
„Проширувањето на ЕУ е повеќе од само проширување на границите, тоа е и проширување на перспективите и заедничките судбини на граѓаните. Заатоа земјава останува непоколеблива во негувањето на општествениот дијалог, јакнењето на граѓанското општество и во вложувањето во младите.“ – изјави денеска во Брисел министерот за европски прашања на Република Македонија Орхан Муртезани.
Во обраќањето на Форумот за проширување на ЕУ, насловен „Градење вклучувачка иднина во проширената ЕУ: улогата на општествениот дијалог, граѓанското општество и вклученоста на младите“, Муртезани нагласи дека на сите овие заложби земјава не гледа како на обврски, туку како на принципи на вистинскавклучувачка, сеопфатна и демократска Европа, во која што дијалогот ги обликува политиките. „Не е лесно да се чека 20 години и во поголемиот дел од тој период како предводник во европската интеграција, но случајот со С.Македонија е најдобриот пример за отпорност и упорност во постигнувањето на нашата крајна цел.“ – напомна Муртезани.
Тој додаде дека и во вакви услови, по 20 години чекање, „во земјава се уште има 65 до 70 отсто поддршка за европската интеграција“, што покажува, како што рече тој, „дека македонските граѓани се уште се убедени оти нема друга алтернатива освен членството во ЕУ.“. Западниот Балкан дури и географски е дел од Европа и нејзин заден двор, кој е подеднакво важен како и предниот двор, бидејќи и претходно видовме дека тој може многу лесно да се користи за опасни геополитички експерименти.“ – посочи министерот Муртезани.
Според него, „ако граѓаните не видат опипливи резултати во пристапниот процес, ќе станува се потешко да се зголеми нивната поддршка за членство“, па затоа „е потребно нивно информирање за придобивките од проширувањето уште пред зачленувањето“. „Една од лекциите, што ги научивме во нашата интеграција, е дека реформите стануваат поодржливи, ако имате чувство за заедничка цел.“ – наведе Муртезани.
Тој додаде дека на Европската Унија гледа како на „жива приказна, која носи надеж за младите генерации“ и оти „нејзиното проширување не е само географија и политика, туку и можност за остварување на соништата, заедничките амбиции и нашата колективна цел“.
Муртезани нагласи дека во земјава се сфаќа улогата на граѓанското општество во процесот на проширување, како и дека социјалниот дијалог не е само механизам за поддршка, туку е темел на целата демократија. Тој укажа дека Владата воспостави структурни партнерства со многу граѓански организации, за да го направи пристапниот процес поотворен и вклучувачки, како и дека многу невладини организации се дел од Комитетот за следење на спроведувањето на Планот за раст.
„ Неодамна нашата Влада усвои посветена стратегија за соработка и развој, за да покажеме дека граѓанското општество е опфатено со принципите на сеопфатност, одговорност и отвореност. Неговата визија е апсолутно јасна: професионален и независен граѓански сектор, целосно интегриран како партнер во создавањето политики, како сектор кој ги одразува стремежите на општеството и интересите на граѓаните.“ – истакна Муртезани.
Муртезани се заблагодари на организаторот на собирот, Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК) и посебно на неговиот претседател Оливер Ропке, затоа што ова е првата институција на ЕУ, која ги вклучи и кандидатите за членство, како многу важен чекор кон нивната постепената интеграција во Унијата.