Македонија

Мицкоски: САД не гледаат како близок пријател и приоритет

Стратешкото партнерство останува силно и непроменето

Премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон порача дека Соединетите Американски Држави ја гледаат Македонија како близок пријател и врвен приоритет во регионот. Во интервју за МИА, тој зборуваше за стратешкото партнерство со САД, енергетските проекти, дата-центрите и односите со Бугарија.

Мицкоски истакна дека посетата била искористена за средби со претставници на тинк-тенкови, финансиски корпорации и американски институции, со цел да се потврди стратешкото партнерство.

„Она што мене ме радува е фактот дека апсолутно во Македонија и во оваа Влада, Соединетите Американски Држави и актуелната администрација на претседателот Трамп гледаат како на близок пријател, не само во регионот, туку и во Европа“, рече премиерот.

Тој посебно ја издвои средбата со Каролајн Вик од Американската корпорација за меѓународно финансиско развивање (DFC), која располага со портфолио од околу 200 милијарди долари. Разговарале за можно финансирање на проектите Чебрен и Галиште, како и за други инфраструктурни, енергетски и податочни инвестиции.

За рудникот за антимон во Крива Паланка, Мицкоски потврди дека американската страна веќе е присутна со гаранција од 5 милиони долари, но додаде дека тоа е само почеток и дека интересот е значително поголем.

Премиерот детално зборуваше за гасоводот што треба да го поврзе ЛНГ-терминалот во Александрополис со Централна Европа. Капацитетот би бил околу 3 милијарди метри кубни годишно, а со зголемен притисок и до 6 милијарди. Гасоводот е двонасочен, што значително го зголемува капацитетот што Македонија би можела да го користи.

„За да бидеме на рутата на транзит, ние мораме да го завршиме и северниот интерконектор со Србија. Кога ќе ги завршиме овие два проекта, што очекувам да биде на крајот на 2028 година, геостратешката положба на земјата ќе биде сосема поинаква“, истакна Мицкоски.

Според него, зголемениот капацитет отвора можности за изградба на гасни централи, производство на електрична енергија и развој на дата-центри, а потоа и на капацитети поврзани со вештачка интелигенција.

За дата-центрите, премиерот порача дека станува збор за неповратен процес.

„Секој којшто има дилема тука, не ѝ мисли добро на сопствената држава“, рече тој.

Потврди дека Владата разговара со компанијата „Рамбл“ на Крис Павловски, како и со уште пет други компании. Ги отфрли критиките за бучава и голема потрошувачка на вода, посочувајќи дека постојат современи системи со воздушно и фреонско ладење. На прашањето дали центрите ќе бидат со затворен круг на разладување, одговори: „Апсолутно“.

Мицкоски ја претстави развојната стратегија на Владата преку три столба – патна и железничка инфраструктура, енергетска инфраструктура и висока технологија.

„Оваа Влада има јасен план којшто може да го објасни на една страница“, рече тој, додавајќи дека целта е економски развој со високотехнолошка индустрија и поголема додадена вредност.

За трговските односи со САД, премиерот соопшти дека рамката е договорена и условите се поставени, а останува само формалното потпишување. Оцени дека Македонија има најдобри услови во регионот.

Во однос на односите со Бугарија, Мицкоски рече дека темата е неизбежна во разговорите со европските партнери. Потсети на погрешните политики на претходните влади и порача дека сегашната влада се бори да ги поврати загубените позиции.

„Јас никогаш нема да влезам во процес без да имам предвидлив крај. Најпрвин треба да изградиме доверба, а за тоа треба да разговараме. Треба таа желба да постои и од двете страни“, истакна тој.

Премиерот додаде дека Владата продолжува со реформите од Планот за раст и Реформската агенда. Како резултат ги посочи растот на БДП од 4,3 отсто во вториот квартал, растот на индустриското производство и туризмот, како и контролираната инфлација.

Најнови вести од: Македонија

To top