Македонија

Менкиноски: Крајно време е бугарско-македонскиот спор да го поставиме како правно прашање

Бугарија со едната рака потпиша дека ќе ѝ помага на Македонија да стане членка на ЕУ, а со другата рака ја користи својата позиција во ЕУ за да го попречува истиот процесот

Ние премногу долго го третираме македонско-бугарскиот спор исклучиво како политичко и историско прашање. Мислам дека е крајно време да го поставиме и како правно прашање, вели адвокатот Тони Менкиности  во интервју за МКД.Мк.

Менкиноски потсетува дека Македонија и Бугарија во 2017 година потпишаа меѓународен договор, но дека тој договор не е политичка декларација, ниту список на добри намери.

„Тој (договорот) создава права и обврски за двете држави. Во член 2, Бугарија презема обврска да соработува со Македонија во процесот на европска интеграција, да го споделува своето искуство и да ѝ помага во исполнувањето на критериумите за членство во Европската Унија.
Оттука произлегува едно едноставно, но суштинско прашање: Можете ли со едната рака да потпишете дека ќе ѝ помагате на една држава да стане членка на ЕУ, а со другата рака да ја користите својата позиција во ЕУ за да го попречувате истиот процес?
Тоа веќе не е само политичко прашање. Тоа е прашање на меѓународното право“ вели адвокатот познат како застапник на македонските здруженија во  Бугарија пред Европскиот суд за човекови права

Околу фактот дека Бугарија секогаш се повикува на тоа дека е членка на ЕУ  што „ѝ дава право“ да поставува услови, Менкиноски вели:

„Се разбира дека Бугарија има права што произлегуваат од нејзиното членство во Европската Унија. Никој тоа не го оспорува. Но едно е да имате право, а сосема друго е како го користите тоа право во однос на меѓународните обврски што доброволно сте ги презеле. Во меѓународното право постои фундаментален принцип – pacta sunt servanda. Договорите мора да се почитуваат. И не само формално. Тие мора да се исполнуваат совесно, во добра верба – bona fide.

Затоа вистинското прашање не е дали Бугарија има право на став во рамките на Европската Унија. Секако дека има. Прашањето е дали начинот на кој го користи тоа право е во согласност со обврската што ја презела кон Македонија – да соработува и да ѝ помага во нејзината европска интеграција“.

Во продолжение, Менкиноски вели дека  постои доволно сериозно правно прашање кое Македонија мора да го испита. Особено ако условувањата не се однесуваат на објективните критериуми за членство.
„Ако од Македонија се бара владеење на правото – мора да го исполниме. Ако се бара независно судство – мора да го обезбедиме. Ако се бара борба против корупцијата, функционална пазарна економија и усогласување со европското законодавство – тоа се легитимни европски барања и наша обврска е да ги исполниме.
Но кога европскиот процес се условува со историски и идентитетски прашања, тогаш имаме право да прашаме: каде завршуваат Копенхагенските критериуми, а каде започнува билатералното условување?
И уште поважно – дали таквото условување е компатибилно со обврските што Бугарија ги презела со Договорот од 2017 година“.

Запрашан дали Македонија едноставно треба да се повлече од Договорот, како што смета дел од јавноста, Менкиноски вели:

„ Тоа е легитимна тема за политичка и правна дебата. Но,  мора да бидеме реални. Македонската политичка елита, барем според досегашното однесување, очигледно нема намера да оди кон раскинување или престанок на Договорот од 2017 година.
Ако е тоа политичката реалност, тогаш не можеме бесконечно да останеме заробени во дебатата дали Договорот требало да биде потпишан или дали денес треба да биде анулиран. Мора да бараме алтернативи во рамките на правото.

Ако договорот останува во сила, тогаш Македонија треба да престане да го гледа исклучиво како извор на сопствени обврски. Треба да почне да го чита и како извор на права. Тоа е суштинската промена што ја предлагам“, вели адвокатот.

Како што објаснува, „ако од Македонија се бара да го почитува Договорот, тогаш Македонија има целосно право да бара и Бугарија да го почитува истиот договор. Не може една страна постојано да биде прашувана што направила за негово исполнување, а другата да биде ослободена од истото прашање, само затоа што е членка на Европската Унија.
Ако договорот важи – тогаш мора да важи за двете страни. И токму таму треба да ги бараме правните алтернативи“

Менкиноски вели дека треба да се утврди кои конкретни постапки на Бугарија можат да бидат спротивни на член 2, дали постои повреда на принципот на добра верба и дали со конкретното однесување се поткопува целта на договорната обврска за соработка и помош во европската интеграција.
Потоа треба да се користат механизмите што ги предвидува самиот Договор, дипломатските механизми за решавање меѓудржавни спорови и да се анализира можноста за меѓународна судска постапка.
„Значи, ако политичката елита нема намера да го раскине Договорот, тогаш Македонија мора да направи нешто друго – да почне правно да го користи Договорот. Не само да одговара на барања што произлегуваат од него, туку да инсистира и на исполнување на обврските на другата договорна страна“.

Менкиноски вели дека многу важна правна паралела е искуствто со судска постапка со Грција.

„ Кога Македонија ја тужеше Грција пред Меѓународниот суд на правдата, ние не баравме Судот да нè внесе во НАТО. Баравме да утврди дали Грција, со своето однесување во рамките на НАТО, ја прекршила обврската што ја презела со Времената спогодба. И во 2011 година Меѓународниот суд на правдата утврди дека Грција ја прекршила таа обврска.

Тоа е исклучително важна лекција.

Судот не одлучуваше дали грчката политика е добра или лоша. Не одлучуваше ниту дека Македонија мора да стане членка на НАТО. Одлучуваше за нешто многу поедноставно: дали една држава го почитувала договорот што самата го потпишала?

Затоа и денес не треба да бараме меѓународен суд да ја внесе Македонија во Европската Унија.

Треба да го поставиме вистинското правно прашање: дали Бугарија, преку своето конкретно однесување во процесот на европската интеграција на Македонија, ги почитува меѓународните обврски што самата ги презела?  вели Менкиноски.

Запрашан дали Македонија треба да ја тужи Бугарија, Менкиноски со одговор:

„ Не би рекол веќе утре да поднесеме тужба. Државата не смее да води меѓународни постапки импулсивно. Но би рекол нешто друго – Македонија треба веднаш да започне правна подготовка за сите расположливи опции, вклучително и за можноста за меѓународна судска постапка. Прво мора прецизно да утврдиме кои постапки на Бугарија можат да претставуваат повреда на Договорот.

Потоа треба да ги активираме механизмите предвидени во самиот Договор, да создадеме јасна дипломатска и правна документација дека постои спор околу неговото толкување и применување и, најважно, да утврдиме пред кој меѓународен форум може да се води таква постапка.
Меѓународниот суд на правдата е една од опциите што заслужува сериозна анализа, но таму мора многу внимателно да се испита прашањето на надлежноста. Затоа јас не повикувам на непромислена тужба.

Повикувам Македонија конечно да изгради правна стратегија“, порачува адвокатот Менкиноски..

Повеќе на ЛИНКОТ

Најнови вести од: Македонија

Героски: Филмот „Враќањето на бугарскиот Цар Самуил во татковината Бугарија“ е пропаганда и мизерија на најјако!

Ете баш вака изгледа „заедничката историја“ на европејски начин. Сите коски се бугарски! Политичка митологија и пропаганда пуштени на најјако. Грда и болна демонстрација на сила. Мизерија. А допрва ќе мора да признаеме дека нашата „заедничка историја“, всушност, е туѓа. Дека сме ја украле. Дека сме фалсификатори и лажговци. Дека, всушност, сме измислени и дека не постоиме. Уште има некој кому ова не му е јасно? Ова го истакнува новинарот Бранко Ѓероски во својата колумна со наслов „Цар Самуил се враќа во ‘татковината Бугарија’ со самолет, aj па ние утре Гоце Делчев ќе им го вратиме со дрон!“, објавена во порталот „Плус инфо“.

Манасиевски до Кузеска: Вие сте предавници, ВМРО ДПМНЕ е против „Бугари во Устав“ под бугарски диктат!

На телевизија Канал 5 во емисијата „Само Вистина“ гостуваше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски кој се осврна на актуелните случувања поврзани со уставните измени и односите со Бугарија и порача дека ВМРО-ДПМНЕ е против уставни измени под бугарски диктат.

Шамбевски: Бугарија чини катастрофално погрешен чекор во однос на Македонија со моштите на Самоил! Може да ги пренесе, но не и Самоиловата тврдина од Охрид!

Споменот на Царот Самоил е во многу нешта заслужен за развивање на македонскиот национален идентитет и како таков бил светилник во најтемните денови на овој народ. Неговите коски можете да ги преместите колку сакате. Но, планините, езерата, градовите и историските траги не ги собира во ковчег!“ – реагира Оливер Шамбевски, македонски политичар и поранешен амбасадор на Република Македонија во низа светски држави, во врска со циркусот така наречен „враќање на моштите на цар Самуил во Бугарија“.

ВМРО ДПМНЕ: Каракачанов да си ги покани во Бугарија Заев и Филипче на пренесување на моштите на цар Самоил, кој има неизбришлива трага за Македонија!

„Во однос на поканата на Каракачанов до лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Мицкоски за присуство на пренесување на моштите, посоодветно е таа покана да ја испрати до неговите истомисленици Зоран Заев и Венко Филипче.“ – реагира ВМРО ДПМНЕ кон Красимир Каракачанов. Претходно, во текот на овој ден, на 30 септември 2026 година Красимир Каракачанов, во улога на претседател на бугарската партија ВМРО и поранешен бугарски вицепремиер му упати дрска и провокативна покана на лидерот на ВМРО ДПМНЕ и претседател на Владата на Македонија Христијан Мицкоски „да присуствува на 3 октомври 2026 година на враќањето на посмртните останки на големиот бугарски владетел цар Самуил во неговиот роден град, во Софија, како знак на почит кон една од најзначајните личности во нашата заедничка средновековна историја“!

Македонија со стабилни девизни резерви, банките со солидна ликвидност

Во својот најнов извештај за нашата земја, меѓународната рејтинг-агенција „Фич“ ги нагласува кредибилноста и континуитетот на монетарната политика на Народната банка, како и стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Агенцијата оценува дека долгорочната посветеност за одржување стабилна монетарна политика, поддржана од фиксниот курс на денарот кон еврото, претставува важен фактор за макроекономската стабилност.

Ќе дадеме јасна предност на сериозни, добро осмислени и одржливи проекти, рече министерот Сулејмани за Годишните конкурси

Министерот ги повика уметниците, здруженијата, независните културни организации и сите заинтересирани апликанти да ги разгледаат условите на конкурсите и навремено да ги поднесат своите проекти.

Големата еко-акција: 30.000 граѓани засукаа ракави – ќе го чистат Скопје од ѓубре

Околу 30.000 граѓани денеска се приклучија на големата акција за расчистување на Скопје, во рамки на која илјадници сограѓани, заедно со градоначалници, претставници на амбасади, јавни личности, млади и волонтери, со заеднички ангажман придонесоа за почист и поуреден град.

Најнови вести

To top