Македонија

Политичките партии се обидуваат да постигнат согласност за изборните измени

Гласањето на дијаспората останува главна пречка

Во Собранието денеска се очекува продолжување на разговорите меѓу координаторите на пратеничките групи во обид да се постигне согласност за измените на Изборниот законик.

Во фокусот на преговорите останува прашањето за начинот на гласање на македонските државјани во дијаспората. Од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат гласањето да се организира по пошта, а деталите за неговата примена да бидат утврдени со подзаконски акт што Државната изборна комисија би го донела најдоцна до 30 септември 2028 година. Од партијата посочуваат дека се подготвени да разговараат и за модел со една изборна единица.

Левица, пак, излезе со предлог средствата за државно финансирање на изборното рекламирање на партиите со пратенички групи да изнесуваат 10 проценти, како и одлуките во Државната изборна комисија да се носат со консензус. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ваквите предлози не се прифатливи.

Во собраниска процедура се наоѓаат измените на Изборниот законик, за кои СДСМ и Левица поднесоа околу 13.500 амандмани. Најголеми разлики меѓу политичките партии предизвика предлогот за електронско гласање на дијаспората.

Од СДСМ наведуваат дека не се против правото на гласање на иселениците, туку сметаат дека електронското гласање не нуди доволни гаранции за безбедност, транспарентност и заштита на изборниот процес. Левица изрази подготвеност да го поддржи овој модел доколку се прифатат нивните барања поврзани со финансирањето на политичкото рекламирање.

На работните состаноци, претставниците на политичките партии веќе постигнале начелна согласност околу распределбата на буџетските средства за изборните кампањи. Предлогот предвидува 97 проценти од средствата да се распределуваат според бројот на освоени пратенички мандати, додека три проценти да бидат наменети за партии и групи избирачи кои немаат претставници во Собранието.

Доколку во текот на разговорите биде постигнат политички договор, СДСМ и Левица најавуваат дека ќе ги повлечат поднесените амандмани, со што ќе се овозможи деблокирање на законските измени. Усвојувањето на новиот Изборен законик е една од преостанатите обврски што земјата треба да ги исполни во рамки на реформската агенда.

Најнови вести од: Македонија

Да се забрани „џанк“ храна во училиштата и да се оданочат зашеќерените пијалаци, бара Клековски

Министерот ги повика граѓаните, особено оние со зголемен ризик или со семејна историја на дијабетес, да не ги игнорираат симптомите како постојан замор, зголемена жед или заматен вид и да направат превентивен преглед.

Тамара Котевска го освои „Британскиот Оскар“ за документарен филм, рамо до рамо со Херцог и Дејвид Атенборо

Македонската режисерка Тамара Котевска, двојно номинирана за ОСКАР и двојно номинирана за ЕМИ, го освои престижното Гран-при признание (за најдобар кино-документарец) на овогодинешното доделување на наградите „Гриерсон“ (Grierson British Documentary Awards) во Лондон, кои во светската кинематографија важат за британски Оскар за документарни филмови.

Се проширува достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“ – од понеделник нова експозитурата во Прилеп

Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да презема активности за да им се овозможи на сите клиенти полесен пристап до сопствените средства и непречено извршување на платежните услуги.

To top