Македонија

Откриен споменикот на Турунџев во Битола на 120-годишнината од погубувањето

Со поворка од ОУ „Ѓорѓи Сугарев“, каде бил затворен, до Ат-пазарот, каде бил погубен, битолчани му оддадоа почит на великанот

Споменикот на војводата Александар Турунџев од вечерва и официјално го краси кружниот тек кај некогашниот Ат-пазар во Битола, кадешто со пригодна свеченост беше откриен на 120-годишнината од погубувањето на истакнатиот воин на Македонската револуционерна организација.

Во организација на Општина Битола, во 19:30 часот тргна поворка од ОУ „Ѓорѓи Сугарев“, каде бил затворен, и се движеше преку плоштадот „Магнолија“, крај реката Драгор до местото каде е поставен споменикот.

Пред откривањето на споменикот премиерно беше изведена „Црно му било пишано“ од оперскиот пејач Игор Дурловски, во пијано придружба и аранжман на Николче Мицевски.

На настанот присуствуваа градоначалникот Тони Коњановски, пратениците Пеце Милевски и Силвана Ангелевска, секретарот на општината Борче Димитровски, советници, како и поранешниот градски татко Владимир Талески, во чиј мандат во 2015 година беше донесена одлуката за подигнување на споменикот.

Ѓорѓи Димовски го изработи споменикот, излеан во бронза, висок три метра и тежок 500 килограми, кој осум години „дремеше“ во дворот на Општина Битола.

Тажната судбина на јунакот роден во 1872 година во Горно Врбени, Егејска Македонија, кој се борел против грчката пропаганда, а бил заробен и егзекутиран по едногодишна робија во турски затвор, откако го предал божемниот пријател Митре Гинков за 150 жолтици, е опеана во песната „Црно му било пишано“.

По 16 од 33 години живот посветени на борбата за Македонија, Турунџев оставил таков белег врз македонското револуционерно дело што 3.000 битолчани ја следеле поворката на чело со запрежната кола во која го превезувале до местото на извршување на смртната казна.

Непосредно пред самиот да си го стави јажето околу вратот и да скокне во смрт од кошарата на која бил качен, Турунџев извикал „Македонија ќе биде слободна!“.

 

Најнови вести од: Македонија

Средба Муцунски-Клеин: Непрестаен развој на односите и одличната соработка меѓу Македонија и Унгарија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со новоназначениот специјален пратеник на Министерството за надворешни работи на Унгарија за Западниот Балкан, амбасадорот Андраш Клеин.

Битолчанка и Естонец измамиле стотици граѓани 

Во периодот од декември 2025 година до април 2026 година, преку мобилна апликација и со ветување за наводни добивки навеле голем број граѓани од целата држава да вложуваат финансиски средства на лажна интернет платформа

To top