Младите во Македонија го напуштаат родителскиот дом на просечна возраст од 30,7 години, за разлика од младите во Европската Унија кои си заминуваат на 26,3 години.
Според податоците на Евростат за 2025 година, најдолго во домот на родителите остануваат младите во Хрватска (31,5 години), Грција и Словачка (и двете по 30,9), како и во Шпанија и Италија (и двете по 30,2). Спротивно на тоа, најрано си заминуваат во Финска (21,4 години), Данска (21,8) и во Естонија и Литванија (и двете по 22,7).
Во регионот, младите во Србија остануваат со родителите до 30,1 година, во Босна и Херцеговина до 29,5, а во Бугарија до 27,9 години.
Евростат забележува дека насекаде низ Европа има тенденција на подолго останување на младите во домовите на родителите, а тоа го поврзува со стапката на нивната вработеност.
Во 2025 година, стапката на вработеност кај младите на возраст од 20 до 29 години во ЕУ изнесувала 65,5 отсто. Во Македонија таа стапка била 50,2 отсто.
Во повеќето земји каде што возраста на која младите го напуштаат родителскиот дом е под просекот на ЕУ, стапката на вработеност за лицата од 20 до 29 години е над просекот на Унијата. Така, во земјите каде што младите порано го напуштаат домот – како Холандија, Данска, Германија и Шведска – вработеноста кај младите е повисока. Спротивно, во земјите каде што остануваат подолго – како Грција, Хрватска, Шпанија и Италија – стапката на вработеност е пониска од просекот на ЕУ.