Македонија

„Ќарот“ од Македонија го чувале во злато во српски сеф

1,2 милиони евра, 3 златни монети, 1 затна плошка му нашле во сеф во Белград на првообвинетиот за злоупотреба на тендер објавен од РЕК Битола

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против 8 физички и 1 правно лице за злоупотреби поврзани со постапки за јавни набавки во РЕК Битола.

Во текот на 2023 година, петмина од обвинетите, како службени лица – директори и раководители на подружници во РЕК Битола, вклучувајќи го и директорот на комбинатот, вршеле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Според обвинението, тие заедно не ја извршиле својата службена должност за законито и совесно постапување и ги повредиле начелата на економичност, ефикасност, ефективност, сразмерност и конкурентност предвидени во Законот за јавни набавки. Со намера да прибават противправна имотна корист за друг, обвинетите распишале и спровеле постапка за јавна набавка за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј“ во рудниците на РЕК Битола, со цел да се воспостави нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако знаеле дека таквиот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК. Имено, поради неправилната форма на површинскиот коп и поради малиот век на експлоатација (околу 14 години) во рудникот Живојно не е предвидена примена на методата за откопување со континуирана технологија (роторни багери и транспортни ленти) какви што биле дислоцираните погонски станици од Осломеј.

Обвинетите го навеле Управниот одбор да го измени Годишниот план и да овозможи реализација на јавната набавка, а минималните услови за учество на тендерот ги предимензионирале, фаворизирајќи само едно правно лице.

Со тоа ѝ овозможиле на обвинетата компанија да се јави како единствен понудувач и да го добие тендерот вреден 90.000.000 денари без ДДВ (106.200.000 денари со вклучен ДДВ).

Првообвинетиот сопственик на фирмата, двајца вработени и правното лице се товарат за кривично дело – Злоупотреба на постапка за јавен повик или јавно-приватно партнерство од член 275-в, бидејќи свесно ги повредиле прописите за постапката со потпишување и поднесување на невистинита документација во која тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако донесената механичка и електроопрема стоела расфрлана во кругот на РЕК Битола. Незавршената обврска ја наплаќале врз основа на невистинита документација со што правното лице се стекнало со противправна имотна корист од големи размери.

Ова им го овозможиле и тројца од обвинетите директори и раководители во РЕК Битола, кои во 2024 година ги потпишувале записниците и извештаите за наводно извршени работи, иако знаеле дека се невистинити, со што го навеле оштетеното правно лице РЕК Битола да изврши незаконита исплата и сториле продолжено кривично дело – Измама во службата од член 355 став 3 од Кривичниот законик.

Со обвинението, јавниот обвинител предложи да биде одземен износот од околу 1,7 милиони евра со ДДВ кои ѝ биле исплатени на компанијата како резултат на сторените кривични дела. За таа цел, обвинителството во текот на постапката, користејќи и инструменти на меѓународна правна помош, лоцираше и обезбеди 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, 3 златни монети и 1 златна плочка од банкарски сеф во Белград, сопственост на првообвинетиот, како и над 500.000 евра на сметки во домашни банки. Дополнително, замрзнати се и 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година од фирма во Србија во сопственост на првообвинетиот, кои исто така можат да бидат предмет на конфискација.

Сознанијата на истрагата се дека обвинетиот поседува две компании во Србија, од кои едната основана на крајот на 2024 година, но и дека согласно анализираното движење на паричните средства има јасна тенденција тој да ги префрла парите со кои располага кон тие компании. Исто така, обвинителството го ценеше фактот дека обвинетиот одржува блиски врски и со други држави каде би можел да има парични средства, што го прави сериозен ризикот од бегство, па јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за овој обвинет со цел негово обезбедување во текот на судската постапка.

Најнови вести од: Македонија

(Видео): Речиси целосно пробиена трасата на булеварот „Борис Трајковски“ кон Драчево

По долгогодишно чекање, булеварот „Борис Трајковски“ конечно добива решение, со што се исполнува едно од најважните инфраструктурни очекувања на жителите од овој дел на Скопје.

„Комунална хигиена“ со 12 милиони евра долгови и 60% од возилата расипани

Државната ревизија ја прочешла документацијата за 2024 година на Јавното претпријатие Комунална Хигиена Скопје. Според наодите на ревизорите компанијата има проблем со наплататата на нивната услуга, потоа забележано е нерационално управување со залихите, но констатирана е и намалена ликвидност.

Презирот на македонските херои кон смртта во битката на Ножот на 14.7.1907, една од највеличествените страници на македонската историја по Илинденското востание

„Никој не смее да ги допре и да ги нагрди хероите! Гледате ли како комитите ја презираат смртта? Се борат и умираат како херои!“ – со овие зборови мајорот Енвер-беј, кој командувал со многубројната турска војска во легендарната битка со македонските комити на 14 јули 1907 година на планинскиот врв Ножот кај прилепското село Ракле, им оддал почит на саможртвениците за слободата на Македонија и македонскиот народ. Тој трагичен јулски ден во 1907 година штамата завладеја на Ножот, откако последните преживеани македонски комити се самоубија со последните куршуми и со активираните бомби, кои им преостанаа, за да не паднат во рацете на турскиот аскер. Претходно прилепскиот градски окружен комитет и војводите им издале наредба да се повлечат од врвот. ,,Опфатени сме од оган, гориме и сме дошле да изгориме. Сакаме да умреме со достоинство. Нашето решение е неповратно.” – порачале 54-те македонски херои, одбивајќи да се повлечат, за да можат сите останати да заминат безбедно. Битката на Ножот е од најнерамноправните и најкрвавите битки во историјата на Македонија по Илинденското востание, но е и една од многуте во македонската национална историја на непокорот, буните и востанијата против поробителите.

To top