ.

To top