Македонија

Катедралниот храм „Света Софија“ премина во надлежност на архиепископот Стефан

Во надлежност на архиепископот Стефан прешол и еден објект што е дел од комплексот на охридски Плаошник

Катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид премина во надлежност на поглаварот – архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и тој храм веќе не е дел од Дебарско-кичевската митрополија, објави Вечер.

Во надлежност на архиепископот Стефан прешол и еден објект што е дел од комплексот на охридски Плаошник, а кој сè уште е во изградба. Тој објект треба да биде наменет за резиденцијални потреби, односно да го користи поглаварот, но и високи црковни гости што ќе го посетат Охрид.

Според црковни извори на Вечер, овие промени биле извршени минатата година, паралелно со изборот на новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија, г. Георгиј. Но, тие велат дека засега нема идеи и размислување да се префрли седиштето на МПЦ-ОА во Охрид.

Архиепископот Стефан, надвор од Скопската епархија, под непосредна управа, досега го имал само ставропигијалниот манастир „Рождество на Пресвета Богородица“ во Калишта, Струга. Тој досега немал надлежност врз ниту еден храм на подрачјето на Охрид.

Преземањето на надлежноста врз црквата „Света Софија“ била дамнешна желба на архиепископот Стефан, но на тоа категорично се спротивставувал поранешниот митрополит, Тимотеј, кој почина во ноември 2024 година.

Катедралната црква „Света Софија“ е најзначајниот храм на МПЦ-ОА и во еден долг временски период, таа била соборна црква на Охридската архиепископија.

Најнови вести од: Македонија

To top