Карлос Контрера, советник во Софија и потпретседател на ВМРО-БНД, продолжи таму кадешто застана неговиот сопартиец и поранешен европратеник Ангел Џамбаски во тешките навреди упатени на македонска адреса по одлуката на Основниот суд во Охрид за случајот „Пендиков“.
„Концентрационен логор“ и „деспотска држава од азиски тип“ се дел од вокабуларот на „изданокот“ на партијата на бившиот вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, употребен во објавата на Фејсбук во која блуе недолични изрази и описи за соседната држава.
„Истата оваа држава конц-логор преговара со ЕУ, известува за напредок, внимавајте. А во Северна Македонија не се почитуваат основните, фундаментални правила на европскиот правен систем. Какви преговори!“, пишува Контрера.
„Оваа деспотска држава од азиски тип мора да биде ставена во целосна изолација, парите од ЕУ да се запрат до последен цент и да се наметне 100% гранична контрола на нејзините граници – на сите лица без европски пасоши и на сите камиони што извезуваат производи. Со добро не бидува. Заборавете на секаква законитост, владеење на правото и нормални стандарди. Види, ако им ги запреме парите од фондовите на ЕУ и тие почнат да се редат со оние без бугарско државјанство во колоната не-шенген (државјани од трети земји) на границите, за една година ќе има револуција во Северна Македонија“, уверен е тој.