Македонија планира инвестиции од пет до шест милијарди евра во транспортната инфраструктура, со акцент на Коридорите 8 и 10, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на Виенскиот економски форум. Тој посочи дека во моментов се градат шест автопатски делници, завршени се три експресни патишта, а се реализираат и проекти за железничко поврзување. Според Николоски, целта на инвестициите е подобрување на регионалната транспортна поврзаност и создавање поповолни услови за економски развој.

Николоски оцени дека земјите од Југоисточна Европа се премали за самостоен настап на светскиот пазар и дека за поголема конкурентност е неопходна посилна регионална соработка и заеднички настап пред европските и светските партнери.
- „Една од основите за развој на оваа соработка секако е поврзаноста, затоа што без поврзаност не може да има и бизнис“, рече Николоски.
Тој нагласи дека Владата стратешки инвестира во двата паневропски коридора, а како дел од инфраструктурниот инвестициски циклус посочи шест автопатски делници на кои во моментов се работи. На Коридорот 8 се реализираат проектите Охрид – Кичево, Кичево – Букојчани, Букојчани – Гостивар и Гостивар – Тетово, како и автопатот Скопје – Блаце, кој треба да ја подобри поврзаноста со Косово. Во рамки на Коридорот 10д се работи на делницата Битола – Прилеп. Покрај автопатите, Николоски се осврна и на експресните патишта, посочувајќи дека се завршени три делници: Градско – Дреново, Дреново – Фариш и Страцин – Крива Паланка, последната како дел од источното крило на Коридорот 8.

Паралелно со патната инфраструктура, Владата инвестира и во железничкото поврзување. На источниот дел од Коридорот 8, завршена е пругата од Куманово до Бељаковце, во должина од 34 километри, додека се работи на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка, долга 31 километар. За третата делница, од Крива Паланка до влезот на прекуграничниот тунел, во должина од речиси 24 километри, веќе е активен тендер.
На западното крило на Коридорот 8, во соработка со Европската Унија, се подготвува реконструкција и рехабилитација на железничката пруга од Скопје преку Јегуновце, Тетово и Гостивар, со втора фаза до Кичево. Во плановите е и брзата железница на Коридорот 10, од границата со Србија до границата со Грција. Според Николоски, подготвителните активности се при крај и се очекува наскоро да започне изградбата. Целта на овие инвестиции, како што истакна, е Македонија да стане вистинска балканска крстосница, преку која ќе се поврзуваат бизнисите, пазарите и транспортните правци, но и ќе се придонесе за регионалната безбедност.
На форумот се разговараше и за примената на вештачката интелигенција и современите технологии. Николоски посочи дека со измените на Законот за јавните набавки се предвидува воведување дигитални алатки и решенија базирани на вештачка интелигенција за автоматизирано следење на постапките и откривање неправилности и ризици.
Според него, ова треба да придонесе за поголема транспарентност и избор на најповолните понуди во јавните набавки. Николоски втора година по ред учествува на Виенскиот економски форум, кој повеќе од две децении претставува платформа за економска соработка, регионално поврзување и промоција на инвестициите во Југоисточна Европа.