Македонија

„Н.М“: Грција го „купи“ името „Македонија“ од инсталираната власт со коруптивен „Преспански договор“, што ја урива неговата легитимност! (2)

Весникот „Нова Македонија“ во својата анализа од 6 март 2026 година со наслов „Како документот на ЦИА го урна легитимитетот на Преспанскиот договор“ пишува дека коруптивните механизми не се само теоретска претпоставка, туку долгогодишна стратегија во спорот за името Македонија. Ова го потврдуваат и неодамна декласифицираните документи на американската централна разузнавачка служба (ЦИА). Според документ на ЦИА од 6 ноември 1992 година, објавен во нивната дигитална библиотека (ФОИА) во јануари оваа година, уште на почетокот на независноста постоел обид за директно „купување“ на името. Во извештајот јасно е наведено дека тогашниот претседател Киро Глигоров одбил понуда од грчки функционери во висина од 100 милиони долари финансиска помош, како услов за промена на името на државата.

Натаму „Нова Македонија“ изнесува: Овој историски факт фрла сосема поинаква светлина врз актуелните информации од грчките медиуми за Преспанската спогодба. Ако во 1992 година обидот за поткуп на Грција бил неуспешен, поради одбивањето на тогашниот претседател на Р Македонија да го смени името Македонија, декласифицираните документи на ЦИА, според методот на правна аналогија (аргументум а симили), содржат елементи за постоење основани сомненија (кои во постапка треба да се подигнат на ниво на докази) за „сериозни финансиски замешателства од трети страни“ во врска со потпишувањето на Договорот од Преспа.

Доказите, кои ќе се прибават низ една сериозна меѓународна истрага, ќе треба да бидат изнесени пред надлежен меѓународен суд, при што треба да одговорат на прашањата: Дали она што не се успеа со коруптивен предлог од 100 милиони долари во 1992 година беше реализирано на идентичен начин три децении подоцна, на кој начин и од кого? Со отворањето на процесот, кој треба да има и меѓународен и внатрешен карактер, треба да се докаже ништовност на Преспанскиот договор по силата на меѓународното и на внатрешното право и конечно да го затвориме тоа поглавје од историјата на Македонија, и од политички и од правен аспект.

Стратегиски финансиски инженеринг за промена на името

Ако во 1992 година официјална Атина имала „буџет“ за купување на името, дали е наивно да се верува дека таа намера престанала со заминувањето на Глигоров од функцијата? Воопшто – не! Напротив. Постојат и други сведоштва (дури и лични на Глигоров во неговите мемоари) дека ваквите методи на поткуп заради потпишување меѓународен договор за промена на името продолжиле. Во содржината на декласифицираниот документ на ЦИА се наведуваат и намера и обид на странска држава да понуди финансиска помош во контекст на решавање на спорот за името во нејзина полза. Ова не е само обичен запис на разузнавачка агенција, туку е флагрантен доказ за постоење умисла кај странска држава да влезе во реализација на еден чин на изнуда на асиметричен договор преку директен поткуп на највисоко ниво.

Меѓународното право, конкретно Виенската конвенција, е децидно: „Секој договор потпишан под присила или преку корупција е ништовен“. Документот на ЦИА на некој начин на земјава ѝ дава „џокер во рака“ аргументирано да излезе пред надлежните меѓународни тела и да го докаже она, за што досега само се шепотело. Според толкувањата што се појавија во јавноста, ваквите документи се наведуваат како доказ дека во спорот за името постоеле обиди за силно дипломатско и финансиско влијание.

Ова е моментот кога државата мора да се мобилизира. Ова е материјал за меѓународните судови, вклучително и Меѓународниот суд на правдата во Хаг, каде што еднаш веќе издвојувавме победа против Грција. Мораме да докажеме дека Преспанскиот договор е плод на серија коруптивни дејствија, а не на волјата на народот!

Сведоштва и во Грција, но треба сериозна меѓународна истрага

И не е само документот на ЦИА. Пред извесно време и грчкиот весник „То вима“ објави анализа во која беше посочена добро разработена шема на надворешно влијание врз политичките процеси во земјата, чија крајна цел била реализација на промената на името. Според овие истражувачки податоци објавени во грчкиот весник, „преку моќни фондации и странски агенции биле канализирани милионски суми наменети за две клучни фази, најпрво во период од неколку години преку странски грантови биле насочени околу пет милиони долари со цел слабеење на тогашните државни институции во Македонија и создавање вештачка криза, а потоа и инсталирање на ’флексибилна‘ власт што би била поприемчива за асиметричен договор“.

Документираните наводи во анализата на „То вима“ укажуваат дека целата операција била внимателно планирана за да се обезбеди доаѓање на власт на субјекти што би прифатиле решение во стилот на Преспанската спогодба. Само неколку месеци по промената на власта, започнаа преговорите, кои завршија со промена на името, потврдувајќи го сомнежот дека целиот процес не бил автентична волја, туку плод на претходно финансиран политички инженеринг.

Меѓународноправни експертски толкувања

Експертите по меѓународно право се децидни, колку и да се говори за тоа дека Преспанската спогодба е завршена работа, по дефиниција ако се докаже дека таа е склучена врз основа на корупција, едноставно не е валидна, не важи.

– Во меѓународниот правен поредок суверената волја на државата е апсолутен императив за валидноста на секој склучен акт. Темелниот документ што го регулира ова прашање, Виенската конвенција за договорно право (1969), јасно предвидува дека секој договор што е производ на дефект во изразувањето на таа волја е правно ништовен (null and void). Посебно внимание заслужуваат членовите 49, 50 и 51 од конвенцијата, кои таксативно ги наведуваат основите за поништување на еден договор. Прво, корупцијата на претставникот на државата (член 50) е еден од најтешките облици на деформација на правниот процес. Ако согласноста на една држава била изнудена преку директно или индиректно корумпирање на нејзините ополномоштени претставници од страна на друга држава, или трети субјекти, што дејствуваат во нејзин интерес, тогаш таквиот договор нема правна моќ. Корупцијата го прави договорот „апсолутно ништовен“, што значи дека правните последици се бришат ab initio – како договорот никогаш да не постоел. Второ, прашањето на присила (членови 51 и 52), без разлика дали е физичка, политичка или економска, претставува флагрантно кршење на принципите на Повелбата на ОН. Договор што е производ на уцени или финансиски инженеринг со цел дестабилизација на една влада за да се изнуди потпис не е дипломатски компромис, туку правен деликт – велат експертите.

Според нив, постоењето документирани индиции, како што се разузнавачки извештаи за понуди за поткуп или тајни фондови наменети за политички преврат, претставува релевантен доказен материјал пред Меѓународниот суд на правдата. – Во меѓународното право, докажаната умисла за корупција го урива легитимитетот на секој асиметричен договор. Државата што се наоѓа во таква позиција има не само право туку и обврска да поведе постапка за утврдување ништовност, бидејќи суверенитетот не е предмет на трговија. Секој акт што е купен со пари или изнуден со притисок, порано или подоцна, се соочува со својата правна неодржливост пред меѓународната правда – заклучуваат експертите, пишува „Нова Македонија“.

Приредил за објавување: Свето Тоевски

(продолжува)

 

Најнови вести од: Македонија

Нови сомнежи и реакции околу „останките од она, што е можеби цар Самуил“, кои Грција ѝ го испорача на Бугарија!

Повеќе од илјада години од неговата смрт македонскиот цар Самуил е повторно во средиштето на светската јавност. По византиските хроничари, македонскиот средновековен владетел сега е цел на вниманието и на современите медиуми, откако на Бугарија ѝ се вратени некои останки, кои му се припишуваат нему, иако за тоа нема никаквви идентификациски и други сигурни докази.

Михаилов: Граѓаните да не купуваат дрва од дрвокрадците по пониски цени, оти тоа значи директна поддршка за нив!

Граѓаните да не купуваат дрва од дрвокрадците по пониски цени, овој повик го упати заменик директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов. Тој посочува дека ваквата набавка на дрва од страна на граѓаните значи и директна поддршка на дрвокрадците, кои ги пустошат македонските шуми.

Димитриевски: ЗНАМ поддржува средба и разговор со Бугарија, но без отстапки околу македонскиот идентитет и јазик

Македонија има европска определба, но и јасно поставени црвени линии кога станува збор за македонскиот идентитет, јазик и култура. Ставот што ЗНАМ го застапува е и став на Владата и државна позиција на Македонија, нагласи претседателот на Движењето ЗНАМ Максим Димитриевски на денешната средба со граѓани во Гостивар.

Клековски: Околу 1.000 нови случаи на рак на дојка годишно во Македонија, ќе се преиспитува скрининг-програмата

Околу 1.000 нови случаи на рак на дојка се регистрираат годишно во земјава, а во моментов околу 7.000 пациентки се лекуваат или се лекувале, изјави министерот за здравство Сашо Клековски на „Розовиот пикник појадок“ во Скопје во Паркот кај Школка, организиран од ХЕМА-ОНКО. Настанот го поддржа и претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, како и голем број жени кои присуствуваа, за да ги слушнат пораките за важноста на превенцијата, раното откривање и отворениот разговор за ракот на дојка.

To top