Македонија

Лидија Раичевиќ, кандидат за државен јавен обвинител: Обвинителот треба да учествува активно во откривањето на кривичните дела!

Лидија Раичевиќ, кандидат за државен јавен обвинител за Канал77 истакна дека борбата против корупцијата не може да се спроведе без активна улога на јавниот обвинител.

„Борба против корупција без обвинител нема. Не може да ја спроведе никој постапката без јавниот обвинител. Зошто? Не затоа што е многу силен и моќен, туку затоа што така законите го определиле тоа“, нагласи Раичевиќ.

Таа додаде дека неопходно е да постои институција со стручни луѓе кои ќе ја спроведат оваа борба. „Мора да постои институција и луѓе кои работат во неа, кои се стручни и кои таа борба ќе ја спроведат“, рече Раичевиќ.

Според нејзините зборови, јавниот обвинител не е единствениот кој може да се бори против корупцијата, но неговата основна улога е покрај откривањето и гонењето на кривичните дела. „Јавниот обвинител не е само гонител. Тој треба активно да учествува и во процесот на откривање, така како што предвидува Законот за кривична постапка“, појасни таа.

Раичевиќ истакна дека во условите на сегашната пракса, јавниот обвинител понекогаш е ограничен, бидејќи неговата работа зависи и од информации и докази од полицијата. Сепак, според неа, улогата на јавниот обвинител е клучна не само за борба против корупцијата, туку и за сите видови кривични дела. „Тој треба да биде активен, информиран и способен да ја води целокупната постапка за гонење на криминалот“, заклучи Раичевиќ.

ТВ 21

Најнови вести од: Македонија

To top