Македонија

Мицкоски: Македонија веќе помина низ процес на „обоена револуција“

Никогаш нема да дозволам да се создаде движење коешто ќе биде радикално против моите политики, затоа што политиките што ги водам се народни, промакедонски, вели премиерот

Во синоќешното гостување во „Само интервју“ на телевизијата „Канал 5“, премиерот Христијан Мицкоски рече дека не очекува во Македонија да се појави радикално движење против Владата, по примерот на студентските протести во соседна Србија.

„ Прво, јас сум универзитетски професор кој секој ден е на линија со студентите. Второ, како човек никогаш нема да дозволам да се создаде движење коешто ќе биде радикално против моите политики, затоа што политиките што ги водам се народни, промакедонски“, рече Мицкоски.

Тој оцени дека Македонија веќе поминала низ процес што го нарече „обоена револуција“, алудирајќи на политичките случувања во 2017 година и формирањето на владата предводена од Зоран Заев.

„Таков тип на обоена револуција во Македонија се случи во 2017 година. Кога имаше пароли – нема правда, нема мир, кога беше формирана Владата на Заев, а тие ги разочараа граѓаните. И токму тие се луѓето кои донесоа најголемо разочарување“, изјави премиерот.

Мицкоски додаде дека, според неговото толкување, политичките промени во регионот започнале во Македонија во 2024 година, а потоа продолжиле и во други земји.

Додаде дека не очекува најавите на опозицијата дека владата во Скопје би можела да биде следната што ќе падне, по политичките промени во Унгарија и случувањата во Србија, да ѝ донесат посакуван резултат.

„Мислам дека нема да дојдат до резултатот што го посакуваат, но тоа е нивен проблем, не е наш проблем“, рече Мицкоски, додавајќи дека Владата ќе остане фокусирана на својата програма и на проектите.

Најнови вести од: Македонија

To top