Македонија

По кратко боледување почина проф.д-р Јован Донев

Замина еден од најголемите македонски интелектуалци

Денеска во Скопје на 71-годишна возраст почина универзитетскиот професор и амбасадор Јован Донев.

Донев зад себе остави богата академска, научна и дипломатска кариера. Во текот на својот професионален ангажман беше посветен на истражувањето на македонската историја, меѓународните односи и геополитичките процеси поврзани со Македонија и Балканот.

Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1979 година. Магистрирал во 1986 година, а докторирал во 1993 година, посветувајќи значаен дел од својот научен интерес на меѓународните политички аспекти на македонското прашање.

Својата научна кариера ја градеше во Институтот за национална историја во Скопје, каде што достигна звање научен советник и редовен професор. Предавал и на повеќе високообразовни институции, меѓу кои Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје и Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Во периодот од 1999 до 2012 година беше извршен директор на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“, а претходно бил и директор на Охридскиот летен универзитет.

Во деведесетите беше претседател и на управниот одбор на Фондацијата Институт Отворено Општество Македонија, под покровителство на филантропот и финансиер Џорџ Сорос.

Во дипломатската кариера, Јован Донев беше амбасадор на Република Македонија во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, со седиште во Лондон, во периодот од 2013 до 2017 година.

Во истиот период бил акредитиран и како амбасадор во Ирска и Исланд, претставувајќи ја Македонија во важен период од нејзините меѓународни односи.

Во 2017 година бил и член на Советот за безбедност на Република Македонија.

Донев е автор и коавтор на бројни научни трудови и публикации од областа на историјата, меѓународните односи и надворешната политика. Меѓу неговите позначајни дела се публикации посветени на Македонија во меѓународните договори, односите на големите сили кон Балканот и македонското прашање во периодот на Балканските војни.

Во последните години беше активен како колумнист и политички аналитичар.

Со неговата смрт, Македонија губи човек кој во текот на својата богата кариера остави значаен белег и во науката и во дипломатијата.

Најнови вести од: Македонија

Стопанската комора бара посебен статус за транспортерите – нивно изземање од шенгенските ограничувања

Посебен статус за професионалните возачи и нивно изземање од шенгенските ограничувања што важат за туристите предлага Стопанската комора како решение за проблемот со македонските транспортери.

Мисирков: Македонците да имаат македонско гледиште, одделувајќи ги своите интереси од интересите на Бугарија – „лошиот демон за Македонија“!

„Бугарската надворешна политика е главниот извор на сите наши несреќи. Затоа не може и да се зборува за некакви арнотии од Бугарија за Македонија. … Македонци! Време е да се убедиме оти лошиот демон за Македонија не е никој друг освен Бугарија. Ете зошто треба час поскоро да си ги одделиме нашите интереси од бугарските..“ – нагласува авторот на „За македонцките работи“ Крсте Мисирков во својот реферат со наслов „Имат ли се нужда од македонцки национални научно-литературни другарства?“, кој го изнесува на денешен ден, на 28 септември 1903 година во Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ во Санкт Петербург (тогаш Петроград). Тогаш идеологот на македонизмот Крсте Мисирков најдиректно ја формулирал идејата дека македонското прашање мора да има сопствен македонски глас. Истапувајќи на денешен ден пред 123 години како национален мислител од највисок ранг тој се залага Македонија да не биде предмет на туѓи политики, а Македонците сами да ја одредуваат сопствената национална и политичка позиција на Балканот – вонвременски завет и предупредување од исклучително значење во ова „евроинтеграциско време-невреме“ за македонскиот народ.

To top