Македонија

Легендарниот македонски војвода Александар Турунџе пред сам да си стави јамка на вратот на 30.8.1905: Македонија ќе биде слободна!

„Личната трагедија на македонскиот револуционер, ајдутин, четник и војвода Александар Турунџев, кој е предаден на турските власти за 150 златници од свој сонародник, по што бил обесен на Ат-Пазар во Битола на 30 август 1905 година, освен што е симбол на она што многу често провејува низ македонската историја – предавството, многу повеќе е национален херој и симбол на борбата за слобода на македонскиот народ.Погубувањето на Турунџев се одвивало пред бројни сведоци, меѓу кои и неговата сопруга и нивните две малолетни деца, ќерка и син, кои биле принудени немо да го гледаат испуштањето на последниот здив на својот татко.“ – објави Македонската информативна агенција – МИА.

Автентична фотографија од моментите на бесењето на војводата Александар Турунџев на 30 август 1905 на Ат пазар во Битола

Александар Турунџе бил македонски револуционер. Деец на Македонската револуционерна организација. Лерински војвода. Се карактеризирал со голема храброст и одлучност во борбите со турскиот аскер, која во одредени моменти, како што говорат историчарите, преминувала во лудост. Турската власт ги знаела овие негови особини и секогаш стравувала од неговите постапки. Бил заштитник на македонскиот народ од насилниците, пљачкашите, зулумџиите, а најсурово се пресметувал со гркоманите и андардските чети. Покрај борбите против османлиските власти, Турунџев бил голем борец против грчката, српската и бугарската пропаганда во Македонија, особено во периодот по Илинденското востание.

– Роден е во селото Екши Су, Леринско, (Горно Врбени), денес во Грција. Тој многу млад се приклучил на редовите на Тајната македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО), прво како четник, а подоцна и како војвода. Во 1903 година бил назначен како војвода во Леринско. Бил активен учесник во Илинденското востание (1903 година) во Леринско и под раководство на војводите Михаил Чаков и Георги Поп Христов учествувал во поголем број битки со османлиската војска.  – вели за МИА м-р Илија Василески, водич историчар во Музејот на македонската борба за самостојност од Скопје.

Историчарот Ѓорѓи Чекутков од Битола за МИА нагласува дека Турунџе живеел само 33 години, а 16 од нив ги посветил на македонското ослободително дело. Смета дека има малку познати историографски податоци за него, но и историски трудови, наспроти неговата големина на војвода, кој не само што се фатил во костец со турскиот аскер, туку водел непоколеблива борба против грчката пропаганда, како и српската и бугарската пропаганда особено по Илинденското востание. Тој го заштитувал македонското население од нападите на турските зулумџии. Се вклучил уште во првите фази во организирањето на револуционерната мрежа. Бил еден од најистакнатите револуционери во битолскиот округ. Турунџев неуморно крстосувал низ костурските, битолските, леринските села, па се до Мала Преспа,. Вршел обуки и набавувал муниција, формирајќи ја македонската револуционерна мрежа во овој регион. Се карактеризирал со голема храброст и одлучност во борбите со турскиот аскер, која во одредени моменти преминувала во лудост. Турската власт ги знаела овие негови особини и секогаш стравувала од неговите постапки. Бил заштитник на македонскиот народ од насилниците, пљачкашите, зулумџиите, а најсурово се пресметувал со гркоманите и андардските чети, вели Чекутков.

Според него, во виорот на Илинденското востание покажал фанатична пожртвувана борба. Учествувал во нападите на железничката станица во Лерин и во Горно Врбени извршувајќи диверзантски акции. По трагичниот крај на востанието останал во внатрешноста на поробена Македонија. Иако била прогласена амнестија за комитите кои ќе се откажат од понатамошна борба, тој, вели Чекутков, не го положил оружјето. Напротив, со војводата Дамјан Груев работеле на обновување на битолскиот револуционерен округ. По неуспехот на востанието, останал во својата родна околија и помогнал во обновата на револуционерната мрежа во Битолскиот револуционерен округ. Бил избран за член на Леринското Горско началство.

По неуспехот на Илинденското востание, судбината на Турунџев му се изменила во 1904 година, кога во селото Ајтос бил предаден од шпионот Митре Гинков. Османлиските власти го уапсиле и го однеле во истражниот затвор во Битола. Таму бил изложен на брутални мачења и држен повеќе од една година. Додека бил затворен се обидел да изврши самоубиство скокајќи од затворскиот прозор, но не успеал во намерата. По долгиот притвор, осуден е на смрт од страна на османлискиот суд во Битола. Казната била јавна егзекуција – бесење на Ат-Пазар, Битола на 30 август 1905 година. Неговиот гроб се наоѓа во црквата „Св. Недела“ во Битола.

Поставка во Музејот на македонската борба за бесењето на Александар Турунџев

Во Музејот на македонската борба посетителите имаат можност да се соочат со една од најпотресните сцени од македонската револуционерна историја – бесењето на леринскиот војвода Александар Турунџев на битолскиот Ат-Пазар, трагичен настан што силно одекнал во јавноста на почетокот од 20 век. Восочната фигура, изработена со исклучителна прецизност, го доловува кобниот момент на егзекуцијата, извршена од османлиските власти на 30 август 1905 година. Бесењето било изведено јавно, како чин на заплашување, пред бројни сведоци, меѓу кои и неговата сопруга и нивните две малолетни деца, ќерка и син, кои биле принудени немо да го гледаат испуштањето на последниот здив на својот татко – вели Василески.

-Егзекуцијата на Турунџев намерно била јавна за да се исплаши населението. Со пранги и синџири на рацете и нозете прво бил изложен на плоштадот во Битола. Поворката тргнала од Саат-кулата крај Безистенот, реката Драгор, па се до Ат-пазар. Турунџев бил сместен на запрежна кола, а напред одел телал кој ја читал веста дека ќе биде егзекутиран. Kон поворката се приклучиле над 3.000 битолчани, повеќето расплакани. Kако што минувала поворката, така христијаните ги затворале дуќаните и тргнувале по војводата. Толпата запрела на Ат-пазар. На мегдан подигната бесилка! Имало кордон од заптии. Малку понастрана некаков дервиш почнал да ја чита пресудата. До него збунет поп го прашал за неговите последни зборови.  Турунџев се поткачил на некаков кош, го фатил јажето, ги подигнал гордо очите кон небото и извикал: „Македонија ќе биде слободна!“. Ни во последните мигови од неговата егзекуција не сакал да биде обесен од турските власти, туку сам се качил на бесилката, го ставил јажето на својот врат и по извикот, се обесил, напишал Чекутков во брошура.

Гробот на Александар Турунџев во Битола денес

Народот од жал ја испеал песната „Црно му било пишано на Александро Турунџев“, која од збор до збор останала да се памети и пее до денес. Во Битола, денеска кај „Ветеринарен центар“, во непосредна близина на Ат-пазар, на местото каде пред 120 години животот го загуби македонскиот војвода Турунџев, ќе биде промовиран скоро поставениот споменик со што ќе се одбележат 120 години од неговата смрт.

Целиот текст на Македонската информативна агенција  – МИА за Александар Турунџев тука

Најнови вести од: Македонија

Штип е без вода: Филтер станицата исклучена, поради крајно големата заматеност од синоќешното невреме

Градот Штип од 14 часот е без вода за пиење. Филтер станицата се исклучи од цевководот на хидросистемот „Злетовица“ поради големата заматеност на водата која пристигнува од браната Кнежево, информираше на вонредната прес-конференција директорот на ЈП Исар Штип Александар Арсовски.

ЗНАМ го осудува глорифицирањето на воените злосторства

Движењето ЗНАМ најостро ги осудува воените злосторства случени на поранешните југословенски простори, вклучувајќи ги и хашките случаи во Македонија од 2001г., и секој обид за нивна глорификација, релативизација или оправдување

Национален дата центар е обврска од реформската агенда

Македонија веќе има дата цента во Прилеп. Но, тој не е основен, туку секундарен што значи во случај на евентуален сајбер напад на системот на поединечна институција, таму се чуваат податоците кај секундарниот. Сега секоја институција наоѓа начин како ќе ги чува своите податоци

To top