
Денес се навршуваат 79 години од маченичката смрт на Мирка Гинова, хероината на сиот македонски народ, која ѝ појде во пресрет на смртта со невидена храброст и со насмевка на усните. По невидени измачувања од грчките џандари и војници Мирка беше стрелана на денешен ден, на 27 јули 1946 година, во последните мигови на животот со најголема гордост искажувајќи ги своето национално потекло и идентитет како Македонка, но и своето револуционерно вјерују – кредо за слободата на македонскиот народ и за соживот со грчкиот народ.
Мирка Гинова е родена во 1916 година во сиромашно македонско семејство, во село Русилово, Воденско, во Егеjскиот дел на Македониjа. Мирка Гинова е национален деец и борец за македонската кауза и слобода во Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција. Заедно со илјадници македонски и грчки патриоти, се бореше против фашистичките окупатори на Грција, а подоцна и против силите на реакцијата и монархофашизмот. Мирка Гинова беше жена, која не го прифати животот како милост во замена за идеалите на македонската борба и слобода. Како борец на македонското национално ослободително движење таа стана симбол за храброста и смелоста на македонската жена.
Крајната бруталност на фашистичкиот режим на Метаксас кон Македонците во Грција
На двегодишна возраст, останува без својата мајка и ги почувствувала сета горчина и страдања во животот. Нејзиниот татко Константин Гинов, иако сиромашен, согледувајќи ја нејзината жед за знаење, со малку пари ја испратил на курс за учителки во Костур. По завршувањето на учителската школа во Костур во 1939 година Мирка подолг период се обидувала да се вработи, но шест години фашистичкиот режим на Метаксас ја попречувал да најде вработување. Во овој период, диктаторскиот режим со крајна бруталност ги прогонувал Македонците, третирајќи ги како граѓани од втор ред и интернирајќи ги по пустите острови во јужниот дел на Грција.
Пред почетокот на грчко-италијанската војна, на 29 октомври 1940 година, таа е назначена како учителка во Воденско. Грижлива како мајка, Мирка целата своја љубов ќе ја насочи кон децата. За кусо време ќе ја стекне нивната доверба и почит. Целото село ќе ја прифати како нивна, изразувајќи должна почит и љубов кон самопрегорната учителка. Сепак, нејзиното учителствување нема да трае долго. Хитлеровата воена машинерија во април 1941 година ја окупира Грција.
Грчката војска набргу капитулира на 20 април 1941 година. Со почетокот на фашистичката окупација на Грција се измени и уште повеќе се влоши положбата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија. Свесна дека само преку оружена борба може да се стигне до слободата, Мирка Гинова ќе се приклучи во редовите на Федерацијата на комунистичката младина на Грција – ОКНЕ и на Националната панеленистичка организација на младите – ЕПОН. Како активист на ЕПОН, илегално делува во воденските и мегленските села. Таа ги организира македонските младинки и младинци, кои ја помагаат народноослободителната борба.
Борбата на малубројниот партизански одред на Гинова со 400 грчки џандари и војници на 6 јули 1946 и нејзиното заробување
Мирка Гинова регрутира нови борци и заминува во партизани во 1943 година во околината на Кајмакчалан. Илегално дејствува по воденските и мегленските села. Во 1943 година се вклучува во редовите на народноослободителната борба и станува секретарка на Антифашистичкиот Фронт на Жените за Воденскиот округ. По капитулацијата на Германија во 1945 година радоста на населението во Егејскиот дел на Македонија не траеше долго. По ослободувањето на Грција, новата власт започна да ги прогонува членовите на ЕЛАС, кои масовно беа апсени, затворани и подложени на невидена тортура. Посебно беа подложени на репресалии Македонците во Егејскиот дел на Македонија. Во 1945 година Мирка се приклучува на Тајната ослободителна македонска организација (ТОМО) и при избувнувањето на граѓанската војна во Грција учествува во оружените групи на Народноослободителниот фронт.
На 6 јули 1946 година во местото Долга Ливада на планината Почеп, во близината на Воден, Мирка Гинова формирала мал партизански одред. Набрзо, во една акција на 400 грчки џандари и војници, одредот бил опколен и започнала борба, во која Мирка Гинова како единствено вооружена убила двајца џандари. Кога останала без муниција, Мирка Гинова, заедно со шестемина свои другари била заробена.
Ужасното мачење на Мирка и носењето раскрвавена низ улиците на Воден, но таа одела со исправена глава и цело време им се смешкала на луѓето!
Џандарите брутално се нафрлиле врз неа и со распарчена облека и целата облеана во крв, ја носеле по улиците на Воден, но таа одела со исправена глава и цело време им се смешкала на луѓето, кои се собрале да ја видат. Потоа, започнало ужасно мачење: Мирка Гинова била тепана со дрвени колци, кундаци и метална жица. Под ноктите ѝ забивале шајки, а низ телото ѝ спроведувале струја. Била жива закопана до висина на вратот, додека жандарите пукале над нејзината глава. Потоа, Мирка Гинова и шесте нејзини другари биле спроведени во Ениџе-Вардар.
На судењето, кое се одржало во градското училиште на 25 јули 1946 година, воениот суд ја осудил на смрт со стрелање. Заедно со другите соборци, Мирка Гинова била стрелана на 27 јули 1946 година. Покрај неа, биле стрелани и: Ристо Стојанов (45), Томе Мијангов (55), Георги Проев (25), Петре Поп Димитров (35), Димитар Лимбов (40) и Горгиос Муцакис’-Алеко.
За време на судењето, таа ја покажала сета своја храброст. Иако свесна за последиците, пред судот во своја одбрана изјавила: “Mакедонка сум и верувам во Комунистичката Партија на Грција, бидејќи само таа партија ги претставува желбите на луѓето во Грција и гарантира за Македонците еднакви права со сите други. Се борев против Германците … и сега сум горда дека умирам, бидејќи се борев против новите окупатори.“
Ја пресретна смртта со насмевка на усните, смело пеејќи!
Слична храброст ќе покаже и на самиот чин на стрелањето, кога не дозволила да ѝ ги врзат очите, а цело време ја пеела “Интернационалата”, викајќи “Ура за Комунистичката партија на Грција!” Грчки војник, кој присуствувал на чинот на стрелањето, ќе ги забележи последните мигови на Мирка Гинова. Во писмото испратено до нејзиниот татко Константин тој ќе напише: „Ви честитам за ќерката, што сте ја родиле. Ја пресретна смртта со насмевка на усните, смело пеејќи. Сите присутни се зачудивме. Во 5.30 ѝ се доближив и ја прашав дали сака нешто да им напишам на родителите. А таа ми рече: ‘Ако милувате, пишете му го на татко ми следното: Умирам за нешто во што верувам со сета душа, како чесна, а не како нечесна, за поарен живот на другите, а не за мојот‘. Беше чудесна, ниту пред смртта не покажа малодушност. Исто така, и другите шестмина, но повеќе таа. Не ви ги пишувам овие зборови, за да ја пофалам вашата ќерка, туку ја изложувам само вистината, што ја видов. Ја имав желбата да ви ги напишам последните зборови на незаборавната Ирина, на сите позната како Мирка…”
Мирка Гинова е првата жена, стрелана во Грција од политички причини. Народот ја опеал нејзината смрт, а повеќе македонски поети на Мирка ѝ посветија потресни стихови. Таа загина во одбрана на честа и за слободата на својот македонски народ. Достоинствено, храбро, рамо до рамо со своите соборци, ги исполни историските завети. Меѓу младоста и куршумот ја избра бесмртноста. За своите заслуги таа е посмртно прогласена како народен херој на Македонија.