Македонија

На фолклорна манифестација во Загреб ќе настапат „Триото Гавровски“ од Тетово со „Гласоечко пеење од Долни Полог“ и фолклорната група „Копачката” од Драмче, Делчево

Македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и Меѓународната смотра на фолклорот со заедничка програма под мотото: ,,Нематеријална култура и идентитети: хрватски и македонски добра на листите на УНЕСКО”

Македонскиот КИЦ во Загреб во соработка со најголемиот хрватски фестивал за традиционална музика и танц ,,Меѓународна смотра на фолклорот” во рамките на официјалната програма на 59. Издание на Фестивалот денес, на 19 јули 2025 година со трибина и концерти ќе го одбележи јубилејот 10 години од впишувањето на „Гласоечкото пеење од Долни Полог” на Итната листа на УНЕСКО.

Трибината ,,Нематеријална култура и идентитети: хрватски и македонски добра на листите на УНЕСКО” има за цел претставување на македонското нематеријално културно наследството и продлабочување на хрватско-македонските односи во областа на афирмацијата на хрватските и македонските нематеријални добра, кои се запишани на листите на УНЕСКО. Македонскиот Културно-информативен центар во Загреб трибината ја реализира и во соработка со македонската Управа за заштита на културното наследство .

На трибината ќе земат учество хрватски и македонски експерти за заштита на културното наследство: воведно излагање ќе има м-р Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство на Македонија, д-р Мирела Хроватин од Институтот за антропологија од Загреб, м-р Ивона Опетческа Татарчевска, национален координатор за Конвенцијата 2003 за нематеријално културно наследство на УНЕСКО, како и проф. д-р Твртко Зебец, уметнички директор на „Меѓународната смотра на фолклорот”. Зебец е голем пријател и соработник на Македонија во областа на заштитата на нематеријалното културно наследство.

Во рамките на трибината ќе настапат и „Трио Гавровски” од Тетово како едни од малкутемина носители на  „Гласоечкото пеење”. „Огромно е задоволството кога со вложениот труд и енергија преку културната дипломатија се афирмира и се претставува богатата вековна македонска култура. Тоа доведува до препознавање на македонските културни вредности и нивно претставување во рамките на високоугледни хрватски манифестации, кои се дел од хрватската културна сцена.“ – вели директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, м-р Мими Ѓоргоска Илиевска.

„Со реализацијата на овој проект на македонскиот КИЦ во Загреб во соработка со,,Меѓународната смотра на фолклорот”, а пред се со уметничкиот директор Твртко Зебец, хрватските љубители на изворната музика, бројната македонска дијаспора и неколку стотините учесници на овој реномиран фестивал од сите континенти ќе се запознаат со дел од македонското нематеријално културно наследство и македонската традиционална вокална и вокално  инструментална музика. „Нашата цел е вмрежување и зајакнување на културната соработка меѓу Македонија и Хрватска на полето на заштитата на културното наследство.“ – додава Ѓоргоска Илиевска.

Покрај трибината, во знак на одбележување на јубилејот 10. години од впишувањето на “Гласоечкото пеење” во УНЕСКО, три генерации од семејството Гавровски, заедно со Дарко Коцев, мултиталентиран инструменталист кој живее и работи во Германија, ќе имаат ексклузивни настапи на двете главни фестивалски сцени во Загреб: на плоштадот „Бан Јелачиќ” и на култната сцена во Горен град на Грич (Градец). Таму ќе бидат претставени две нематеријални културни добра од листите на УНЕСКО: Гласоечкото пеење и последното впишано добро Гајдата во содејство едно со друго.

“Меѓународната смотра на фолклор” се одржува од 1966 година. Истата е позната во македонската јавност како фестивал од највисок светски ранг за овој вид култура. Целта на овој фестивал кој денес обединува и современи толкувања и презентации на фолклорот во форма на изложби, работилници, фимски презентации промоции на книги, трибини и сл. е да афирмира традиционални културни вредности не само на домашни, хрватски, туку и на странски учесници. Неговата мисија  хрватското Министерството за култура и Градот Загреб ја препознаа во 2014 година, кога фестивалот е прогласен за фестивалски настан од највисоко национално значење. Тој е дел од глобалното движење за зачувување и заштита на традиционалното, особено нематеријалното културно наследство преку имплементација на Конвенцијата на УНЕСКО (2003).

Оваа година во рамките на фестивалската програма на 59. ,,Меѓународна смотра на фолклорот”, од Македонија ќе се престави и фолклорната група „Копачката”, од с. Драмче, Делчево, уште едно македонско нематеријално добро впишано во УНЕСКО.

To top