Македонија

МАЕИ: Пустец не е бугарски протекторат

Бугарија го злоупотребува здравјето на Македонците за да ги прогласува за Бугари, објави партијата на Македонците во Албанија

Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) најостро ги осудува најновите активности на бугарските власти во Пустец, со кои под превезот на медицинска помош повторно се спроведува политичка пропаганда и негирање на македонскиот идентитет.

На 11 и 12 септември, Бугарија испрати медицинска екипа од Софија во Пустец со воен транспортен авион. Во операцијата се вклучени бугарските министерства за надворешни работи, здравство и одбрана, а заедно со медицинските екипи пристигнаа и бугарски пратеници од различни политички партии.

Официјална Тирана најверојатно поради страв од вето од Софија мора да молчи за бугарската операција и ,,протекторатот” на албанска територија.

,,Токму нивните изјави ја откриваат вистинската политичка димензија на оваа посета. Бугарските пратеници јавно порачаа дека кога станува збор за, како што ги нарекуваат, „Бугарите“ во Албанија, бугарските политички партии се обединети.

Зошто за медицински прегледи во Пустец е потребен воен транспортен авион, бугарски пратеници и државна делегација од Софија?

Ова повеќе не личи на обична медицинска хуманитарна активност. Пустец личи на воена зона, со засилено полициско присуство, бугарски емисари кои демонстративно се движат низ општината и се однесуваат како освојувачи на Пустец и со бугарски знамиња поставени во просториите на медицинскиот центар. Но, Пустец не е Бугарија. Пустец е во Република Албанија, а неговите жители се Македонци”, објави МАЕИ.

МАЕИ особено го осудува однесувањето на бугарските претставници кои во јавноста отворено ги негираат Македонците во Пустец и ги прогласуваат за Бугари. Ниту една медицинска услуга не може да биде оправдување за негирање на идентитетот на македонската заедница. Здравјето на луѓето не смее да биде инструмент за асимилација и политичка пропаганда.

Медицинскиот персонал во Пустец првично не сакал да ги прими бугарските претставници, но под притисок од Регионалниот медицински центар во Корча бил принуден да им ги отстапи просториите.

Срамно е и однесувањето на Општина Пустец, која обезбедува логистичка поддршка на претставници на држава чии институции јавно тврдат дека Македонците во Пустец се Бугари. Наместо да застане во заштита на своите граѓани и нивниот идентитет, локалната власт ги пречекува бугарските претставници со девојчиња во народни носии, леб и сол.

Општина Пустец е во Република Албанија.

За секоја потреба на своите жители – од инвестиции и инфраструктура, до здравствени и социјални услуги – локалната власт треба првенствено да се обраќа до Владата на Република Албанија. Ние сме лојални граѓани на Албанија, ги почитуваме нејзините закони и плаќаме даноци во оваа држава. Затоа не прифаќаме Пустец да биде претворен во полигон за реализирање на туѓи национални политики.

Пустец не смее да биде сцена на бугарска пропаганда. Македонците во Пустец не смеат да бидат статисти во туѓа национална политика.

За жал, Македонците во Албанија денес се оставени сами. Недостасува јасна и одлучна реакција од албанските институции, кои дозволуваат ваквите активности да се одвиваат на територијата на Република Албанија.

МАЕИ ја повикува Владата на Република Албанија да не дозволува територијата на државата и нејзините институции да бидат инструментализирани за негирање на идентитетот на македонската заедница.

Истовремено, ја повикуваме Владата на Република Македонија конечно да ја сфати сериозноста на ситуацијата.

Додека Бугарија има јасна државна политика и целосен политички консензус за асимилација на Македонците во Албанија, Македонија нема ниту стратегија, ниту сериозна државна политика за заштита на македонската заедница во Албанија.

Затоа МАЕИ бара од македонските институции итно да изработат државна стратегија за заштита на Македонците во Албанија и да престанат прашањето на македонската заедница во Албанија да го третираат како партиско, наместо како национално прашање.

Македонците во Пустец не се Бугари. Пустец не е бугарски протекторат.
Нашето здравје не е алатка за асимилација, стои во реакцијата на МАЕИ.

Најнови вести од: Македонија

Интервју: Глупост е Самуил да се враќа во Бугарија, тој таму никогаш и не бил, вели професор Атанасовски

Професорот Александар Атанасовски, чија специјалност е средниот век, вклучително и времето на Византија и Самуиловото Царство, беше гостин во емисијата Радио Точка, во рамки на програмата Хоризонт на Бугарското национално радио БНТ. Централна тема – договорот меѓу Бугарија и Грција за пренесување на наводните коски на цар Самуил од Солун во Софија.

(Фото): Означен стартот на 22. издание на „Виз Ер Скопски маратон“, улиците преполни со учесници

Град Скопје е покровител на спортската манифестација, а градоначалникот вели дека градските служби се подготвени да ја обезбедат потребната поддршка за нејзино успешно одржување.

Пола Скопје ќе биде затворено за сообраќај – стартува 22. издание на „Виз Ер“ Скопскиот маратон

Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да го избегнуваат движењето по овие сообраќајници во периодот од 06:00 до 14:00 часот и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници на терен.

(Видео): Државата е енергетски стабилна, се очекува поевтинување на горивата, вели Мицкоски

Државата не е голем потрошувач на гас и постои план за справување со можните предизвици, велат од Владата. Премиерот кажа и дека разговарал со големите нафтени компании. Премиерот очекува и поевтинување на горивата веќе од следната недела.

Во пресрет на грејната сезона – парно, струја, дрва: Што најмногу го празни џебот?!

Најефикасното, но и најскапо современо решение е топлотна пумпа систем воздух-вода. Оваа инвестиција бара помеѓу 6.500 и 9.000 евра, иако потоа месечната потрошувачка на струја за целата куќа е приближна на трошокот за два инвертер уреди. За домаќинствата кои немаат буџет за вакви системи, поставувањето на три поквалитетни инвертер клими со инвестиција од околу 2.500 евра.

Секоја десетта цигара во ЕУ е нелегална, црниот пазар ја опфаќа и Македонија

Предизвик за европските институции не е само растот на нелегалното производство, туку и неусогласениот начин на кој земјите му се спротивставуваат. Националните системи за контрола и спроведување значително се разликуваат, кривичните дела и казните не се доволно хармонизирани, а и натаму постојат празнини во соработката и размената на информации меѓу надлежните институции.

To top