Македонија

На локалните избори победи ВМРО ДПМНЕ, но пред се заедничка Македонија, општините не се повеќе „ничиј етнички плен и сопственост“

Овие локални избори влеваат силни импулси во правец на меѓуетничката и политичката стабилизација и консолидација на Република Македонија. Овие локални избори ги поразија сите намери за предизвикување меѓуетничка нетрпеливост, меѓуетнички инциденти, сите планирани сценарија за внатрешно дестабилизирање на државата, за „избоксување“ предвремени парламентарни избори, заради уривање на постојната Влада на Република Македонија. Бирачите од различните етникуми денес порачаа дека ја разбираат Македонија како заеднички дом за сите, во кој сите ќе можат да живеат и да се развиваат во мир, разбирање и заедничко живеење и помагање.

Свето Тоевски

Годинашниве локални избори во Република Македонија веќе задобиваат белег на историски политички настан во поновата историја на оваа оваа држава, затоа што на нив победи филозофијата на соживотот и беше конечно ликвидирано сценариото за уривање на оваа земја со меѓународно спонзорство. Во денешниов втор круг на гласање во Тетово, Кичево, во Брвеница, во Струга, Скопје, не победија Македонците, не беа поразени Албанците, не победи само ВМРО ДПМНЕ, туку пред се победи заедничка Македонија, победија македонските, албанските и сите други гласачи од други етнички припадности, кои заеднички гласаа за Александар Јовановски во Кичево, за Менди Ќура во Струга, за Јовица Илиевски во Брвеница, за Билал Касами во Тетово, за Орце Ѓеорѓиевски во Скопје…

Како посебно значајна ја истакнувам победата на Билал Касами за вториот мандат како градоначалник на Тетово, но пред се затоа што за него гласаа, исто така, не само Албанци, туку и многу Македонци. Македонците со своето изјаснување за Касами го фрлија во вода ставот на Али Ахмети и неговата Демократска унија за интеграција дека „Македонци не можат да одлучуваат кој ќе биде градоначалник на Тетово, на Кичево, на Струга…“. Можат секако Македонците да одлучуваат, можат да бидат и решавачкиот чинител за една изборна победа, во еднаква мера како што можат и Албанците, Турците и секој друг граѓанин на оваа држава.

Македонците во Тетово му испратија и во првиот и во овој втор круг на гласање посебна порака директно на  Билал Касами дека Тетово не е „главниот град на Албанците“, туку оти мора да биде „главниот град на меѓуетничкото разбирање и заедничкото живеење“ во Република Македонија.

Билал Касами ќе мора во голема мера да го поправи својот политички речник и да не користи повеќе израз „Тетово – албанска општина“, туку да говори „Тетово – заедничка општина на сите етникуми“. Тетово повеќе престанува да биде „етничка тврдина на Албанците“ и започнува да се враќа во нормалноста како мултиетничка средина, во која секој на секого мора да му пружи рака, без етнички шовинизам, без етнички навреди и потценувања. Тетово мора во наредниот период да стане „меѓуетничка тврдина на сите етникуми“!

Оваа иста поправка во својата политичка реторика ќе мора да ја применат и сите други политичари-Албанци во Македонија, вклучувајќи ги и лидерите и функционерите на коалицијата Вреди. Не постојат „албански општини во Македонија“, туку постојат само опптини во Македонија на сите граѓани и општини како граѓански сервиси на сите нивни жители, сите со исти и еднакви потреби, интереси, барања и желби за подобар живот на локално ниво, во нивните села и општини.

Вреди го поддржаа Орце Ѓорѓиевски како нов градоначалник на Скопје, за него гласаа не само Македонци, туку и Албанци, Турци, Срби, Роми и од други етникуми. Што значи дека истата формула за функционирање и за натамошен развој исклучиво како заедничка животна средина важи и за македонската метропола, а не некој да ја дели на „македонски“ и „албански дел“ – едните „од оваа страна на Вардар“, а другите „од другата страна на реката“.

Според првични, но сигурни сознанија, во Кичево многу Албанци гласаа за неговиот нов градоначалник Александар Јовановски, ја согледаа и ја поддржаа неговата мултиетничка насоченост кон сите граѓани на Кичево, без оглед кој е и од која национална припадност е. Посебно е значаен поразот на филозофијата дека „Кичево не смее да падне во рацете на Македонец“, оти тоа е „воен плен од 2001 година“, како што имаше кажано во 2021 година на еден предизборен митинг бегалецот од правдата и поранешниот вицепремиер Артан Груби, некогашната „десна рака“ на Али Ахмети.

Денес  „Кичево падна во рацете“ најпрвин на човек, кој јасно, гласно и прецизно порача во изборната кампања дека овој град и општина им припаѓа на сите еднакво. Кичево престана да биде „воен и етнички плен од 2001“ најпрвин на ДУИ, на Али Ахмети и нивните истомисленици и содејци. Кичево „стана меѓуетнички плен“ на сите, кои сакаат да живеат во мир, разбирање и спокој, соработка и соживот.

Посебно сакам да се осврнам на општина Брвеница и веќе поразениот Хаќим Рамадани, кој го призна поразот од Јовица Илиевски. Рамадани и неговите истомисленици и поддржувачи до денес испраќаа неприфатлива порака дека „Брвеница била на Албанците и ќе остане на Албанците“. Рамадани посегна и по веќе неуспешното сценарио на „инвазија  на албанската дијаспора за изборно гласање“.Тој и неговите поддржувачи до денес му испраќаа еднакво неприфатливи пораки на Мицкоски дека „неговиот изборен пораз“ ќе биде и „национален пораз на Македонците“.

Сите вакви пораки доаѓаа од Хаќим Рамадани, можеа да се прочитаат од неговите објави на фејсбук и на неговите истомисленици. Но, победата на Јовица Илиевски не е „национален пораз на Албанците“, туку пораз на споменатите назадни идеологии од 19 и 18 век. Брвеница била и ќе остане и на Македонците, и на Албанците и на сите други, кои живеат во нејзините села и во неа како општински центар.

Денес на овие локални избори победи ВМРО ДПМНЕ, но пред се победи заедничка Македонија. На овие локални избори не се поразени никои други, туку пред се ДУИ, Али Ахмети и другите партии во нивната опозициска коалиција Национална алијанса за интеграција. ВМРО ДПМНЕ и Вреди истапија и за овие локални избори со филозофијата дека „Македонија е заеднички дом за сите“. Бирачите од сите етникуми со начинот како гласаа денес покажаа дека ја прифаќаат и ја поддржуваат таа меѓуетничка филозофија и идеологија.

Оттука, овие локални избори влеваат силни импулси во правец на меѓуетничката и политичката стабилизација и консолидација на Република Македонија. Овие избори ги поразија сите планирани сценарија за внатрешно дестабилизирање на државата, за создавање инциденти и „избоксување“ предвремени парламентарни избори, заради уривање на постојната Влада на Република Македонија. Сценарио, кое беше планирано и со „Француско-бугарската резолуција на СДСМ“ за божемните „македонските црвени евроинтеграциски линии“.

Од денес Македонија е уште повеќе стабилна држава, која е способна да одржи демократски и мирни избори, која како таква и силно зрачи во Европа и светот.

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“).

Најнови вести од: Македонија

Видео: Пораки од телефон ја отвараат приказната против експретседателката на Антикорупциска Димитровска

Еден ручек . Толку ја чинело експретседателката на Антикорупциска Татјана Димитровска полагањето на тестот за безбедносен сертификатат. Но, не е сигурно дека нејзиниот колега Миле Столевски кој полагал наместо неа, ќарил ручек. Ова произлегува од пораките кои обвинителството ги прочита пред судот со кои ја товари Димитровска за комјутерски фалсификат. Експретседателката и обвинетиот Столевски го […]

Авионските билети поскапуваат за околу 100 евра

Прекинот на глобалните испораки на нафта поради војната во Иран ја зголеми цената на летовите на долги релации од Европа за речиси 90 евра, што веројатно ќе доведе до повисоки цени на билетите, соопшти денеска Европската федерација за транспорт. Зголемувањето на цените на горивото за авиони ја зголеми просечната цена на горивото за 88 евра по патник на летови на долги релации што ја напуштаат Европа и 29 евра на летови во Европа, соопшти T&E.

(Фото): Секој четврти осигуреник не остварува приходи, што тука прави државата?!

Лицата што минатата година имале под 293.000 денари приходи, кои во последните два месеци имале помалку од 48.000 денари, да добијат бесплатно здравствено осигурување, а лицата што имале повисоки приходи од овие да плаќаат придонес на основицата 50 отсто од просечната плата, а тоа е 2.593 денари месечно, да добијат здравствено осигурување.

Повторно активен порталот за електронски услуги за граѓаните

Министерството за дигитална трансформација ја информира јавноста дека Националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk повторно е ставен во функција по завршување на техничките активности. По реализираната техничка интервенција и надградба на системската опрема, повторно е овозможено нормално функционирање на порталот и непречен пристап до електронските услуги за граѓаните.

Како Македонија да се промовира како лидер во рударството во регионот?!

Експертската јавност препорачува Македонија да ги користи природните минерални богатства на ефикасен начин и во хармонија со еколошките, културните и природните вредности со што ќе се овозможи и создавање работни места. Ваквата констатација е наведена и во новата Стратегија за минерални суровини 2026-2046, на која работеше Македонската академија за науки и уметности, а вклучени беа […]

Клековски: Тројца директори на ЈЗУ вратиле по 500.000 денари, кои ги земале со неправилна пресметка на плата!

Тројца актуелни или поранешни директори на јавни здравствени установи вратија по 500.000 денари или вкупно 1,5 милиони денари, што ги земале врз основа на неправилна пресметка на плата. Ова денеска го истакна генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, кој рече дека покрај медицинската контрола нивна континуирана активност е и финансиската контрола.

To top