Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, пред повеќе од 200 гости беше промовирано македонското издание на книгата „60 икони на Мајката Божја“ од француската авторка Аријан де Сен-Марк – дело што претставува внимателно селектирана и богато анализирана збирка иконографски претстави на Богородица од VII до XV век. Книгата ги опфаќа најзначајните иконографски типови на Богородица, нивниот теолошки, историски и уметнички контекст, како и нивната улога во византиската и западната традиција.
Авторката Аријан де Сен-Марк истакна дека нејзиниот интерес за византиската уметност започнал спонтано, но прераснал во долгогодишно истражување.
– Јас сум пред сè уметник, не писателка. Мојот интерес за христијанството и византиската уметност се појави случајно, но со текот на времето прерасна во големо истражување. Патував од Финска до Етиопија, а речиси две децении ги истражувавме црквите, манастирите и музеите во Македонија и регионот – рече таа.
Според неа, целта на книгата е да се поврзат источната и западната традиција во претставувањето на Богородица и да се укаже на богатството на православното културно наследство кое, како што нагласи, сè уште не е доволно познато на Западот.
– Вашите цркви и манастири се вистинско богатство – кога ќе ги посетите, потребно е време за да се восхитите на фреските и мозаиците и да се обидете да ги разберете – додаде де Сен-Марк.
Промоторката на книгата, проф. д-р Елизабета Димитрова, истакна дека од 60-те претстави на Богородица опфатени во изданието, дури десет се од македонски цркви. Таа посебно се осврна на фреската избрана за корицата на книгата – „Успение на св. Богородица“ од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Полошко.
– Фреската од Полошко не е случајно избрана. Таа е една од најрепрезентативните меѓу сите 60 примери бидејќи прикажува исклучително емотивен момент во кој Христос ја напушта својата божествена аура за да ја бакне својата мајка, која спокојно почива – истакна Димитрова. Таа додаде дека книгата не е класично структурирана научна студија, туку следи сопствени истражувачки принципи и хронолошка линија на развојот на иконографијата низ средниот век.
Објавувањето на македонското издание е овозможено со поддршка на Анета Антова – Пешева, која истакна дека идејата за книгата започнала пред повеќе години кога се запознала со авторката и ја поттикнала да ги истражува македонските фрески.
– Оваа книга ни ги отвори очите за богатството што го поседуваме. Нашата порака е тоа културно наследство да го покажеме пред светот – нагласи Антова – Пешева.
Промоцијата беше и омаж на преведувачот Тихомир Јанчовски, чиј превод од француски е негово последно дело. За неговиот придонес говореше неговиот долгогодишен пријател Сашо Гигов-Гиш, кој истакна дека „неговото творештво ќе остави длабок печат во македонската култура“, додавајќи дека Јанчовски бил човек на слободната мисла и силниот збор.
Книгата „60 икони на Мајката Божја“ нуди длабинска интерпретација на симболиката, стилските особености и духовната димензија на иконите, претставувајќи ја Богородица како централна фигура во христијанската уметност и духовност низ вековите, а истовремено ја доближува оваа тема и до пошироката публика.
Музеј на македонската борба за самостојност