Македонија

Професорите по економија во Македонија основаа национално професионално здружение

Здружението на професори по економија на Македонија беше официјално основано на Основачкото собрание, одржано во кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Скопје.

Здружението на професори по економија на Македонија беше официјално основано на Основачкото собрание, одржано во кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Скопје.

Основачите го потпишаа Основачкиот акт и го усвоија Статутот на Здружението, одбележувајќи го основањето на професионална организација посветена на унапредување на наставата по економија и зајакнување на економската писменост во Македонија.

Формирањето на Здружението претставува резултат на четиригодишната соработка помеѓу професорите по економија од целата држава и Либерал Алтернативниот Институт (ЛАИ). Преку иницијативи како што се Националната олимпијада по економија, Програмите за обука на наставници, EconLit Caravans и други активности, професорите континуирано ја истакнуваа потребата од професионално здружение кое ќе ги обедини, ќе ја зајакне меѓусебната соработка, ќе го промовира професионалниот развој и ќе обезбеди одржлива платформа за понатамошно унапредување на наставата по економија. Одговарајќи на оваа заедничка визија, ЛАИ го поддржа основањето на Здружението како дел од својата долгорочна стратегија за зајакнување на екосистемот за економска писменост во Македонија.

„Во изминатите четири години имавме привилегија тесно да соработуваме со професорите по економија од цела Македонија. Во текот на ова патување, една порака постојано се повторуваше – потребата од професионално здружение кое ќе ги обедини едукаторите и ќе обезбеди платформа за соработка, професионален развој и заедничко дејствување. Денес сме горди што гледаме како таа визија станува реалност. Веруваме дека ова Здружение ќе има клучна улога во зајакнувањето на економската писменост, поддршката на професорите и создавањето нови можности за учениците низ целата држава. ЛАИ останува посветен на поддршката на Здружението како долгорочен партнер во остварувањето на овие заеднички цели.“ Орхан Цека Извршен директор, Либерал Алтернативен Институт

Во иднина, ЛАИ ќе продолжи да го поддржува Здружението и заеднички ќе реализира активности што се во рамките на неговата мисија. Водечките иницијативи, како што се Националната олимпијада по економија, EconLit Caravans и Програмите за обука на наставници, ќе се организираат во партнерство со Здружението, со што дополнително ќе се зајакне активната улога на професорите и ќе се обезбеди долгорочна одржливост и понатамошен развој на овие програми.

Здружението ќе претставува национална платформа за соработка меѓу професорите по економија, ќе ги застапува нивните стручни интереси и ќе придонесува за промовирање на извонредноста, иновациите и континуираниот професионален развој во наставата по економија.

За време на Основачкото собрание, членовите ги избраа органите на управување на Здружението. Абил Идризи (СМЕК „Гостивар“, Гостивар) беше избран за прв претседател на Здружението, додека Весна Ефремова (СОУ „Љупчо Сантов“, Кочани) и Авни Арифи (Универзитет на Југоисточна Европа) беа избрани за потпретседатели.

Извршниот одбор го сочинуваат и Биљана Стаматовска (ОСУ „Мирко Милески“, Кичево), Арта Љеши (СХМК „28 Ноември“, Дебар), Џемал Ибраими (СХМК Гимназија „Сами Фрашери“, Куманово), Дашурије Мехмеди (СМЕК „Гостивар“, Гостивар), Марина Перуновска (NOVA International School, Скопје) и Снежана Кичукова (СОУ „Јосиф Јосифовски“, Гевгелија).

„Како прв претседател на Здружението, ми претставува чест укажаната доверба. Ова Здружение им припаѓа на професорите по економија од цела Македонија. Заедно ќе изградиме активна професионална заедница која ќе промовира извонредност во наставата, ќе поттикнува соработка и ќе придонесува кон подготовка на младите луѓе со знаењата и вештините потребни за разбирање и обликување на економијата на иднината.“ Абил Идризи  Претседател, Здружение на професори по економија на Македонија

Надзорниот одбор на Здружението го сочинуваат Викторија Атанасовска Новевски (University American College Skopje), Али Максути (Универзитет во Тетово), Лиза Алил Сулејмани (Меѓународен балкански универзитет, Скопје), Емилија Митева (Универзитет „Гоце Делчев“, Штип) и Шенај Хаџимустафа (Универзитет на Југоисточна Европа, Тетово).

Иако членството на Здружението првенствено ги обединува професорите по економија од средните училишта низ целата држава, вклучувањето на универзитетски професори во Надзорниот одбор создава силен институционален мост помеѓу средното и високото образование. Оваа структура на управување се очекува да поттикне поблиска соработка, размена на експертиза и поддршка на заеднички иницијативи кои ќе придонесат за унапредување на економското образование и економската писменост на национално ниво.

Економската писменост не е само уште еден училишен предмет – таа е животна вештина која им овозможува на младите да носат информирани одлуки, да размислуваат критички и активно да учествуваат во општеството. Со основањето на ова Здружение, ние инвестираме не само во нашата професија како едукатори, туку и во иднината на нашите ученици, граѓани и нашата држава. Вистинските промени започнуваат кога наставниците ќе се обединат околу заедничка цел.“ Весна Ефремова
Потпретседател, Здружение на професори по економија на Македонија

Основaњето на Здружението претставува значаен чекор за економското образование во Македонија. Со обединување на едукаторите од училиштата и универзитетите во рамките на една професионална платформа, Здружението има за цел да придонесе кон повисоки стандарди во наставата, посилни професионални мрежи и поголеми можности за учениците да ги развијат знаењата и вештините потребни за разбирање и успешно снаоѓање во денешната економија.

Во следните месеци, Здружението ќе започне со проширување на своето членство, со што ќе ги опфати професорите по економија од цела Македонија и ќе изгради национална професионална мрежа посветена на унапредување на економското образование, промовирање на економската писменост и поддршка на континуираниот професионален развој.

Основањето на Здружението е дел од пошироките напори на ЛАИ за зајакнување на екосистемот за економска писменост во  Македонија и е овозможено со поддршка од Economic Fundamentals Initiative (EFI) и Atlas Network.

Најнови вести од: Македонија

Ристески: Клучен приоритет на Владата е да ги задржи младите во Македонија

Законот за сезонски работници што е во сила од 1 јануари 2026 година, сѐ уште не ги дава очекуваните резултати, но ова не е закон направен за една година. Затоа организираме информативни средби и настани со помош на медиумите, стопанските комори, работодавачите и синдикатите – за да ги анимираме луѓето дека пензионери, студенти, оние кои сакаат дополнително да работат и сите категории невработени лица можат да го искористат, без притоа да го изгубат стекнатиот статус, да имаат комплетно пензиско и здравствено осигурување, фер ангажман, платен работен час колку што се ангажирани дополнително и со тоа да остварат дополнителни приходи – рече денеска заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Општина Охрид ги засилува активностите за затворање на депонијата „Буково“ и воспоставување нов систем за комуналниот отпад

Завршена е постапката за избор на проектант за изработка на техничката документација за затворање на нестандардната депонија „Буково“, а во тек се и активностите за изградба на претоварна станица кај Мауцкер и собирен центар во Охрид. Претоварните станици и Регионалниот центар за управување со отпад во Новаци се очекува да бидат функционални во 2030 година. Ова беше истакнато на денешната средба во Општина Охрид, посветена на новиот Регионален план за управување со отпад и воспоставувањето интегриран систем за Југозападниот и Пелагонискиот плански регион.

Зафировски за признанието на Михаилова за ДАНС: Ова е бугарска пародија, во која самата се излаја за поврзаноста со тајните служби

Срамота и давање автогол, бугарска пародија во која Ива Михаилова самата недоветно се излаја за улогата на тајните служби и бугарската ДАНС во целиот нејзин „случај“, посочи безбедносниот аналитичар Воислав Зафировски во „За македонските работи“ со Љупчо Цветановски. Недораснато дете кое избрза и искрено си кажа се што треба и не треба, класичен автогол во полза на Македонија за случај кој беше поддржан и од највисоките бугарски функционери.

Муцунски: Проширувањето на ЕУ е геополитичко обединување на Европа и стратешка инвестиција во постабилен и побезбеден континент

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски синоќа во Скопје се обратил на конференцијата „Безбедноста во Западен Балкан“, организирана од германскиот институт „Аспен“ (Aspen Institute Germany) во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

„КАЖИ НЕ!“ – кампања на МВР против сексуалната злоупотреба на деца во дигиталниот простор (ВИДЕО)

Целта на кампањата е да се подигне свеста кај децата, младите, родителите и пошироката јавност за препознавање и спречување на сексуалната злоупотреба во дигиталниот простор

Јовановски: На негирањата на македонската историја ќе одговориме со научна храброст и смиреност

„Од национални приказни до испреплетени истории“ е насловот на дводневната меѓународна конференција што ја организира Институтот за историја при Филозофскиот факултет на УКИМ по повод 80 години од неговото основање. Програмата опфаќа неколку пленарни и тематски сесии посветени на историските процеси, националните наративи, културните и дипломатските односи, како и на современите пристапи во историските истражувања. Учесниците ќе се претстават со реферати за историјата на Македонија од средновековниот период до современата државност, за односите на Балканот, османлискиот период, светските војни и меѓународните историски влијанија.

Најнови вести

To top