Македонија

На 12 јуни започнуваат преговорите за „Роаминг како дома“

Со секоја од земјите поединечно

Во рамки на иницијативата „Роаминг како дома“ на 12 јуни годинава ќе се одржи состанок помеѓу министрите од Западен Балкан и претставници на Европската Комисија, со што започнуваат секторски преговори со секоја од земјите поединечно, каде ќе се дискутираат главните елементи на преговарачката рамка, следните чекори и статусот на подготвеноста на секоја земја.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, денеска на брифинг со медиумите посочи дека иницијативата „Роаминг како дома“ претставува еден од највидливите придобивките од пристапувањето кон Европската Унија, затоа што директно влијае врз граѓаните и компаниите, особено оние коишто патуваат во Европската унија – со помали трошоци за мобилна телефонија, СМС пораки и мобилен интернет.

– Позитивно е дека преговараме секоја држава за себе, што значи дека колку побрзо ќе ги исполниме условите и побрзо ќе тече процесот, толку побрзо и ќе го завршиме. Очекувам во текот на оваа година да завршат преговорите, да го утврдиме текстот на договорот, тој да помине на владина седница и да биде ратификуван со Собранието и да бидеме подготвени први да го започнеме овој процес од Западен Балкан. Мојата искрена надеж е дека тоа ќе биде јануари 2027 година – изјави Андоновски.

Овој процес за граѓаните и компаниите значи намалување или укинување на дополнителните трошоци при патување и комуникација со земјите од Европската Унија. Со ова, како што појасни Андоновски, граѓаните по истите цени кои што ги плаќаат пакетите за користење на мобилни услуги, повици, СМС пораки и интернет во државата ќе можат да ги користат и погодностите при патување во Европската Унија, и спротивно граѓаните од ЕУ кога ќе дојдат во Македонија ќе можат да ги користат своите пакети по исти услови.

-Од наша страна клучниот дел од подготовката е завршен. Регулаторниот пакет, со измените на Законот за електронски комуникации и дополнителните измени на подзаконските акти се подготвени. Законот е утврден на седница на Влада и испратен на мислење во Европската Комисија. Станува збор за четири регулативи и директиви, и директивата КОД, кои што се применети и очекуваме да добиеме повратен одговор по почетокот на преговорите – изјави Андоновски.

Министерството за дигитална трансформација, како што беше посочено на денешниот брифинг, подготвено го очекува почетокот на овој процес, укажувајќи дека веќе е формиран преговарачки тим составен од претставници на повеќе надлежни институции.

– Советот на Европската Унија на 4 јуни го одобри отпочнувањето на преговори со земјите од Западен Балкан, а следниот чекор е секторски преговори со секоја од земјите поединечно, што ќе започнат со првиот состанок на министрите за телекомуникации од Западен Балкан на 12 јуни со Европската Комисија и потоа очекуваме да ни бидат предложени кои се основните параметри на преговарачката рамка, како таа ќе изгледа, кој е процесот и роковите и веднаш потоа ќе започнеме од наша страна со преговори – појасни Андоновски.

Европскиот електронски комуникациски кодекс претставува еден од клучните правни акти кои се дел од европското законодавство поврзано со „Роаминг како дома“, а неговото транспонирање е важен предуслов за понатамошно приклучување кон европскиот режим за роаминг.

Најнови вести од: Македонија

Дали гостиварци пиеја деновиве вода, загадена и со фекални води, вбризгувани со пумпите во водоводот?! – Фекални бактерии пронајдени во два испитани примерока!

Според неофицијални информации, извештајот на Институтот за јавно здравје покажува дека од четирите испитани примероци на вода, во два се пронајдени фекални колиформни бактерии, а во еден примерок е утврдено и зголемено присуство на хлор.

Мицкоски: Повторно лоша вест за опозицијата, нема да банкротираме ниту оваа година!

Премиерот Христијан Мицкоски очекува солиден раст на БДП, реализација на капиталните инвестиции и начинот на кој, и покрај предизвиците и надворешните фактори, ја консолидираат македонската економија. Тој Верува дека доаѓа времето кога граѓаните ќе ги почувствуваат резултатите од целата работа.

Полицијата ги уапси директорката на гостиварски „Комуналец“ Артана Асани, техничкиот директор Леон Нуредини и раководителот на водоводот Вадедин Дервиши!

Започнува расплетот на ситуацијата околу случувањата со загадувањето на водата во гостиварскиот водовод и кој е сѐ виновен и одговорен околу тоа и заболувањето илјадници граѓани, кои ја пиеја загадената вода!

To top