Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека во вчерашниот телефонски разговор со Анита Орбан, главен советник за надворешна политика на новата владејачка партија на Унгарија – TISZA, се согласиле дека двете држави треба да имаат уште подобри билатерни односи со заеднички фокус и на прироритетите во НАТО и на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ.
ЕУ да си закаже состанок за да го ревидира својот процес на одлучување, вели Прево – Expres
Како што рече Муцунски попладнево на новинарско прашање, разговорот со Анита Орбан, бил конструктивен, позитивен и насочен не само на одржување на добрите односи, туку и на надградување на билатералните односи.
– Дискутиравме за многу прашања, примарно насочени кон заедничките билатерални проиоритети. Тоа што особено ме радуваше е што таа потврди дека во надворешната политика на Унгарија ќе остане цврсто втемелен приоритетот за Западен Балкан што е за нас многу битно. Зборувавме за добрите односи што државата ги има на само на политичко поле туку и во делот на економијата и трговијата, но и се согласивме дека можеме да направиме и уште повеќе заеднички. Се договоривме да ја продолжиме интензивната комуникација и во периодот што следи по формирањето на новата влада во Унгарија да оствариме средба, рече Муцунски, на новинарско прашање по прес-конференцијата со неговиот белгиски колега Максим Прево.
Прашан какви односи очекува со новата унгарска Влада рече дека има многу работи кои ги спојуваат двете држави и оти не може билатерални односи помеѓу две држави кои се партнери во НАТО и кои имаат ист интерес насочен кон европската иднина на државата да бидат единствено врзани со политички влади.
– Природата на демократијата е дека политички влади доаѓаат и заминуваат. На крајот на денот, да ја потсетиме македонската јавност. Денес се шири еден страшен и опасен наратив од главната опозициската партија, но таа кога беше на власт исто така имаше добра соработка со Владата на премиерот во заминување Орбан и така треба. Така што, се случил изборниот резултат, честитаме на победата, нема ништо позначајно од демократската волја на народот којшто даде јасен и недвосмилесен сигнал во Унгарија. Со госпоѓата Орбан се согласивме дека не само што треба да ги негуваме добрите односи, туку да продолжиме во духот на конкретната соработка да имаме уште подобри билатерни односи со заеднички фокус и на прироритетите во НАТО и на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ, рече Муцунски.
На прашање за очекувањата од претстојните избори во Бугарија Муцунски истакна дека посакува да се формира стабилна политичка влада со која ќе се почне дијалог за решение за билатералниот спор.
– Посакуваме успех на изборниот ден од демократска гледна точка, а исто така секако да се формира стабилна политичка влада. Кој ќе ја формира таа политичка влада зависи од сувереното право на граѓаните на соседна Бугарија. Наш приоритет во последниот период и за последните денови можам да кажам дека сме прилично успешни како влада иако имаше голем број на провокации кои доаѓаа од одредени поединци кај нашиот сосед, е да не дозволиме нашата држава да стане дел од изборниот наратив во соседна Бугарија. И заради тоа што не реагиравме на тие провокации, сметам дека успеавме да не бидеме дел од наративот, а тоа секако е олеснителна околност во отпочнување на дијалог што ни е потребен помеѓу двете држави за изнаоѓање на сооодветни праведливо решение за билатералниот проблем којшто постои, наведе Муцунски.