
Пишува: Свето Тоевски
Македонското стебло, кажано со речникот на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова, низ трите милениуми на неговото постоење на македонската етнографска територија отсекогаш имало корени на сите страни и сите катчиња на таа територија. Неа сакаат и денес мнозина да ја означат само како географски регион во настојувањата целосно да го демакедонизираат, да избришат секој македонски белег и да го откорнат насилно секој македонски корен со користење геноцидно-етноцидни мерки. Вклучувајќи и со политиката на лингвацидот. Да бидеме појасни: етноцид значи убиство на еден народ, а лингвацид убивање на еден јазик. Токму ова го правеа грчката држава и нејзината војска и политичари во 1913 година и за време на фашистичкиот режим на генералот Метаксас од 1936 до 1941, како и во периодот на Граѓанската војна во Грција од 1945 – 1949.
Во годините до денес политиката на Метаксас како јазичен и идентитетски фашизам кон Македонците во Егејска Македонија задоби елементи на духовен, идентитетски и јазичен геноцид, стопроцентно „концентриран“ во Преспанскиот договор, кој се спроведува не само врз Македонците во Егејот, туку и врз македонскиот народ во матичната татковина Република Македонија.
Кукуш беше пеплосан до темел во 1913, оти беше силен центар на македонската национална свест и на преродбенската дејност
Јазикот e столбот на идентитетот на еден народ и симбол на неговото постоење. Македонскиот јазик е столбот на македонскиот народ и симбол на неговото постоење. Поради оваа причина Грците му посветија „специјално внимание“ во 1913 година и ни малку случајно на 21 јуни грчката армија ќе го запали до темел и ќе го уништи Кукуш. Тој град и регион во 19 век станал силен македонистички и преродбенски центар, од кој произлегувал жесток отпор против грчките фанариотски активности и воопшто против процесот на хеленизација на македонскиот народ. Кукуш е класичен пример за грчкиот лингвацид (убивањето на македонскиот јазик) и за дијалектоцидот (убивањето на македонските дијалекти во Егејска Македонија).
Фостер: „Уништени и други македонски дијалекти, кои постоеја 1500 години“
Американскиот славист Пол М. Фостер Јуниор вака ја сумира трагичната социолингвистичка и историска реалност на Македонците во Егејска Македонија: „Долновардарските дијалекти настрадаа значително повеќе, особено во регионот околу градот Кукуш, каде што четириесет словенски села беа изгорени од грчката армија во 1913 година. … Бидејќи многу од селата во регионот беа уништени и никогаш повторно не беа населени, македонските дијалекти се зачувани само во лингвистичките и дијалектолошките атласи врз основа на истражувањата на искажувањата на бегалците од тие села и од достапните пишани извори… Некои македонски дијалекти на тие простори исчезнаа по 1.500-те години откако постоеја. … Богданската група дијалекти (од селата Сухо, Висока, Зарово и Негован) се најдоа под огромен, стравотен притисок“. (Фостер Пол М., Јуниор: „Наследството на делото ‘Македонски студии’ на Ватрослав Облак‘ за македонските студии“, 1995).
„Абецедарот“ во 1925 ја доживеа судбината на Кукуш – беше пеплосан и уништен и не сенајде во рацете на македонските деца во Егејска Македонија
Токму затоа истата судбина ја доживеа да биде уништен и македонскиот буквар, наречен „Абецедар“, за кој беше принудена грчката влада да го испечати во 1925 година под притисок на меѓународната заедница и под покровителство на Друштвото на народите, за да ги спроведе одредбите на меѓународниот договор за заштита на малцинствата. Во 1925 година во Атина е составен и објавен букварот на македонски јазик „Абецедар“, печатен на латиница, на македонски јазик на леринско-костурски дијалект. Букварот е составен на основа на одлуката на Министерството за просвета на Грција, а бил наменет за употреба во основните училишта за македонските деца во Егејска Македонија. Но букварот не е пуштен во продажба. Бил запленет од страна на грчката полиција и запален. Поради острото реагирање на грчките реакционерни кругови, букварот не беше искористен, ниту беа отворени училиштата. Покрај ова, беше оневозможувана и каква било манифестација врз македонска национална основа или во прилог на македонскиот национален идентитет.
Ете зошто македонската претседателка Силјановска-Давкова на 2 август 2025 година, на Илинден, повторно ја отвори оваа тема и праша: зошто Грција не го одбележува излегувањето на овој „Абецедар“? Прашањето на шефицата на македонската држава е и потсетување на лингвацидната и етноцидна политика на Грција кон македонскиот јазик, народ и идентитет, која таа ја спроведува повеќе од еден век, но не само врз македонскиот народ не само во Егејска Македонија, туку и воопшто во денешна Република Македонија. Најконцентрираниот сублимат на оваа грчка политика е денес Преспанскиот договор, кој содржи елементи во себе и на национално-идентитетскиот и јазичен фашизам на грчкиот генерал Метаксас во годините на неговите погроми врз македонскиот народ од 1936 до 1940 година, сѐ додека владееше со Грција – погроми, кои продолжија со несмалена жестина особено и во годините на Граѓанската војна во Грција од 1945 до 1949 година.
„Преспанскиот договор“ како своевиден „јазичен Букурешки договор“, кој ја распарчува дијалектната целина на македонскиот јазик
Со Преспанскиот договор се цели да се раскине природната поврзаност на македонските дијалекти и поддијалекти во Егејска Македонија со македонската јазична матица, се дроби живиот организам на македонскиот јазик и токму затоа овој денешен добрососедски договор на извесен начин претставува своевиден „јазичен Букурешки договор“. Преспанскиот договор ја распарчува дијалектната целина на македонскиот јазик и од неговиот дијалектен систем отцепува цела една подгрупа наречена „јужни говори“. Јужните говори, сочинети од поголем број дијалекти и поддијалекти, се зборуваат од македонското домородно население во Егејска Македонија, во северниот дел на Грција.
Поради ваквите погубни ефекти врз матицата на македонскиот јазик и неговите егејски дијалекти, потребно е Преспанскиот договор да биде што поскоро предмет на ангажман на меѓународното право и да биде заменет со нов добрососедски договор меѓу Македонија и Грција, кој ќе ја почитува политичката, лингвистичката и културната реалност на двата народа, грчкиот и македонскиот, со нивно заемно признавање и почитување. Дури тогаш ќе може да се очекува дека ќе бидат отстранети огромните последици врз дијалектната целина на македонскиот јазик, со чие разбивање на два или неколку дела би можело да се доведе во прашање и самото елементарно постоење на македонскиот јазик. Оти, ниеден јазик не може да опстане без хармонично сопостоење на сите компоненти во својот дијалектен систем, врз кои тој почива, ако во дадениов случај вештачки се раздвојуваат егејските македонски говори од македонската јазична матица и од другите нејзини дијалектни групи.
Македонската држава мора да обрне најголемо внимание на македонскиот јазик и неговите дијалекти во Грција и да побара меѓународна заштита, оти дел од нив се соочуваат со растечка закана од „јазична смрт“!
Токму поради сето претходно кажано е од исклучително значење илинденската реч на претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова да се операционализира како отворање ново поглавје во македонската национална, идентитетска и јазична историја, или како што ќе каже таа толку прецизно и сликовито: Време е за нова пролет на Македонската република! Враќањето на името „Македонија“ на македонската држава, како најкондензиран израз на македонскиот идентитет и засилувањето на членот 49 во македонскиот устав во врска со грижата за македонските малцинства, како и преземањето специјални мерки за јазична едукација на Македонците во Северна Грција по пат на дијалектолошки редизајнирани и континуирани програми за нив преку брановите на Македонското радио и МТВ, треба да бидат само дел од активностите за заштита и ревитализација на македонските егејски дијалекти.
А зошто да не се побара пак заштита за македонскиот јазик во Грција овој пат и од ЕУ, но и од Организацијата на Обединетите нации, како наследничка на некогашното Друштво на народи, па пак да се отпечати македонски „Абецедар“ за македонските деца и да се воведе македонскиот јазик во грчките училишта?!
Мора да се обрне најголемо можно внимание на научно докажаниот факт дека сѐ поголем број од македонските дијалекти, особено во источниот и западниот дел на Егејска Македонија, се соочуваат со растечка закана од „јазична смрт“, иако сѐ уште покажуваат одредена отпорност и способност да опстојат, задржувајќи ја колку-толку улогата на чувари на македонската лингвакултура и идентитет. Но потребни се активности за заштита и заживување на тие дијалекти од матичната држава – Република Македонија. Во оваа смисла илинденското истапување на претседателката Силјановска-Давкова, дури и со „Абецедарот“ во рака, високо кренат, е повеќе од важно.
(Оваа статија е изготвена врз основа на научниот труд на авторот „Дијалектите – лингвакултурни чувари на македонскиот идентитет во Егејска Македонија наспроти хеленизацијата: закана од нивна јазична смрт“, изнесен на 50-тата меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура на 3 септември 2023 во Охрид и објавен во конференцискиот зборник. Во подготвувањето на оваа статија се користени и книгата на Донче Тасев „Македонците во Грција“ од 2011 година и научната студија „Македонија и односите со Грција“ на Македонската академија на науки и уметности од 1993 година. )
(Авторот изнесува во оваа статија статија согледувања од сопствена објективна политиколошко-лингвистичка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Ставовите на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)