Македонија

Муцунски до Крихбаум: Посветени сме на реформите и унапредување на добрососедските односи

Во фокусот на разговорите беа актуелните прашања поврзани со европската интеграција

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево, на маргините на Минхенската безбедносна конференција, остварил средба со Гинтер Крихбаум, државен министер за Европа во Сојузното министерство за надворешни работи на Германија.

– Во фокусот на разговорите беа актуелните прашања поврзани со европската интеграција и напредокот на државата во процесот на пристапување кон Европската унија. Министерот Муцунски ја реафирмираше стратешката определба за членство во Унијата, нагласувајќи ја посветеноста кон спроведување на реформите, унапредувањето на регионалната соработка, добрососедските односи, како и придонесот кон стабилноста и мирот во регионот, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Соговорниците ги потврдиле одличните билатерални односи меѓу двете држави и изразија подготвеност за нивно понатамошно унапредување, со посебен акцент на продлабочување на трговската и економската соработка.

Муцунски е дел од владината делегација што предводена од премиерот Христијан Мицкоски учествува на Минхенската безбедносна конференција.

Најнови вести од: Македонија

Весникот „Илинден“, гласникот на Македонците во Албанија – петнаесет години ѕвезда Деница за македонскиот збор

„Петнаесет години истрајност и посветеност – весникот „Илинден“ е жив хроничар на македонската заедница во Албанија, чувар на јазикот и културата и мост што ги поврзува генерациите и дијаспората низ светот. На 1 март 2011 година Македонското друштво ‘Илинден’ – Тирана го издаде првиот број на својот весник ‘Илинден’. Тој прв број, објавен како двоен (март/април), беше симболичен почеток на една медиумска приказна, која денес, петнаесет години подоцна, има 71 издание. Во текот на овие години, весникот не само што обезбеди континуитет и посветеност туку и изгради мостови меѓу заедниците – од Македонците во Албанија, преку читателите во татковината Македонија, па сè до дијаспората низ светот. Секое издание претставува сведоштво за една борба за видливост, за зачувување на јазикот и културата и за афирмација на македонскиот идентитет во услови на постојани предизвици.“ – пишува во статијата, која ја објави денес дневниот весник „Нова Македонија“.

Потпишан договор за изградба на паркинзи во Клиничкиот комплекс – Во првата фаза до втората половина на 2027 најмалку 500 паркинг-места

Министерството за здравство (МЗ) и Град Скопје го потпишаа Договорот за изградба на паркинзи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Договорот е на 15 години, со 10 отсто закупнина од вкупно остварениот промет. Во првата фаза е предвидена изградба на два современи монтажни паркинга, со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година. Паркинзите ќе бидат, пред се, наменети за пациентите и за вработените во Клиничкиот центар. Планирано е едниот паркинг да биде кај Клиниката за гинекологија, а вториот кај црквата во Клинички. Како што најавија министерот за здравство Азир Алиу и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски пред потпишувањето на Договорот, ако има потреба, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг. Ако се утврди дека капацитетите овозможуваат да се паркираат и приватни лица, ќе се овозможи и тоа.

Се возобновува Средното полициско училиште, ќе се запишат 200 ученици! – На 1.7.2026 јавен повик за прием на ученици

Околу двесте ученици ќе се примаат во првата, односно 25 класа на новото државно Средно полициско училиште – Полициска академија, за кое јавниот повик за учебната 2026/2027 година се очекува околу 1 јули. Со него ќе се возобнови средното полициско образование по пауза од 26 години, односно од завршувањето на последната генерација (1996-2000) пред укинувањето на тогашниот Центар за образование на кадри од областа на безбедноста (ЦОКОБ) „Елисие Поповски-Марко“.

To top