Македонија

Нови правила за влез во Грција, ако не ги исполните ќе се враќате дома

Проверете пред да тргнете за да не се разочарате

Нов услов за влез во Грција за македонските граѓани објавува Факултети.мк од каде наведуваат дека наскоро ќе мора да имате задолжителен комплет на прва помош кој го има стандардот на ЕУ.

Не поминаа ниту десет дена од официјалното стартување на системот ЕЕС за дополнителна проверка, кој го воведе Европската Унија на своите граници за граѓаните од трети земји, а македонските граѓани ги дочекаа нови и построги правила за патување во Европската Унија.

Од 18 јуни 2026 година во Грција ќе стапат во сила нови правила за задолжителната опрема во возилата. Сите автомобили ќе мора да поседуваат комплет за прва помош кој соодветствува на новиот технички стандард DIN 13164:2022 или негов еквивалентен ISO стандард, а тоа се однесува и на возилата со кои македонските туристи одат до своите омилени дестинации на годишен одмор, пишува порталот.

Македонските туристи што патуваат во Грција ќе добијат казна од 30 евра за поседување несоодветен или нецелосен комплет, па оваа информација е сигнал за возачите да ги проверат своите комплети за прва помош.

Неколку дена по информацијата од Грција, буквално сите снабдувачи, автомото-друштва и продавници за автомобилска галантерија ги „бомбардираа“ социјалните мрежи со реклами за новата кутија со прва помош која соодветствува на техничкиот стандард 13164:2022. Цените на приборот за прва помош се движат од 600 до 1.200 денари.

Новиот стандард наметнува точно утврдени 16 ставки кои мора да бидат дел од приборот за прва помош. Најзначајните измени се вклучувањето термално ќебе и заштитни маски. Целосната листа ги вклучува следниве елементи:

– термално спасувачко ќебе;
– две медицински маски (тип IIR или FFP2);
– ролна медицинска лента и сет фластери;
– стерилни завои (мал, среден и голем формат);
– стерилна газа или специјална облога за изгореници;
– еластични завои со различна широчина;
– триаголна марама;
– ножици за прва помош;
– четири медицински ракавици за еднократна употреба;
– влажни марамчиња за дезинфекција на кожа;
– упатство за прва помош.

Сите материјали во комплетот мора да ја поседуваат ЦЕ-ознаката за квалитет, а потребно е редовно да се проверува рокот на стерилните материјали.
Според прописите DIN 13167 и DIN 13164, задолжително е да имате одобрен комплет за прва помош во велосипеди, мотоцикли и автомобили кога возите во: Австрија, Бугарија, Хрватска, Естонија, Франција, Германија, Грција, Латвија, Литванија, Полска, Португалија, Чешка, Словенија, Шпанија, Унгарија.

Што се однесува до земјите што не спаѓаат во Европската Унија, комплетот мора да се носи во Белорусија, Молдавија, Швајцарија, европскиот дел на Турција и Украина.
Според правилата на ЕУ, добро опремен комплет за прва помош, во согласност со стандардот DIN 13164, гарантира дека возачите се подготвени за медицински итни случаи, а воедно ги исполнуваат регулативите на ЕУ.

Покрај комплетот за прва помош, регулативите на ЕУ честопати бараат дополнителни безбедносни продукти за автомобили. Речиси сите земји во Европа бараат возачите во автомобилот да имаат рефлектирачки елеци (во согласност со EN471), црвен предупредувачки триаголник и противпожарен апарат.

Грција инсталира и паметни камери за сообраќајни казни

Инаку, покрај новите барања за прва помош, Грција воведува и други реформи за зголемување на безбедноста. Ова вклучува ограничување на брзината од 30 км/ч на голем дел од улиците во урбаните средини, како и инсталација на паметни камери за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци.

Во населени места има ограничување на брзината за автомобил од 50 км на час. На автопат ограничувањето за автомобил е 130 км на час. На магистрални патишта ограничувањето е од 90 до 110 км на час.
За мотоцикл, ограничувањата се: 40 км на час во населени места, 90 км на час на автопат и 70 км на час на други патишта.
При возење во Грција е забранета употребата на мобилен телефон, а казната може да достигне до 100 евра.
Дозволено количество на алкохол во крвта е 0,05 %. За нови возачи (дозвола до 2 години), мотоциклисти и возачи на комерцијални возила 0,02 %. (казна од 78 до 1.200 евра).
Носењето сигурносен појас е задолжително, а доколку го немате, се изрекува казна од 350 евра.

Задолжителни се и детските седишта за деца до 3 години со стандардот ECE R44/03 (или понов). Деца од 3 до 11 години, а пониски од 135 cm, треба да седат на задно седиште во соодветно детско седиште. Деца постари од 12 години и повисоки од 135 cm можат да користат ремени за возрасни.

Освен сетот за прва помош, во Грција задолжителни се и ПП апарат за автомобил и триаголник. Рефлектирачкиот елек не е задолжителен, но се препорачува да го имате.

Меѓународна возачка за Грција е задолжителна

Македонските граѓани што ова лето ќе патуваат со сопствено возило во Грција, Бугарија, Турција, Хрватска, Словенија, но и во другите европски земји треба да поседуваат, покрај домашна, и меѓународна возачка дозвола која се издава на шалтерите на речиси сите станици за технички преглед. Таа има рок на важност од три години или помалку, во случај да истекува важноста на возачката дозвола пред овие три годни, а чини околу 900 денари.

Во земјите каде што е потребно да се поседува меѓународна дозвола, на граничните премини речиси и да не ја бараат, но при рутинска проверка на сообраќајната полиција, ако ви ја побараат, а ја немате, може да бидете казнети со 50 до 300 евра.

Засега македонската возачка дозвола важи само во Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Косово, Германија, Италија, Црна Гора, Шпанија и Обединетото Кралство – Англија, Велс и Шкотска. За патување во сите други земји на ЕУ мора да се има овој меѓународен документ.
Лицата што ќе патуваат во странство со возило што не е во нивна сопственост, неопходно е да имаат одобрение за управување туѓо моторно возило.

Барање за одложување на примената на ЕЕС

Во меѓувреме, македонскиот туристички сектор побара Грција летово привремено да ја одложи примената на новиот европски систем за влез и излез, познат како ЕЕС, на граничните премини за македонските државјани. Барањето доаѓа во пресрет на главната туристичка сезона, кога најголемиот дел од домашните летни аранжмани се врзани токму за грчките плажи, а стравувањата се дека новите биометриски проверки може да создадат повеќечасовни колони на граница.

Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија побара од грчкото Министерство за туризам системот да не се применува од 1 јуни до 1 септември 2026 година. Според Комората, воведувањето на ЕЕС токму во шпицот на сезоната може директно да го влоши туристичкото искуство, да придонесе за долги чекања на премините и да влијае врз агенциите преку можни откажувања на веќе резервирани аранжмани.

ЕЕС е новиот дигитален систем на Европската Унија што од 10 април 2026 година целосно се применува на надворешните граници на Шенген-зоната. Наместо класичен печат во пасош, системот електронски ги регистрира влезовите и излезите на државјани од земји надвор од ЕУ, а при првата регистрација се земаат и фотографија, отпечатоци од прсти и податоци од патниот документ. Европската комисија наведува дека системот е целосно оперативен и дека се применува во 29 европски земји, пишува Факултети.мк.

Најнови вести од: Македонија

Синдикатот на контролори на летање при М-НАВ ќе тужи и до Стразбур

Апелациониот суд Скопје се премисли и му забрани на Синдикатот на контролори на летање при М-НАВ да штрајкува без да му дозволи гранковиот синдикат, бидејќи овој е само негова подружница. За разлика од првиот пат, кога во декември 2025 Апелација ваквата првостепена одлука ја укина и ја врати на повторно судење, сега при исти услови ја потврди во корист на директорите на М-НАВ кои го тужат Синдикатот на контролори кој лани зимата се закани со штрајк.

Недозволиво е Законот за игри на среќа да се носи набрзина

На дневен ред на пленарна седница е ставен Предлог законот за игри на среќа во прво читање. Се засилува нашиот впечаток дека за некого брзината е поважна од суштината – рече Горан Стоименов, претставник на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС).

Кога Македонија железнички ќе се поврзе со Бугарија?!

Интензивно се гради пругата Скопје – Софија, со 29 мостови и 15 тунели втората делница е градежен и инженерски подвиг, изјави вицепремиерот и министер за градежништво Александар Николовски на обиколката на терен од изградбата на втората делница од пругата од Македонија кон Бугарија.

Трипуновски до СДСМ околу барањето за отповик: Изнесувате политички празни измислици без аргументи, а оставивте пустош во земјоделството

Македонскиот аграр конечно се движи во вистинска насока. Крајно несериозно и парадоксално е да поднесувате интерпелација на министер кој ги поправа вашите катастрофални грешки и штети. Наместо да понудите решенија, конструктивна критика и визија, доставувате текст со празни фрази и евтин популизам, воден од теснопартиски интереси, потенцираа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. „Немојте да изнесувате само политички флоскули дека нешто е катастрофално. Дворот беше премногу валкан и презадолжен – таква ситуација наследивме од вашите седум години власт. Да имавте барем малку доблест да работите домаќински и економски, денеска ќе беше многу поинаква ситуацијата!“ – им порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на пратениците од опозицијата, кои бараат негов отповик.

Силјановска-Давкова од Софија: Проширувањето на ЕУ мора да се темели врз Копенхагенските критериуми

Проширувањето на Европската Унија мора да се заснова врз Копенхагенските критериуми, а темпото на пристапување да зависи исклучиво од напредокот во спроведувањето на реформите, порача претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска-Давкова на Самитот на шефови на држави и влади во рамки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржува во Софија, пренесе Македонската информативна агенција-МИА.

Муцунски: Заложник сме на некоректна и непринципиелна блокада на нашиот европски пат! Оваа влада не подготвена да преговара за историја, идентитет и јазик!

„Ние сме заложник на една некоректна и непринципиелна блокада на нашиот европски пат. Никој нема интерес од ова што се случува во моментот. Губат двете држави економски, политички, губат и граѓаните, народите на двете држави, кога се создава ваков тип на недоверба“ – истакна денеска во Софија министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој претпладнево учествуваше на министерскиот состанок на Партнерството за соработка во Југоисточна Европа, а попладнево е дел од македонската делегација на Самитот на шефови на држави и влади која ја предводи претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.

Новопоставено и веќе искршено: вандали го демолираа Градскиот парк во Виница

Градоначалникот на Општина Виница Митко Костадиновски информира дека општинските служби констатирале вандалски чин врз новопоставената градска опрема во Градскиот парк. Тој остро го осуди уништувањето на јавниот имот, нагласувајќи дека градската опрема во паркот е наменета за користење од страна на граѓаните и е купена со нивни пари.

To top