Чекајќи ги Марта Кос и новата бриселска стратегија
Постојат повеќе индикатори за тоа дали ЕУ ќе прими нови членки, еден е секако буџетот на ЕУ, преговарачката рамка, потоа пулсот на земјите членки, но улога игра и ОБСЕ. Така покажа праксата. На пример пред Хрватска да стане членка на ЕУ, веќе во далечната 2013 година, ОБСЕ ја затвори канцеларијата во Загреб. Сега е веќе јасно дека до крајот на 2027 година ОБСЕ си заминува и од Подгорица, што би значело дека Црна Гора е стокмена за 28 членка. Или можеби не? Индикаторот ОБСЕ вели – да. ОБСЕ во Македонија е од 1992 година и тоа се смета за најдолга мисија во една земја, ние би коментирале – неславен рекорд од причини што не е најавено затворање на мисијата во Скопје, и според тој индикатор можеме да заклучиме дека за Македонија на хоризонтот не се гледа членство во Унијата. Зошто и како е познато, но сигурно има и работи што не ги знаеме. Критиките можат да одат на адреса и на ОБСЕ, не само на владите во Скопје, затоа што не успеало во градењето на демократските капацитети на земјата. Тоа, па, и не мора да биде точно, но таква е сликата, и затоа велиме неславен рекорд.
За Македонија сега отворањето на Уставот не е и не смее да биде приоритет!
Ова прашање за Македонија има посебна тежина доколку таа не успее да стане полноправна членка на ЕУ-клубот. Даде сѐ, а не ја доби ветената награда. И токму стратегијата за проширување на ЕУ, која треба да ни ја каже еврокомесарката Марта Кос, може да стане и патоказ кон геополитичка поделба на Европа, со тоа што надвор од своето членство би ги оставила БиХ, Србија, Македонија (Турција е посебен пример затоа што има моќна армија и економија), а со неизвесна иднина Албанија и Црна Гора, па и Молдавија и Украина. Овој можен геополитички кањон е опасен од причини што Америка се оддалечува од ЕУ, и воено и идеолошки, и ја става Унијата на четврто место од своите приоритети поставени во стратегиските документи на Вашингтон. Па, така може да се случи, а натаму одат работите, Вашингтон и Москва да ја договорат идната соработка, а Европа да продолжи да се справува со сѐ поголемиот број внатрешни проблеми. На Франција, Италија, Белгија, Германија, за каде што се најавуваат наскоро социјални протести, па и на Шпанија, Португалија и Италија е големо прашање дали сега им е до прашањето со нови членки. Особено што во Франција Марин Ле Пен од ден на ден ја зголемува својата популарност и може да се случи таа да биде претседател, а младиот Бардела премиер, како и наглиот раст на популарноста на германската крајно десничарска АфД. Тие се противат на нови членки, се противат на финансирањето на Украина. И токму тука е таа опасност од создавање геополитички кањон. Затоа и Мерц и Макрон се обидуваат во трката со времето да обезбедат усвојување на буџетот на ЕУ, но работите се многу сложени. Макрон е во слободен пад, земјата е потресена од сериозни протести, буџетската каса е полна со дупки, а ѓаволот веќе тропа и на вратата на Германија. И таму се најавуваат социјални протести, а тензијата се зголемува затоа што политичкиот естаблишмент тргна кон денунцирање на двата крајни политички пола што бележат растечка популарност – АфД, но и левицата, која има што да каже во Берлин.
Нам ни изгледа дека концептот на Германија за создавање унија во две брзини веќе зема замав, а за Македонија е подготвено чекање до неодредено време како држава од втор ранг во ЕУ.