Македонија

По 25 години Советот на Европа прекинува да го набљудува владеењето на правото во Македонија

„Во Париз на 9 декември 2025 година се одржа состанок на Мониторинг-комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на кој беше усвоена нацрт-резолуција за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Република Македонија.“ – информираат од Собранието на Република Македонија.

Во заклучокот на нацрт-резолуцијата, која треба да се најде пред пратениците на пленарна седница во јануари 2026 година, се истакнува дека Парламентарното Собрание одлучи да го затвори пост-мониторинг дијалогот со Македонија и да ги следи случувањата во земјата во однос на плуралистичката демократија, владеењето на правото и човековите права во рамки на своите периодични прегледи. Со ова по 25 години Македонија успешно го завршува пост-мониторинг дијалогот со Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Нацрт-резолуцијата, изготвена од известителите Сибел Арслан од Швајцарија, од групата на Социјалистите, и Џозеф О’Рајли од Ирска, од Европските народни партии, беше усвоена со големо мнозинство на седница на Мониторинг-комисијата. Во таа нацрт-резолуција се наведува дека Македонија стана членка на Советот на Европа во 1995 година и до 2000 година, беше под целосна постапка на мониторинг, на набљудување, што значи дека Советот внимателно следеше дали земјата ги исполнува своите обврски прземени при приемот во Организацијата.

Во 2000 година Парламентарното собрание усвои Резолуција со која се заврши целосната мониторинг-постапка и земјата се префрли во т.н пост-мониторинг дијалог. Овој нов механизам се насочи на специфични преостанати прашања, наведени во Резолуцијата, како и на сите нови прашања, кои се поврзани со одговорностите на земјата како членка на Советот на Европа. Оттогаш Парламентарното собрание и неговата Мониторинг комисија редовно го оценуваа напредокот на Македонија во областите на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и односите со соседните земји, се вели во соопштението од прес-службата на Собранието на Република Македонија.

Оттаму појаснуваат дека мониторинг-комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа го следи почитувањето на демократските стандарди, на кои земјите-членки се согласиле при пристапувањето, особено прашањата како што се човековите права, владеењето на правото и слободните избори. Комисијата подготвува извештаи за напредокот на секоја земја и препорачува чекори за подобрување. Во ова работно тело членуваат 93 пратеници кои ги назначува Парламентарното собрание врз основа на номинации од шесте политички групи.

Во оваа Комисија, која има за цел да ги поддржи земјите во исполнувањето на нивните обврски кон Советот на Европа, членуваат шефот на делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа Марија Петрушевска и членот на делегацијата Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Најнови вести од: Македонија

Да се забрани „џанк“ храна во училиштата и да се оданочат зашеќерените пијалаци, бара Клековски

Министерот ги повика граѓаните, особено оние со зголемен ризик или со семејна историја на дијабетес, да не ги игнорираат симптомите како постојан замор, зголемена жед или заматен вид и да направат превентивен преглед.

Тамара Котевска го освои „Британскиот Оскар“ за документарен филм, рамо до рамо со Херцог и Дејвид Атенборо

Македонската режисерка Тамара Котевска, двојно номинирана за ОСКАР и двојно номинирана за ЕМИ, го освои престижното Гран-при признание (за најдобар кино-документарец) на овогодинешното доделување на наградите „Гриерсон“ (Grierson British Documentary Awards) во Лондон, кои во светската кинематографија важат за британски Оскар за документарни филмови.

Се проширува достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“ – од понеделник нова експозитурата во Прилеп

Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да презема активности за да им се овозможи на сите клиенти полесен пристап до сопствените средства и непречено извршување на платежните услуги.

To top