Повторно хаос за здравствен преглед. Додека пациентите со месеци чекаат за прегледи и операции и сѐ почесто се жалат на недостапна здравствена услуга, дел од лекарите, според наводите на властите, прикажуваат фиктивни дежурства и стигнуваат до астрономски месечни примања. Јазот меѓу реалната слика во болниците и прикажаната на хартија отвора сериозни сомнежи за злоупотреби во системот. Министерството за здравство ќе ги испитува злоупотребите со дежурствата во здравствениот систем, откако премиерот Христијан Мицкоски алармираше дека поединци преку сомнителни практики стигнувале до месечни примања и над 10.000 евра.

Министерот за здравство Азир Алиу потврди дека постојат сериозни отстапувања во начинот на работа и најави институционално расчистување на случаите.
- „Имаме ситуација каде што имаме доктори што прегледуваат само еден пациент неделно, а имаме доктори што прегледуваат 100 пациенти неделно. И едниот и другиот се отстапки и не се во ред. Тоа институционално ќе го решиме“, изјави Алиу.
Според анализите на Министерството, проблемот е поширок и се однесува и на прекумерна дополнителна работа над законски дозволеното.
- „Максимумот е 20 отсто дополнителна работа, но во седум клиники имаме случаи каде што таа достигнува и до 41 отсто“, посочи Алиу, додавајќи дека институциите веќе се детектирани и ќе следуваат постапки. Министерот откри дека има лекари чии месечни примања достигнувале и до 700.000 денари, но не откри детали, за да не се загрози постапката.
- „Како Министерство и како Влада знаеме точно во кои институции се случуваат овие појави. Тоа ќе се решава институционално, бидејќи повлекува и административни и законски процедури“, рече Алиу. Паралелно, здравствените власти ќе го проверуваат и ангажманот на лекарите во приватниот сектор.

- „Ќе бараме податоци од приватните здравствени установи за да видиме колку време нашите вработени таму поминуваат. Тоа е процес што оди тешко, бидејќи со многу напор доаѓаме до податоци“, изјави министерот. Дополнителен проблем, според него, е и неажурирањето на листите на чекање, иако тоа е законска обврска. „Ако влезете во системот ќе видите институции кои не ажурираат податоци. Ќе бараме дневно ажурирање и ќе воведеме казни за директорите ако тоа не се почитува“, рече Алиу.
За да се спречат злоупотреби, веќе се тестираат технички решенија за контрола на присуството на здравствениот кадар. „Во две клиники тестираме систем со фингерпринт за ‘чек ин’ и ‘чек аут’. Прво ќе го воведеме во Скопје, а потоа и во целата држава“, најави министерот. Во подготовка е и нов закон кој треба да ја зајакне контролата и координацијата во системот, вклучително и поврзување на базите на податоци.
- „Секој здравствен работник има уникатен број. Ако истиот број се појави во исто време на две различни места – на пример на државна клиника и во приватна болница – системот веднаш ќе сигнализира“, објасни Алиу и нагласи дека целта не е казнување, туку воспоставување ред во системот.
Предлог-законите ќе бидат достапни во Националниот електронски регистар на правилници (ЕНЕР) од понеделник следната недела, каде јавноста ќе може да поднесе коментари и предлози.